|
|
На незаборавните Нијагарски водопади (4) |
ОД ПАТУВАЊАТА ПО СВЕТОТ – КАНАДА Од Торонто се упативме за Хамилтон, градот што е сместен на југозападната страна на езерото Онтарио и кој се вбројува меѓу водечките центри на железната индустрија во Канада. Таму, со успех работи Македонската православна црковна општина „Свети Наум Охридски-Чудотворец”. Во овој развиен индустриски град што се наоѓа на крстопатот меѓу Торонто и Нијагара, Македонци, претежно од егејскиот дел на Македонија почнале да се доселуваат уште во дваесеттите години од минатиот век. Бидејќи на источниот дел на езерото Онтарио, во Торонто веќе постоеше црквата „Свети Климент Охридски”, што потсетува на црквата „Свети Климент” во Охрид, беше одлучено црквата во Хамилтон да го носи името на свети Наум Охридски, на другиот голем просветител и да потсетува на црквата „Свети Наум” во Охрид. Иницијатор за формирање на оваа црковна општина беа членовите на Националната организација „Обединети Македонци” – гранка Хамилтон. Пред конституирањето на црквата во Хамилтон постоеше Фудбалски клуб „Обединети Македонци” кој подоцна го промени името во „Македонија”“, а потоа и во „Илинден”. Членовите на овој клуб формираа иницијативен одбор за организирање на црковната општина. Така, на 24 февруари 1970 година управата успеа пред канадските власти да го регистрира овој духовен и културен центар на сите Македонци во Хамилтон и околните места. Потоа, на 9 мај 1971 година, во присуство на голем број Македонци од Канада и Соединетите Американски Држави, црквата „Свети Наум Охридски” беше осветена од тогашниот дебарско-кичевски митрополит Методи. Во рамките на црковната општина уште во 1973 година започна со работа неделното училиште на македонски јазик. Потоа, започна емитување на македонска радио-програма како дел од мултикултурната информативна дејност, а во 1978 година за првпат се слушна македонскиот збор и на мултикултурната телевизиска програма. Исто така, во состав на црквата активна беше Играорната група „Илинден”“, а денес се активни: женската и спортската секција. Црквата „Свети Наум Охридски” денес е во новиот објект кој е поголем и овозможува подобри услови за бројни активности. Оваа црковна општина го одбележа своето 40-годишно постоење во октомври 2011 година, кога и се одржаа голем број активности.
Меѓутоа, да се биде во Канада, неодминливо е да се посетат Нијагарските Водопади. Ние го посетивме тој дел на Онтарио во делник кога пред нас се појави и најголемиот водопад од канадската страна, кој е поживописен и повпечатлив од помалиот водопад што е на американската страна. Тие изгледаа како скромни речни јазови што ги создала природата да бидат единствени на Земјината топка. Тоа беше глетка што не може да се заборави и остава трајни впечатоци кај посетителот. Исто така, го посетивме и Веландскиот Канал, низ кој водниот сообраќај претставува главна артерија меѓу езерата Ири и Онтарио, а оттаму преку Сент Лоренц водената маса навлегува во Атлантскиот Океан. Петте големи езера во граничната област меѓу Соединетите Американски Држави и Канада според површината што ја зафаќаат наликуваат на море. Не случајно и се нарекуваат Средоземно Море на Северна Америка. Нивните води во Атлантскиот Океан ги носи реката Сент Лоренц. Планот да се изгради континентален пловен пат во должина од над 3 700 км од утоката на Сент Лоренц до Дјулут на Горно Езеро е многу стар. Во 1932 година Соединетите Американски Држави и Канада склучиле договор за заедничка изградба на водениот пат Сент Лоренц. Меѓутоа, поради висинските разлики меѓу езерата и брзината на истекувањето на водата во реката било неопходно да се изградат брани и канали. Така, најголемиот континентален воден пат на светот бил готов во 1959 година. Шеснаесет брани го подигнале овој воден пат до 184 метри над морската површина. Од езерото Ири истекува реката Нијагара која, по изминати 54 километри, се влева во езерото Онтарио. Во почетокот реката Нијагара е широка 1200 метри, а по изминатите десетина километри се разделува на две ракавици меѓу кои е Големиот Остров. Низводно повторно се соединуваат нејзините води, кои течат преку брзаци и слапови, за по изминати 7 километри да ги формираат прочуените Нијагарски Водопади.
Нијагарските Водопади кои се чудо на природата се една од најпосетените туристички атракции на северноамериканскиот континент и на сите меридијани. Водената симфонија на Нијагара е спој на природата, митското, сонот и јавето. Нијагарските Водопади со Козјиот Остров и островчето Лунен се разделени на два одделни водопада - лев и десен. Левиот дел - канадски, наречен „Потковица”, бидејќи има облик на голема коњска потковица, ги спушта водите од околу педесет метри височина, а во широчина речиси од еден километар. Низ „Потковицата” која е најубавиот дел на водопадот, протекува поголемиот дел од нијагарската вода. Десниот дел на водопадот, пак, се наоѓа во Соединетите Американски Држави. Тој е помал, висок е 51 метар и широк околу 320 метри. Силната бучава на водопадите се слуша во пречник од неколку километри, бидејќи водената маса се струполува од двете страни на Козјиот Остров. Во воздухот се издигаат пена и воден прав. Сончевите зраци се прекршуваат од нив, растурајќи се во спектар од бои. Виножитото се гледа на оддалеченост од десетина километри. Спектарот од бои, пак, е ист како и оној на македонското виножито. За убавината на водопадот придонесува височината, од која околу 7 000 км3 вода во секунда паѓа во бездната од огромната водена маса. Во зависност од годишното време се менува и ликот на водопадите. Есента е пријатна со изразити есенски тонови. Зиме водениот прав замрзнува уште во воздухот и од врвот на водопадите до студената бездна се формираат прекрасни кристални завеси. А кога настапува пролетта и бујните води на Нијагара ќе ги понесат огромните ледени блокови, трескотот што се создава при струполувањето и од триењето на мразот од ѕидовите на водопадот, е уште посилен. Тогаш виножитото што се раѓа го разубавува денот. Меѓутоа, ноќните екскурзии до Нијагара сè уште поинтересни. Осветлени со илјадници електрични светилки (рефлектори), водопадите добиваат фантастичен изглед, кој го опијанува посетителот застанат пред ова чудо на природата. Нијагарските Водопади постепено „ползат” кон езерото Ири, каде и започнува стрмниот дел. Пресметано е дека секоја година малиот водопад се повлекува за 5 - 6 сантиметри, а големиот за 60 - 70 сантиметри. Од создавањето па до денес „Потковицата” се приближила до езерото Ири за 11 километри. Тоа се објаснува со разурнувањето што го предизвикува водата и материјалот што го носи врз скалестиот праг. За сегашниот изглед биле потребни 6 000 години, а за да стигне до езерото Ири и да исчезнат водопадите или да бидат уште поголеми, потребни му се уште не помалку од 180 000 години. За Канада и Соединетите Американски Држави Нијагара и нејзините водопади се голем извор на приходи. Водопадите ги посетуваат милиони посетители кои како на една своевидна авантура доаѓаат од целиот свет. Од друга страна, пак, огромната водена сила се користи за добивање на електроенергија. Направени се голем број гигантски хидроцентрали, особено од канадската страна. Инаку, градот Нијагара се наоѓа на левиот брег на реката и претставува голем туристички центар. Во него живеат стотина илјади жители, кои претежно се занимаваат со туристички гранки. Таму има бројни хотели, ресторани, казина и други атрактивни објекти, кои привлекуваат милиони туристи од целиот свет. И ние во Нијагара се чувствувавме како дел од глобалниот свет кој доаѓа и од американската, а повеќе од канадската страна на Нијагаските Водопади. Ја посетивме првата хидроцентрала што е сместена под градот Нијагара, а за која проектот го направил Никола Тесла чија биста е на видно место во знак на благодарност за неговото големо дело, од каде се шират нијагарските хоризонти, а на восхитот на уникатните водени танци му нема крај.
Кога го гледавме и се одушевувавме на постигнатото дело на Никола Тесла нашиот домаќин се насмеа и рече: „Еве што може да направи еден научник од македонско потекло”. Тој не убедуваше дека потеклото на Никола Тесла, кој го добил презимето од македонскиот збор „тесла”, било од Македонија, дека неговите предци биле ѕидари и дограмаџии и затоа ги нарекле „тесла”, а татко му бол поп. Ние му рековме на нашиот домаќин дека ова прашање ќе го оставиме на историчарите. Но факт е дека светската личност Никола Тесла како научник оставил траен белег на човештвото. Продолжува
|