|
|
Атанас Близнаков – најголемиот донатор од македонското иселеништво (3) |
РОДНОТО СЕЛО Д’МБЕНИ – КОСТУРСКО Д’мбени родното село на Атанас Близнаков, што се наоѓа во Костурско, во егејскиот дел на Македонија, веројатно го добило своето име затоа што во минатото во селото и околу него, имало густа дабова шума. А и легендата што се пренесува од поколение на поколение вели дека некогаш некои селани од селото Сајново, Костурско, го загубиле својот крупен добиток во соседната густа шума. По долго талкање и барање во шумата, го нашле добитокот околу еден голем извор од кој бликала силна бистра планинска вода. Изворот се наоѓал меѓу високите дабови дрвја. Ова живописно место на селаните им се видело згодно за живеење и затоа некои од нив се доселиле во непосредна близина на изворот. Подоцна, постепено на таа месност почнале да се населуваат семејства не само од селото Сајново, туку и од селата Света Петка, Баница, Берик, Горно Сливени, како и од селото Пандатур, а подоцна и од други населби. Така селото пораснало во непроодната месност над која се вишнеела густа дабова шума, поради што тие му го дале името Д’мбени. Со населувањето на новото село Д’мбени, изворот што се наоѓал во таа месност го направиле кладенец, и така маалото што се подигнало околу кладенецот било наречено Кладенско Маало, а другото кое било изградено на каменлив терен го нарекле Каменско маало. Колку векови постоело Д’мбени? Засега е утврдено дека првпат под своето оригинално име се споменува во еден попис на Костурскиот вилает во 1445 год., како населба со 13 христијански семејства. И во уште еден попис од 1569 год. на Отоманската империја Д’мбени е евидентирано веќе со 125 христијански семејства и 4 муслимански куќи. Во споменатиот запис селото се води под името Дамбени.
Со своја лингвистичка анализа и споредба со другите топоними во Македонија и пошироко во повеќе словенски јазици, М. Соколовски името на селото го става во контекст со дабот (Љуерцус), но ја бара асоцијацијата и со старословенските зборови од кои го истакнува можното значење на зборот ,,Д’жба” што асоцира на ,,вода”, ,,дол”, или ,,рид”. Сигурно и многу векови пред тоа постоело Д’мбени. А живи сведоци за тоа се стотици оригинални македонски топоними, прекрасни имиња на ридишта и месности, кои сами по себе говорат за богатите традиции на Д’мбенци. Во еден летопис на Јоан Скилиѕи читаме: ,,...Од овие четири браќа, Давид наскоро загинува и тој беше закопан меѓу Костур и Преспа во таканаречените Добри Дабови...”. Ова се случило како што е познато, во 976 год. Дали е тоа д’мбенската месност Злостана, околу 3 км. западно од селото, чие име д’мбенци го поврзуваат со загинувањето на Самоиловиот брат, па ,,Добрите дабови” ги преименувале во Зло-стана? Селото Д’мбени се наоѓа во северозападниот дел на Костурската околија во Егејска Македонија. Расположено е на еден гранитен масив што се вика Малимади, огранок на планината Вињари, во должина од околу еден километар. Од градот Костур е оддалечено околу 20 км, а од Билишта, гратче што се наоѓа во НР Албанија, околу 25 км. На север преку планината Вињари се граничи со селото Брезница; на североисток преку планината Костолата со селата Габреш и Дреновени; на исток, преку планината Тумба, Кирјака и Тројница, со селата Шештеово, Апоскеп и Жупаништа; на југоисток со селото Косинец, а преку планината Арвенико и со селото Смрдеш. Сите овие села биле, а некои и сега се, населени со чисто македонско население, со исклучок на Сливени (населено со Маџири, доселеници од Мала Азија), додека селата Четирок и Света Недела се со мешано население – Македонци и Маџири. Селото од својот настанок се викало Д’мбени, односно Дамбени според македонскиот литературен јазик. Со паѓањето на Егејска Македонија под Грција по Првата балканска војна и по Првата светска војна, Грците го измениле името прво во Д’мбени, а со Наредбата на грчката влада од 31. VIII.1926 година (што била објавена во владиниот весник на 4.X.1926 година) го добило името Дендрохори. И денес така го води грчката администрација. Ова грчко име е всушност превод на македонското Д’мбени, што значи даб – д’б, а дендро – дрво. Дендрохори описно преведено значи село во дабови дрвја. Селото Д’мбени е лоцирано во јужното подножје на планинскиот масив Малимади, поточно под еден од неговите врвови Вињари. Селскиот атар има голема територија од која поголемиот дел му припаѓа на планинскиот масив, а другиот дел е ридскопланински и го зафаќа, главно, просторот јужно од селото.
Насоките југоисточната, јужната и југозападната се отворени кон Четирското Поле, а другите три: североисточната, северната и северозападната се просторно затворени со планинскиот масив Малимади и делумно со планината Тревица на источната страна. Инаку, Малимади е варовнички карстифициран планински масив кој достигнува најголема височина со врвот Орлово 1715 м над морето. Има високопланинско плато со надморска височина над 1500 м, што е карактеристично за карстифицирани варовнички планински масиви. Низ планинскиот масив има поголем број пештери кои и денес не се доволно истражени. Во западниот дел на селскиот атар кон косинско, варовникот се заменува со палеозоитски шрилци. Шкрилците се присутни и на истичната страна на селскиот атар, главно, преку реката Бистрица, кај Шештевската Планина и северно кон селото Габреш. Реката Бистрица има оформено длабок кањон во варовничкиот масив низводно во подножјето на планината Тревица од исток и во неогенските квартерни седименти кон селото на запад. Неизбришливи траги Д’мбени оставило во Илинденската епопеја, но и во поранешните бунтови против отоманското владеење под кое Костурско се нашло 1380 година. Живеело и опстанувало, се развивало со своите македонски национални и народно – револуционерни, културни, хумани и какви уште не традиции во сите сфери на животот како вистинско македонско огниште, кое згаснало во јуни 1948 год. Каква трагедија! Било опожарено и уништено од грчката владина војска во текот на Граѓанската војна во Грција и, потоа срамнето со земјата... ПЕСНА ЗА ТАШКО КАРАЏА О, Македонијо За тебе гинеа Тој беше борец Во Солун затвор Само две думи Јаска загинвам Продолжува
|