|
|
Туристичките прошетки во Мексико и враќањето во Македонија (12) |
ОД ПАТУВАЊАТА ПО СВЕТОТ – МЕКСИКО Во текот на нашиот престој во Порто Ваљарта посетивме различни културно-историски и други споменици. Таму има мал број музеи, но тие што ги има се ориентирани кон продажба на уметнички дела и други интересни предмети за туристите. Еден од нив е музејот на Мануел Лепе, кој се наоѓа во центарот на Порто Ваљарта и е посветен на животот и делото на починатиот мексикански уметник Мануел Лепе, кој е автор на многу уникатни дела. Исто така и музејот Навал е во центарот на градот, а во него, меѓу другото, има и керамики, накит, таписерски креации, чамци и минијатурни скулптури. Музејот на Куала е сместен исто така во централниот дел на Порто Валарта покрај реката Куала, по која го добил името. Во него има импресивна колекција на антички предмети, заедно со разни други уметнички предмети Тој е простран и содржи голем број информативни материјали од минатото на Западно Мексико. Меѓу експонатите можат да се видат голем број археолошки богатства што се најдени во овој регион, традиционални мексикански уметнички дела, предмети од различни занаети, фолклорни експонати и некои добро сочувани предмети од периодот пред да дојдат Шпанците во Мексико.
Покрај тоа што градот Пуорто Ваљерта е значајно летовалиште на брегот на Тихиот Океан, тој е град кој нуди широк спектар на цркви и храмови од главните религии и вери. Таму постојат голем број католички храмови, но има и други христијански, баптистички, мормонски, храмови на Јеховините сведоци и други религии. Ние ја посетивме католичката црква „Пресвета Богородица на Гвадалупе“, која доминира над хоризонтот во центарот на градот и е еден од омилените симболи и обележја на Порто Ваљарта. Таа е еден од најважните споменици на градот и духовниот центар на католиците на тие простори. Оваа црква пленува со својата големина, и со сé она што го видовме во храмот и надвор од него. Таа е најголемиот католички храм на тие мексикански простори, на кои христијанството преовладува. Беше задоволсто да се седи во храмот и да се разгледа внатрешниот дел со сите богати христијански предмети од влезот до олтарот. Во црквата се препознаваат различни стилови, како што е неокласицизмот во главната зграда и ренесансните стилизирани кули. Бевме информирани дека во црквата „Пресвета Богородица на Гвадалупе“, на празник на Гвадалупе, секоја година од први до дванаесетти декември се одржува фестивал. Карактеристично за свеченостите е тоа што во текот на фестивалот има мешавина од традициите од христијаните и Ацтеките. Така, млади воини танцуваат по улиците, во поворка која поминува по целиот град, каде се вклучуваат многу банери, музика, пеење и разнобојни декорирани предмети по повод одбележувањето на чудесното појави на Богородица од Гвадалупе на домородниот селанец наречен Хуан Диего на 12 декември, 1531 година. Всушност празникот на света Богородица од Гвадалупе е една од најпознатите сакани, почитувани и популарни прослави на кои присуствуваат десетици илјади луѓе, локални жители, туристи и посетители на Пуерто Ваљарта. Во текот на нашиот двенеделен престој во Порто Валарта имавме можнот да посетиме еден вид фабрика за правење текила. Таке, едно утро, пред неколку дена да заминеме во Канада, заедно со уште четири туристи од хотелот тргнавме на западниот дел на градот, а потоа навлеговме длабоко во џунглада. Патот беше неасфалтиран и со многу дупки, но нашата љубопитност беше поголема од скокањето во џипот. По половина час возење стасавме пред една неугледна зграда покриена со високи тропски дрва. Таму нé пречекаа неколку мажи и две убави мексикански дами. Ние бевме со големо љубипитство, а во исто време се прашувавме за целиот тој бизнис. Домаќините ни ги покажа голем број од просториите и не запознаа со процесот на правењето текила, процес кој многу не се разликува од македонскиот начин на варење комова и шливова ракија. По разгледувањето на дел од оваа Фабрика за текила го посетивме салонот за гости, каде бевме почестени со текила како нивен производ. Изненадување за нас беше кога ни дадоја по едно половина литарско шише со текила, на кои професионално беа ставени наши фотографии кои тие ги направија уште со самото пристигнување. Но, уште поголемо изненадување беше кога ни побараа по 50 американски долари за секое шишече со фотографија. Ја напуштивме оваа оаза на текилата и се упативме кон еден уникатен ресторан во џунглата во кој имаше многу гости. Таму се јадеше и пииеше до доцна попладне, кога малку во поднапиена состојба го напуштивме ресторанот и се упативме кон Порто Ваљарта. Бидејќи се враќавме по друг пат низ џунглата, застанавме во едно мало село каде живее домородно население. Тие не почестија со некој нивни пијалок, налик на нашата струмичка мастика, ни продадоја прекрасни рачни ракотворби за кои плативме по само неколку долари, што за нив беше голема зделка, потоа пријателски и топло се поздравивме и си заминавме. Во доцните попладневни часови се вративме во хотелот каде ја продолживме нашата патувачка турнеја, но овој пат на пространата тераса на хотелот „Лас Палмас“, каде уживавме во мексиканската музика, танци и песни. Како и во минатите вечери така и таа вечер која за нас беше последна во Мексико имаше посебен драж, задоволство и зголемување на спомените кои со внимание ги забележувавме во нотесот.
Ни се причина дека ноќта во Порто Ваљарта беше куса. Во утринските часови пред заминување за на аеродромот излеговме пред хотелот „Лас Палмас“ на песочната плажа на Тихиот Океад, од каде во далечините се покажаа непрегледни океански предели. Од глетката во Океан човек има чувство дека на песокот и водите им нема крај и дека таму некаде во некои далечни простори престанува животот. Стасавме на меѓународниот аеродром во Порто Лаварта, каде имаше многу патници кои се враќаа од одмор. Затоа, подолго време почекавме за да ги провериме билетите, но потоа брзо ги завршивме царинските процедури и се најдовме во „железната птица“, која за петнаесеттина минути полета кон Тихиот Охеан. Долго вртеше над недогледните води за да го продолжи патот кон Торонто. Ги прелетавме од крај до крај Соединетите Американски држави и се најдовме на канадскиот простор и бевме над недогледијата на патот кон Торонто. И над овој светски град, веројатно поради големиот авионски метеж на аеродромот, леталото направи круг над Торонто. Ова беше можност за миг да се ужива во прекрасната глетка над Торонто и езерото Онтарио. Беше големо доживување од птичја перспектива да се види Торонто, неговите високите облакодери, безбројните широки автопатишта и новите населби. Авионот слета на аеродромот „Пирсон“ кој е изграден во непосредна близина на Мисисага. Тој е огромен и беше преполн со авиони и други летала. Тука го завршивме нашето патување и престој во Порто Лаварта, во Мексико, кое за нас претставуваше вистинско доживување, голем предизвик и своевидна авантура. Во Торонто останавме уште неколку дена да се видиме со нашето семејство и пријателите, а имавме среќа да присуствува и да бидеме почесни гости на прославата на Македонското патриотско радио “Обединета Македонија” од Торонто. Тоа е едно од неколкуте радио часови во ова канадска петропола, кај кое доаѓаат до израз, пред сé и над сé, националните белези на македонскиот народ од етничка Македонија. Македонското патриотско радио “Обединета Македонија” ја започна својата информативна дејност уште во 1998 година, со своја аматерка програма и скромни финансиски можности. Водитети и уредници е брачната двојка Драгица и Мицко Димовски, кои водат потекло од битолскиот крај. Радиото се емитува секоја сабота од 9-10 часот наутро на 1430 АМ на Радио станицата СНКТ, а повторно емисиите се емитуваат на интернет на Етничкото радио за слушателите во Ванкувер и Калгари, во западниот дел на Канада. Инаку, Македонското патриотско радио “Обединета Македонија” настојува во голема мера да ги запознае слушателите со политичката состојба во Македонија, со македонскиот јазик, културата, религијата, историјата, фолклорот, обичаите и други постигнувања на Македонците во Канада, САД и во Република Македонија. По неколку дена повторно се најдовме на аеродромот „Пирсон“ во Торонто, но овој пат го чекавме авионот на „Аустриан Еирлаинс“ кој требаше да лета од Торонто за Виена, а потоа од Виена за Скопје. И овој пат како и повеќе од стотина пати во изминатите педесеттина години, чувствата и помислата дека се враќаме во нашата убава татковина Македонија беа големи. А Македонија и македонскиот народ од Етничка Македонија ги носевме во срцата и душите во сиве овие наши патувања. Полетавме од аеродромот „Пирсон“ и повторно од висините го гледавме Торонто и езерото Онтарио и се упативме кон Монтреал, Атланскиот Океан и Европа. Заради временските разлики од седум часа, ноќта беше мноу куса и во утринските часови долетавме во Виена. Беше убав, сончев ден кога полетавме од Виена и се упативме кон Скопје. За час и половина се најдовме на македонските висини и авионот го промени курсот на слетување некаде над Велес и започна да се спушта кон аеродромот „Александар Велики“ во Скопје. И тука како и на другите светски метрополи брзо ги поминавме царинските контроли и се најдовме на македонска земја, а со тоа го завршивме едно од најдолгите патувања во нашите анали, и тоа: од Скопје за Торонто, од таму за Порто Лаварта, од Мексико назад за Канада и од Канада за Македонија. Крај
|