|
|
Во Каиро – престолнината на Египет (12) |
ОД ПАТУВАЊАТА ПО СВЕТОТ – ЕГИПЕТ Во 640 година Египет бил освоен од Арапите кои останале да владеат околу десет века. Потоа дошле Османлиите, па бил освоен од Наполеон, за подоцна во 1882 година Египет да стане протекторат на Англија. Во тој период трговијата и земјоделството доживуваат подем, а со прокопот на Суецкиот Канал и развојот на бродоградбата, земјата се здобила со странски капитал и станала монархија. Но, со укинувањето на кралството во 1952 година Египет бил прогласен за република. Денес Египет го посетуваат милиони туристи, намерници, научници, пустоловци... кои доаѓаат да се запознаат со антиката, која се среќава насекаде во земјата. Ние се уверивме во тоа при посетата на Каиро. Тој е главен град на Египет и еден од фасцинантните градови во светот. Арапите го викаат Ел Кохра, Англичаните Каиро, а Французите Ле Каир. Тој е најголем град во Африка и во арапските земји, кој е сместен, главно, на десниот брег на реката Нил. Каиро е град на ретка убавина и контрасти, каде се вкрстуваат многу елементи од Истокот и Западот. Таму се прочуените пирамиди и сфингата, од една страна, а цитаделата со голема џамија од другата страна на градот. Има околу 300 џамии и бројни храмови на Копската православна црква. Во него се наоѓа прочуениот муслимански Универзитет „Ал Азхар“, кој е формиран во 972 година, потоа националниот универзитет, големата библиотека, уметничкиот музеј, како и еден од најбогатите и најинтересните египтолошки музеи во светот. Во Каиро постои една од најубавите и најбогатите зоолошки градини. Во Каиро е неопходно да се посети Египетскиот музеј на плоштадот Тарар, каде е сместена најубавата колекција на артефакти (вештачки производи, ракотворби), вклучувајќи го и богатството на Тутанкамон со неговиот ковчег и неговата мумија од пред 3.000 години, кои се зачувани до денес. Тие се откриени во 1922 година во „Долината на кралевите“ во Луксор, каде е најдена многу скапоцена археолошка граѓа. Музејот обилува, исто така, и со големи богати експонати од фараонската, исламската и византиската уметност. Инаку, древните Египќани ги граделе пирамидите како гробови за да ги заштитат телата на мртвите кралеви, бидејќи тие верувале во нивното воскреснување и бесмртност. Пирамидите во Гиза се најпознатите во светот. Исто така, Музејот за исламската уметност е еден од важните споменици на културата не само за Каиро и Египет, туку и пошироко за арапскиот свет. Во него, меѓу другото, се чуваат околу 80.000 ретки експонати од почетокот на исламот до крајот на отоманскиот период. Таму се наоѓа најзначајната и ретка збирка на ракописи, вклучу-вајќи го најголемиот примерок на Куранот во куфитски ракопис на кожа. Овие и многу други значајни предмети ја збогатуваат и така богатата култура и историја на Египет.
Каиро е главен град на Египет, а воедно и најголем град во Африка и на Арапскиот Полуостров. Градот се протега од обете страни на јужниот дел на делтата на реката Нил. За време на своето постоење градот бил центар на многубројни култури во Египет. Каиро е политички, економски и културен центар на Египет и на Блискиот Исток. Градот е престолнина на египетската влада, парламентот како и на сите државни, религиозни структури и дипломатски претставништва во Египет. При нашата посета бевме информирани дека почетоците на Каиро се наоѓаат во неколку пранаселби. Староегипетската населба на источниот брег на Нил, која од Елините (Грците) била наречена Мемфис Римјаните ја доизградиле во тврдина. На север од неа, за време на арапското освојување во VII век од н.е., бил изграден логор кој подоцна се развил во град. И двата града растеле на местото на денешната Каирска чаршија. Откако градот делумно бил уништен од страна на пожари, Абасидите основале нова населба лоцирана на брегот на реката Нил. Откако Фатимидите во 969 година го освоиле Египет, основале главен град кој го нарекле ал Каира (al-Qahira-„Победничкиот“). Под власта на Мамелуките (1250-1517), Каиро станал најважен центар на исламската култура. Во 1517 година, Османлиите го освоиле Каиро и останале да владеат во градот сè до XVIII век. Под водство на Наполеон I, француските трупи го освоиле Каиро во 1798 година, за време на нивната експанзија во Египет. Во 1801 година, градот повторно е освоен од страна на Османлиите. До средината на XIX век, поради зголемените долгови на Египет како и ослабу-вањето на Османлиската Империја, во Каиро постојано се зголемувало европското влијание.
Исмаил-паша, кој владеел од 1863 до 1879 изградил доста објекти во градот и го искористил отворањето на Суецкиот Канал во 1869 година, да го презентира Каиро на европските сили како една вистинска метропола. Голем удел во развојот на градот имале заемите од странство каде што најважна улога играла Велика Британија. Тие ја диктирале и политиката на градот сè до Првата светска војна. Помеѓу војните, населението на Каиро растело со голема брзина и до пред почетокот на Втората светска војна ја достигнало границата од 2 милиона жители, за денес да брои околу 17 милиони жители. Стапката на раст се задржала и во наредните години. Со текот на времето сликата на градот значително се изменила преку високите станбени, комерцијални и владини висококатници. Како седиште на Арапската лига и важната улога која ја имал во мировниот процес на Блискиот Исток, Каиро добива уште поголемо меѓународно значење. Конференцијата на светското население под закрила на ООН, која во 1994 се одржа во Каиро, само го утврдила, па дури и зголемила добриот углед на Каиро на меѓународната сцена. Тема на конференцијата биле проблемите, со кои, меѓу другото се соочува и Каиро. Тоа, главно, се пренаселеноста, сиромаштијата и делумно катастрофалната еколошка и социјална состојба. За жал, и денес Каиро го потресуваат терористички напади врз странски туристи од страна на исламски фундаменталистички групи. Целта на овие екстремистички организации е да се одвратат туристите од патување во Египет и да се дестабилизира внатреполитичката атмосфера. Службена религија во Египет е исламот, а друга религија која е застапена во државата е египетското христијанство, т.н. Копти. Инаку Коптите се жртви на муслиманите кои постојано се борат да формираат стриктно исламска држава. Притоа, организацијата за човекови права установила дека владата во Египет врши дискриминација над Коптите. Исто така, за Каиро бевме информирани дека место-положбата, помеѓу Јужна Европа, Ориентот и Африка била пресудна за оваа метропола да игра улога низ историјата како еден од најважните трговски центри во регионот. Најважни гранки на производството во градот се: преработка на метали, производство на текстил, обувки, мебел, тутун како и материјал за печатење. Тој е економски центар од најголемо значење во регионот, седиште на многу концерни и економски организации. Интернационалниот аеродром се наоѓа во североис-точниот дел на Каиро. Во изминатите неколку децении е забележан рапиден раст на населението во египетската престолнина, а како најголема причина за тоа се смета големата стапка на раѓање. За да може полесно да се контролира растот на градот, во околината се изградени неколку мали гратчиња. Центарот на Каиро има околу 8 милиони жители а заедно со околината и предградието повеќе од 17 милиони жители. Продолжува
|