|
|
Илинденски прослави на „Обединети Македонци“ од Тронто во 1972 година (36) |
ИЛИНДЕН 1903-2003 И МАКЕДОНСКИТЕ ИСЕЛЕНИЦИ“ Прославата на Илинден на американскиот континент посебно 1972 година претставува силно национално движење. Како сеʼ да живееше за тој празник неколку месеци однапред, сеʼ беше во знакот на Илинден во сите градови каде што живеат Македонци. Сите славја, како одржувањето на свечените академии, културно-уметнички и забавни приредби, пикници, спортски натпревари, рецитали, прожектирање на долгометражни македонски филмови, се беше во чест и во знакот на Илинден. Посебно „македонската метропола", како што многумина го нарекуваат Торонто, беше најголемата македонска патриотска оаза, чија главна движечка сила беше македонската културно-просветна организација „Обединети Македонци", која организираше неколку-дневна прослава на Илинден. На 2 Август 1972 година, денот на Илинденското востание, во културниот центар „Св. Климент Охридски" беше организиран коктел, а потоа присутните гости имаа можност да видат неколку филмови од македонската национална историја. Напладне на 5 август, пред споменикот на незнајниот војник во Торонто, претставници на „Обединети Македонци" положија венец, а истиот ден вечерта, на Илинденската вечер, во концертната сала на црквата „Св. Климент Охридски" беше изведена културно-уметничка и забавна програма, на која учествуваа солисти на народни песни, музичари и рецитатори. Таа вечер беа претставени и гостите од СР Македонија: митрополитот Кирил со епархискиот секретар Александар Цандовски, претседателот на Матицата на иселениците од Македонија, Живко Василевски, членот на Претседателството на Матицата Перо Чокревски и уредникот на Радио Скопје, Димче Билјановски. Најсвечениот дел на прославата беше на 6-ти август, на грандиозниот Илинденски пикник во Интернационалниот парк. Осамна сончев, неделен ден и небото над Торонто блескаше во синевина. Веќе од 6 часот наутро почна да тече непресушната река автомобили во зелените ливади и шуми на Интернационалниот парк, која до 3 часот попладне не престануваше. „Обединети Македонци" можеја да бидат задоволни, зашто ова беше една од најуспешните прослави на Илинден; се собраа ловеќе од 20 илјади Македонци од сите делови на Македонија и нивни канадски пријатели.
Беше тоа една спектакуларна голема сцена, глетка која возбудуваше во својата масовност, но најповеќе од сеʼ со својата свеченост и топлина: ракувања со пријатели, топли прегратки на пријатели што долго не се виделе, солзи радосници, бакнежи... Малку требаше да мине од утрото па Интернационалниот парк да се претвори во едно големо македонско славје, во славје кога се пееше и играше, кога секое македонско срце биеше со мисла за Македонија, за родната татковина. Се добиваше впечаток дека целиот народ беше едно големо семејство, македонско семејство, дека никој и никогаш не би можел да го разбие тоа толку силно единство. Во таква атмосфера беспрекорно течеше и програмата организирана во чест на големиот Илинден. Најпрвин митрополитот г. Кирил во чест на паднатите борци од двата Илиндена одржа панахида. Беа одржани многу говори, меѓу кои и говорот на претседателот на Матицата на иселениците од Македонија, Живко Василевски, кој ги пренсе поздравите од Македонците во Татковината. На пикнкот беше прочитана и усвоена Декларацијата упатена до владите на Бугарија, Грција, Обединетите нации идо премиерот на Канада г. Трудо. Во Декларацијата беше нагласено значењето на Илинденското востание и создавањето на Крушевската Република, како прва република на Балканот, потенцирајќи ги огромните жртви, високата цена за обновувањето на македонската државност по петвековното ропство, посебно одбележувањето на 75-годишнината од херојската смрт на Гоце Делчев. Понатаму во Декларацијата се говори за 34-годишнината од одржувањето на Првото заседание на АСНОМ, денот кога конечно се остварени идеалите на македонскиот народ, односно создавањето на сувердната македонска република.
Притоа беа нагласени повоените години на сестраниот развој на националното битие на македонскиот народ во сите области на општествениот, културниот, економскиот и црковниот живот, како „период на придонеси кон општиот развој на човештвото". Давајќи оценка за положбата на македонската етничка група во Канада, како земја која во тешките години по завршувањето на востанието во 1903 година на Македонците им овозможи слободна употреба на македонскиот јазик и задоволување на човечките потреби и развивање на етничкиот идентитет, се искажува благодарност кон оваа земја. Истовремено се изрази загриженост и вознемиреност за положбата на Македонците во Бугарија и Грција, кои ги немаат основните национални права и слободи, а кон нив се води асимилаторска и денационализаторска политика, и се негира постоењето на македонската нација. На крајот во Декларацијата се истакнува барањето владите на овие земји да ги извршат своите обврски кон македонското национално малцинство во согласност со меѓународните договори. Пикникот во 1972 година заврши во добра атмосфера со веселба до доцна во ноќта. По повод Илинден, премиерот на Канада Пеиер Трудо упати поздравна телеграма, а претседателот на владата на провинцијата Онтарио поздравно писмо во кое на иселениците топло им го честита големиот празникот на македонскиот народ и на Македонија. Продолжува
|