|
|
Атанас Близнаков – најголемиот донатор од македонското иселеништво (9) |
ЖИВОТОТ НА ИСЕЛЕНИЦИТЕ ВО ВРЕМЕТО НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ РУЗВЕЛТ Атанас Близнаков бил отпуштен од работа во февруари 1930 година и сé што имал спечалено дотогаш за осумгодишното работење, заедно со позајмените пари, го имал вложено за купување на неколку градежни парцели во градот Гери (Индијана). Така сметал дека сопствената заработувачка да ја затвори во сигурна вредност и се надевал дека ќе дојде до некој долар повеќе при нивното продавање. Но, по избувнувањето на кризата, цената на градежните парцели и воопшто на земјата паднала на најниско ниво. А ануитетот за земениот кредит, што бил оптоварен со камата, морал да го плаќа, затоа го продал целокупниот имот. Со добиените пари го вратил најголемиот дел од долговите и така останал и без пари и без куќа. Загубил сé што имал заработено со голем труд и време и голема сума пари му отишла во неповрат. Со тоа биле срушени сите негови надежи дека со дотогашниот напорен труд успеал да обезбеди спокојна иднина, за времето кога од физички причини не ќе можел да заработува. Тоа го натерало да застане меѓу работниците што понекогаш чекале пред вратите на големата Железарница (Steel Work Co.). Така, еден ден го повикале уште со тројца други работници да влезе во Железарницата. Бил радосен, иако не знаел што ќе работи. Работата што ја добил била посебно тешка, но како млад човек го издржал и тоа. Најважно му било дека се вработил и дека благодарение на тоа, можел малку да ја подобри својата лоша материјална положба што го снашла во тие немирни времиња. Работел по 10 часа дневно, а со времето за доаѓање и враќање од Железарницата до дома се собирале и по 12 часа. Работната седмица имала 6 дена, а заработувачката изнесувала по 30 центи на час. За разлика од зимскиот период, кога го ангажирале да работи секој ден, во летниот период најчесто работел по еден до два дена седмично. Стравот од губење на работата му бил многу голем. Затоа, додека бил на работното место, не се интересирал за ништо друго освен за работата. За разлика од него, некои од работниците успеале со давање поткуп да ги придобијат надзорниците, од чија карактеристика зависело задржувањето на работа. Оттогаш кај нив немало вознемиреност во врска со отпуштањето. Тие останувале на работа и кога другите ги отпуштале на определено време. Тоа било голема бенефиција. А неа ја користеле и некои македонски иселеници, кои успеале да се вклучат во таа игра со корумпираните надзорници и со други службеници во Железарницата. Во 1931 година поголем број одделенија во Железарницата биле затворени. Атанас работел во едно од одделенијата што останале, што ја избегнале судбината на оние што повеќе од две години биле изложени на мирување. Меѓутоа, во март 1933 година Ф. Д. Рузвелт бил избран за претседател на САД. Истиот месец, Конгресот на САД изгласал Закон со кој претседателот на Републиката за период од две години добил вонредни овластувања. И со тоа почнал процесот на длабоки економско-социјални реформи, шт во историјата се познати под името ,,Нов правец”. По девалвацијата на доларот за 30%, во мај 1933 година влегол во сила Законот ,,Акт за регулирање на системот на земјоделството”, во јуни Законот ,,Акт за воспоставување на националната индустрија”, во ноември се формирала ,,Администрација за цивилни конструкции” со чија помош повеќе од четири милиони невработени добиле работа. Во јули 1935 година, по совет на Рузвелт, Конгресот го прифатил Федералниот закон во врска со работните односи, со кој на работниците им се признавало правото на синдикално организирање и на колективно договарање со патронот. Во август Конгресот го прифатил и Законот за социјално осигурување со кој се признало правото на пензија по 65 години, на социјална помош за невработените итн.
Ваквата политика на претседателот Рузвелт, за кого гласале речиси сите доселеници од Македонија, имала благотворен одраз и врз работничкото движење. До доаѓањето на Рузвелт на чело на САД, судбината на работниците на оваа земја се наоѓала во рацете на фабрикантите и на нивните менаџери, како и во рацете на другите крупни работодавци. Синдикалното движење во земјата било парализирано, работниците немале ни социјална ни здравствена заштита, немале право на платен годишен одмор, немале пензија, немале речиси никакви права и затоа биле изложени на најсурова експлоатација, наспроти тоа што со своите раце и со својата пот ги создавале сите богатства на земјата. Рузвелт дал голем придонес во совладувањето на таа анархија. Со воведување на масовните јавни работи тој ја ликвидирал и безработицата, а со низа други зафати, како на пример, со елиминирањето не неликвидните банки и друго, ја вратил довербата во целото општество. Овој период е карактеристичен за Атанас Близнаков по тоа што на 14 мај 1928 година станал натурализиран граѓанин на САД. Тоа за него претставувало гордост, но во исто време и сигурност во животот и во натамошната работа. Во тој период добро комуницирал на англиски јазик, за разлика од голем број доселеници од Македонија кои тешко го прифаќале новиот живот и начин на живеење. Колку кризниот период се намалувал, толку Атанас финансиски зајакнувал и размислувал да се врати во родното Д’мбени, да се ожени за д’мбенка, да се задоми и пак да продолжи со печалбарскиот живот. Животот на печалбарот бил тажен и среќен и добар и лош, затоа се пееле бројни песни, а се прераскажувале и шеги. Од прославата на 30 годишнината од работата во Железарницата во Гери РИСТО ШАНЕВ ПЕЧАЛБАРСКА КУЌА Новодојдено езеро удира во нејзините темели Сепак ветрот е тој патник Во смената на денот Куќата дише како човек – Продолжува
|