|
|
Египет – земјата на фараоните и древната култура (10) |
ОД ПАТУВАЊАТА ПО СВЕТОТ – ЕГИПЕТ Некои патувања не само што го предодредуваат престојот, туку за патеписецот остануваат забележани и запаметени со одредени впечатливи траги. Такво беше нашето патување и престојот во Каиро, главниот град на Египет, којшто магично привлекува, особено со чудниот спој на минатото и сегашноста. Мистиката и реалноста, легендите и стварноста. А сè она што го видовме и почувствувавме побуди голем интерес, возбуда, задоволство. Во земјата на милиони квадратни километри оази и пустина, земјата што ја заплискуваат сините води на Средоземното Море и на Црвеното Море, како и земјата што ја делат сребрено-зелените води на реката Нил. Египет е библиска земја, чие име на еврејски е Мусраим, па оттука произлегува името Мисир, земја која се протега долж реката Нил. Според библиските преданија Египет било големо и влијателно царство и како такво во текот на целото свое постоење вршело силно влијание на соседните народи. Синовите и потомците на Јаков живееле во Египет околу 400 години, а потоа биле ослободени со Божја помош, под водството на Мојсеј. Египќаните честопати ги освојувале израелските земји, сè до времето на Давид, кога нивната моќ ослабела. При нашата посета на Египет (попатна посета на авторот на овие редови на Каиро) се послуживме со огромна литература за историскиот развој на Египет. Во неа, меѓу другото, се вели дека Египет претставува стара цивилизација во источниот дел на Северна Африка, сконцентрирана во долниот тек на реката Нил, каде што сега се наоѓа денешен Египет. Оваа цивилизација претставува дел од еден збир на цивилизации. Со еден збор Египет е денешниот прозорец кон далечното минато на човештвото. Успехот на старата египетска цивилизација делумно произлегол и од нивната способност да се приспособат кон условите во долината по течението на реката Нил. Предвидливите поплави и контролираното наводнување на плодната долина придонело кон произведување на вишок култури, кои ги разгореле општествениот развој и културата. Со вишок ресурси, власта го поттикнала искористувањето на минералните суровини од долината и околните пустини. Развивањето и организирањето на колективно градење и земјоделски проекти, трговијата со околните региони и воената опрема наменета за поразување на надворешните непријатели ја осигурале египетската доминација. Поттикнувањето и организирањето на овие активности било изведено од страна на бирократијата сочинета од првокласни писари, верски водачи и службеници кои биле под контрола на фараонот кој обезбедувал соработка и единство на египетскиот народ во смисла на религиозните верувања.
Помеѓу многуте достигнувања на античките Египќани биле и техниките за експлоатација на каменоломите, надзорните и градежните тeхники кои ја олеснувале изградбата на величествените пирамиди, храмови и обелисци. Египќаните, исто така, развиле и математички систем, практичен и ефективен медицински систем, систем за наводнување и техники за земјоделско производство, тие ги направиле и бродовите за кои се смета дека се први, имале технологија за производство на стакло, создале нови литературни форми и го направиле првиот мировен договор за кој се знае. Египет зад себе оставил долготрајно наследство кое е од големо значење и за Египет и за светот. Египетските архитектура и уметност се широко имитирани, а египетските антиквитети се носени во многу далечни делови од светот. Рушевините од спомениците со векови ги поттикнувале фантазиите на патувачите, патеписците и писателите. Новопронајдените антиквитети и ископувања во модерното време доведоа до научни истражувања на египетската цивилизација и поголема почит кон културното наследство во Египет и во светот. Треба да се нагласи дека единството на древниот Египет се однесувало во господарството на фараонот кој имал неограничена власт низ целата држава. Фараонот бил глава на митот кон сите богови во древниот Египет при што и самиот тој бил сметан за Бог. Тоа тврдење најмногу доаѓа до израз при градењето на пирамидите за кои се смета дека, всушност, биле гробници на фараоните како Џосер, Снофер, Кеопс (Хуфу), Кефрен (Хафра) и Микерин (Менкаур). Исто така, многу зајакнал и култот кон Богот на сонцето Амон Ра, а фараоните се нарекувале негови синови.
Низ Египет минува најдолгата река во Африка – Нил, која со своите 6,5 илјади километри крие безброј тајни од дамнина до денес. Таа во Библијата се споменува и како „река“ и како „море“. А години наназад и токму таму египетската цивилизација доживеала процут. Преку реката Нил биле воспоставени трговските патишта од Судан до Мала Азија, Сирија и Македонија. Пролетните поплави и тогаш, како и денес, со своите наноси земјиштето околу реката го правеле плодно, што било услов за поволни природни погодности за живот. Во текот на нашата посета на Каиро слушнавме бројни информации за оваа земја. Така, запишано е тоа што ќе го чуете многу пати – дека историјата на Египет датира од пред 5.000 години пред Христа. Во тоа време Египет бил организирано и бирократско царство кое се развивало со векови и оставило големи траги во историјата на човештвото. Така, пред околу три илјади години, за време на Старото Царство биле изградени првите канали и насипи и биле изѕидани прочуените гробници на фараоните, пирамидите. Нив ги има околу седумдесет и се подигнати во делтата на реката Нил. Најголема е Кеопсовата пирамида, која е висока 146 метри. Во текот на Средното царство (2100-1550 година пр.н.е.) се изградиле големите канали за наводнување и прочуеното вештачко езеро Мерида (Мерис). Инаку, главен град на древното Египетско Царство бил Меноф, а било оформено од кралот Менес кој ги обединил Горен и Долен Египет, кога е изградена и првата голема пирамида. Во текот, пак, на Новото Царство (1550-671 година пр.н.е.) биле преземани освојувачки походи во Сирија и Мала Азија. Интересно е да се одбележи дека еден ракав на делтата на реката Нил бил поврзан со Црвеното Море со канал. Така, Египќаните го прокопале Суецкиот Канал 2500 години пред Европејците. Феникиските морнари во египетска служба за првпат отпловиле околу Африка 2000 години пред Васко де Гама. Во Египет во голема мера се развила културата, а од науките во особено голем подем биле астрономијата и математиката. Во астрономијата, на пример, Египќаните знаеле дека годината има 365 дена, а со математиката се служеле да ја пресметаат површината, речиси, на сите геометриски слики и волуменот на некои тела. Во Египет проникна најстарата писменост; писмото се состоело од слики и цртежи, слично на карпестото писмо во Македонија. Продолжува
|