|
|
Во посета на Соединетите Американски Држави (5) |
ОД ПАТУВАЊАТА ПО СВЕТОТ – СОЕДИНЕТИТЕ АМЕРИКАНСКИ ДРЖАВИ Соединетите Американски Држави (САД), се сместени меѓу Атлантскиот и Тихиот Океан, меѓу Канада и Мексико, а се составени од 50 сојузни држави и еден сојузен округ, заедно со Алјаска и Хаваите, Соединетите Американски Држави се вбројуваат меѓу најголемите држави во светот, во кои живеат повеќе од 240 милиони жители. Поголемиот број Американци се доселени од Европа, главно, од Велика Британија и од Ирска, од Германија, Шпанија, Италија, Русија, Полска, Чешка, Словачка, Украина, Грција, Норвешка, Шведска, Данска, Македонија и голем број латиноамерикански земји. Исто така, во САД има бројно афроамериканско население, голем број Евреи, Мексиканци, Индијанци, потоа Јапонци, Кинези, Јужно Американци и други народи. Така, покрај борбите со Индијанците, во 1775 година почнале првите судири меѓу американските доброволни одреди и англиската војска, со што, всушност, почнала борбата на северноамериканскиот континент за независност. Во 1783 година, со потпишувањето на Версајскиот мировен договор, Англија им ја приз-нава независноста на Соединетите Американски Држави, со што настануваат крупни промени не само во Соединетите Американски Држави, туку и во целиот свет. Соединетите Американски Држави претрпеа повеќе потреси, пред сè Граѓанската војна од 1861 до 1865 година, потоа економската криза која траеше од 1929 до 1935 година, Втората светска војна, особено војната со Јапонија и употребата на атомското оружје над Хирошима и Нагасаки, па сè до денешните кризни жаришта и војните и потреси во многу земји во светот, меѓу кои се Сирија и Авганистан. Според економската структура, Соединетите Американски Држави се индус-триско–аграрна држава, која достигнува многу висок степен на развој на производните сили во сите стопански гранки. Со тоа, тие имаат економска доминација во светот, што придонесува за зголемување на капиталот во целиот свет, поради што тие претставуваат една од водечките светски економски сили.
Главен град на Соединетите Американски Држави е Вашингтон, кој се наоѓа во сојузниот округ Колумбија и заедно со предградијата има повеќе од три милиони жители. Други важни метрополи се Њујорк, Чикаго, Лос Анџелес, Филаделфија, Детроит, Бостон, Балтимор, Кливленд, Сан Франциско и др. Релјефот на Соединетите Американски Држави е многу разновиден, така што континентал-ниот дел се дели на неколку големи географски области, различни по простор и природни богатства. Вашингтон, главниот град на Соединетите Американски Држави го добил своето име по првиот Претседател, Џорџ Вашингтон. Се наоѓа во Федералниот округ Колумбија, специјална област која не е сојузна држава. Градот и округот на Вашингтон се наоѓаат на бреговите на реката Потомак и се граничат со државите Вирџинија (на југозапад) и Мериленд (на север, исток и југ). Градот е испланиран и изграден кон крајот на XVIII век за да служи како главен град на државата, а федералниот округ е основан за да го одвојува главниот град од државите. Од 1800 година, Вашингтон е дом на сите три најважни гранки на Владата на САД: Конгресот, Претседателот и Врховниот Суд. Исто така, Вашингтон е дом и на Светската банка, Меѓународниот монетарен фонд и Организацијата на американските држави. Бидејќи е дом на Претседателот и е значаен за политиката на САД. Во него многу групи одржуваат демонстрации и протести, најчесто во Националниот парк. Многуте културно – историски споменици, музеи и други установи на културата, уметноста и спортот, пак, го прават Вашингтон популарно туристичко место. Инаку, според историските податоци кога во 17 век во областа на денешен Вашингтон пристигнале првите Европејци, тој бил населен со Индијанците, од кои во 18 век во голема мера биле преселени подалеку од оваа област. Според историските документи, Џејмс Медисон истакнал на 23 јануари 1788 година во својот есеј “Федералисти № 43”, дека престолнината на земјата треба да се разликува од државите, за да обезбеди сопствената егзистенција и безбедност. Инаку, правото за создавање федерална престолнина е предвидено во Уставот на Соединетите Американски Држави, дозволувајќи им на “округот (не поголем од десет квадратни милји) да стане седиште на владата на САД преку признавање на територии на одредени држави и одобрување од Конгресот. На 16 јули 1790 година со посебен закон се предвидува новата престолнина да биде распоредена за секогаш крај реката Потомак, а точната површина да биде избрана од претседателот Вашингтон. Новиот “Федерален град” е изграден на северниот брег на реката Потомак источно од утврденото населба во Џорџтаун. На 9 септември 1791 година “Сојузниот град” е именуван во чест на Џорџ Вашингтон и округот е прогласен за територија на Колумбија, користена во тоа време како поетско име за САД. Конгресот го одржал својот прв состанок во Вашингтон на 17 ноември 1800 година, кога и официјално се обединиле градовите Вашингтон, Џорџтаун и Александрија, формирајќи го делот од федералната територија на округот Колумбија. Меѓутоа, најголема метропола на Соединетите Американски Држави е Њујорк. Тој е светски центар кој со пошироката градска околина има околу 17 милиони жители и претставува најголемо пристаниште и најголем стопански центар во светот. Овој велеград се развил на утоката на реката Хадсон и на бреговите на заливот кој го затвора островот Лонг Ајленд.
На почетокот на најважниот дел од Њујорк, кој се вика Менхетен, од источната страна на реката Хадсон, Холанѓаните во 1625 година подигнале тврдина, а неколку години подоцна за ситници, вредни 24 долари, од Индијанците го откупиле Менхетен. Тој регион на Њујорк денес е најскапиот дел од овој голем град, каде секоја педа земја се плаќа со баснословни суми пари и злато. Холанѓаните го нарекле Нов Амстердам. Меѓутоа, во 1664 година тој простор го освоиле Англичаните и го нарекле Њујорк. Во 1789 година станува главен град на Соединетите Американски Држави, кога Џорџ Вашингтон е прогласен за прв претседател на Соединетите Американски Држави. Често се вели дека патиштата на северноамериканскиот континент, главно, водат, се вкрстуваат или заминуваат од светската метропола - Њујорк. Овој мегалополис по многу нешта е карактеристичен, контроверзен, убав и значаен, ако не и најзначајниот град на светот, чија архитектура, култура, минато и се-гашност се еден импозантен и многу впечатлив мозаик, кои му даваат посебен и уникатен белег. Затоа, не случајно се рекло дека да се види Њујорк значи да се почувствува големината, постигнувањата и развојот на човештвото, со вистините кои се видени на филмското платно, преку малиот екран, во фантазиите, мечтите на јаве. Меѓутоа, се чини дека од сè највпечатлив е Њујорк од авион, кога сите карактеристичните згради, авениите и друмовите со своите нишани од птичја перспектива се имаат како на дланка и ја збогатуваат американската разгледница и силните впечатоци на туристите. Бројот на припадниците на некои народи е многу голем. Така, во Њујорк живеат повеќе Ирци отколку во главниот град на Ирска - Даблин. Италијанци има повеќе отколку во Рим, а со над 500 000 Афроамериканци, Њујорк е голем град на таа раса. Њујорк е граден во европски стил, со збиени улици и квартови. Должината на улиците во Њујорк изнесува 9.000 км, колку што изнесува растојанието од Охрид до Рио де Жанеиро. Улиците, главно, се прави и наместо имиња се означени со броеви, и во одделни делови на Њујорк се движат повеќе од 5,5 милиони патнички возила 1,5 милиони автобуси и повеќе од еден милион жолти такси-возила. Освен тоа, во Њујорк од разни правци и градови дневно влегуваат околу 600 000 автомобили. За да се сфати колку е жив сообраќајот, треба да се додаде и тоа дека и подземните железници дневно превезуваат околу 10 милиони патници. Бројки што навистина пленуваат и збунуваат. Ете, тоа се дел од особеностите на овој голем град, кој има жители колку Белгија и Австрија заедно. Тоа е градот на прочуената Статуа на слободата, на 11 универзитети, театри, музеи, галерии, значајни издавачки куќи, економски, трговски, научни и други институции; тој е седиштето на Обединетите нации, а во исто време Њујорк е градот на филмот, музиката, љубовта… Продолжува
|