|
|
Атанас Близнаков – најголемиот донатор од македонското иселеништво (13) |
ЧЕТВРТИОТ КОНГРЕС НА МАНС – ЕДЕН ОД НАЈЗНАЧАЈНИТЕ Зоро златна и румена! Кочо Рацин Македонскиот народен сојуз во САД, се вели во политичката платформа, ќе се бори за ,,ослободување и обединување на Македонија во една независна народна република, која, како рамноправен член, ќе се вклучи во идната балканска федерација на слободни балкански народи”. За остварување на оваа цел МНС се обврзал да воспостави тесни врско не само со македонските организации што имале исти цели и исти идеали со МНС, туку и со другите емигрантски организации кои во ,,својата програма го прифаќале принципот за национално самоопределување и се бореле за братски сојуз на балканските народи во рамките на една слободна балканска република”. Изградувајќи го својот политички концепт врз принципите и платформата на ВМРО (Об.), напредните македонски иселеници, организирани во МНС, дефинитивно се определиле за борба што ќе води кон создавање на балканска федерација. Ваквата определба тие ја продлабочиле со јасно конституирана федерација, во која македонскиот народ ќе ги добие сите оневозможувани права и слободи. Врз основа на вака прифатените определби, МНС во САД започнал бескомпромисна борба, како против надворешните непријатели на Македонија, во лицето на шовинистичките и асимилаторските режими на балканските држави, исто така и против внатрешните предавници на најсветите идеали на македонскиот народ, во лицето на одредена крајна десница. Вториот конгрес на МНС се одржал во мај 1932 година, при што биле продлабочени политичките ставови што уште повеќе ја афирмирале организацијата во нејзината борба за поефикасно помагање на настојувањата да се извојува национална слобода на македонскиот народ. Третиот конгрес, пак, се одржал во Кливленд (Охајо), во мај 1933 година. Во конгресните извештаи, реферати, решенија и резолуции, главно, се повторени насоките од претходните конгреси и на пленумот. Со еден од документите Конгресот упатил повик до сите групи и организации на македонские емигранти во САД и во Канада, вклучувајќи ги и несвесно заведените членови на МПО, да се согласат за обединување на сите прогресивни сили во заедничката борба против теророт во трите делови на Македонија и за поддржување на македонското политичко дело. На овој повик, како и на сите други документи од Конгресот, им бил даден широк публицитет во емигрантскиот печат. Четвртиот конгрес на МНС се одржал во Детроит (Мичиген) во 1934 година. На него, согласно со поднесените реферати и усвоените резолуции и други документи, уште попрецизно биле трасирани патиштата во врска со решавањето на македонското национално прашање. Оттаму, одржувањето на овој Конгрес било, од посебна важност за идната работа на МНС во САД и во Канада. Меѓу позначајните конгреси на МНС е секако Четвртиот. До овој Конгрес биле испратени голем број поздравни писма, меѓу кои она од Георги Димитров е од посебен интерес. Димитров, покрај другото пишува дека македонското движење има многу непријатели, но најзлобниот е неговиот внатрешен непријател, тоа се агентите на бугарскиот империјализам и фашизам, пред сé бандата на Михајлов. Преку своите агенти бугарската буржоазија го искористила македонското движење за своите егоистички интереси и за зацврстување на својата крвава диктатура над народот во Бугарија, се вели во писмото на големиот борец за човекови слободи. На Четвртиот конгрес била донесена резолуција. Во неа е прокламирана нова девиза за ослободителното дело на македонскиот народ, за слобода на Македонија. Од особена важност е тоа што бројот на членовите на Сојузот постојано се зголемувал, па така на Четвртиот конгрес му е нанесен голем удар на македонскиот врховизам во Америка. Всушност, овој конгрес на МНС претставува пресвртница во политичката дејност на македонските доселеници во САД и во Канада, зашто заземените ставови на Конгресот се редефинирани во однос на македонската национална самобитност и државност.
Тоа е резултат на изменетите ставови на ВМРО (Об.), која во овој период од 1934 година зазела поправилен став за македонското прашање. Таквите ставови нашле одраз меѓу македонската емиграција, а особено дошло до јавно манифестирање на овие сфаќања и ставови во работата на Четвртиот конгрес на МНС. На конгресот бил прифатен поимот за македонската државно-политичка самостојност и отворено било поставено барањето за признавање на македонската национална индивидуалност. Така, наместо поранешната девиза, според која слободата и независноста на Македонија треба да се реализира во рамките на балканската федерација, сега се зборувало за нејзиното самоопределување и за одделување во самостојна политичка единица. На Четвртиот конгрес било одлучено да се публикува напис под наслов ,,Зошто ние Македонците сме одделна нација” што бил презентиран како труд и потпишан со псевдонимот Бистришки. Во него, меѓу другото, се вели дека според Бугарите, Македонците се најдобриот дел на бугарската нација, според Србите Македонците се најстари Срби, а според Грците Македонците се словенизирани Елини. Исто така, во статијата се вели дека, треба да се спречи асимилаторската политика од непријателите и да се извојува правото на самоопределување на македонскиот народ и неговото одделување од бугарската, српската и грчката држава заради обединување во самостојна република. Македонците треба решително да укажат дека не се ниту Грци, ниту Срби, ниту пак Бугари, туку дека се одделна македонска нација што се бори за своето национално ослободување и за своја македонска држава. Во тој период македонската прогресивна емиграција организирала и Комитет за заштита на македонските права и слободи во трите балкански држави. Претседател на овој Комитет бил писателот Стојан Христов, а секретар Соња Ризова, редовен студент на универзитетот Колумбија во Њујорк. Инаку, Стојан Христов се здобил со популарност откако ги објавил романите ,,Мара” и ,,Херои и убијци”, во кои се разработува проблематиката од револуционерното минато на македонскиот народ. Имајќи ги предвид сите определби, насоки, задачи и оценки на Четвртиот конгрес, МНС зачекорил во наредниот период со многу поиздиференцирани ставови во врска со македонската национална самобитност. А ваквото разбистрување на гледањата не дошло случајно туку како резултат на ставовите на ВМРО (Об.) што биле сесрдно прифатени од МНС и со години унапредувани според ставовите усвоени на Четвртиот конгрес.
МНС истовремено развил и забележителна антифашистичка дејност. Така, кога започнала Граѓанската војна во Шпанија 1936 година, МНС веднаш застанал на страната на легалната републиканска влада. Членовите на МНС, заедно со другите прогресивни сили во САД масовно учествувале во бројните демонстрации против мешањето на фашистичка Италија и Германија во внатрешните работи на Шпанија и протестирале против политиката на геноцид што ја воделе шпанските и германските фашисти кон баскискиот, каталонскиот и шпанскиот прогресивен народ. Истовремено, МНС презел мерки и за конкретно помагање на шпанската демократска влада. За таа цел во сите организации на МНС била спроведена акција за пријавување на доброволци за одбрана на шпанскиот народ од фашистичката инвазија. Затоа, МНС во САД и во Канада не само што ја помагал борбата на своите браќа и сестри во Македонија за национално ослободување, туку во исто време се борел и против сите неправди и стеги што постоеле во новата татковина. Но, без оглед на тоа, антифашистичката ориентација во САД тешко се пробивала. На политиката на реакционерните сили во САД дури ѝ одговарала политиката на Хитлер и на Мусолини, кои се готвеле да го поробат светот. Во овој период тешки моменти доживувал и МНС, иако токму тогаш бил најпотребен. Затоа раководството на МНС одлучило да престане со издавањето на ,,Сознание”. На негово место МНС почнал да го издава весникот ,,Народна волја”. Во новиот весник, меѓутоа, освен новото име, немало ништо ново в концепциска смисла. Напоредно со ова било сменето името на МНС, односно Македонскиот народен сојуз станал Македонско-американски народен сојуз во САД (МАНС). Истовремено, од организациите на МНС во Канада бил основан самостоен Македонско-канадски народен сојуз (МКНС) во Канада. Така, од единствениот МНС биле создадени две организации, т.е. МАНС во САД и МКНС во Канада. Продолжува
|