|
|
Драшко Антов – новинар и публицист во Германија |
Драшко Антов – новинар и публицист во Германија
„МАКЕДОНСКИ ИСЕЛЕНИЧКИ МЕРИДИЈАНИ“ – ЕВРОПА (ЕВРОПСКА УНИЈА) Драшко Антов е еден од најпознатите Македонци во Германија. За него често се вели дека е германско-македонски автор на дела, новинар, публицист и модератор. Тој е роден на 18 март 1938 година во Скопје. Во родниот град го завршил основното и средното образование, а студирал германистика. Новинарство и фотографија, студирал во Лондон и Кембриџ, во Велика Британија Најголемиот дел од животот и работниот век го поминува во Германија, следејќи ги животот и работата на нашите граѓани (гастарбајтери), и, се разбира, политичкиот и економскиот развој на неговата родна Македонија. Во 1969 година е основоположник на емисијата на македонски јазик на Радио Дојче Веле, а подоцна и на Радио Вестдојчер Рундфунк - Келн. Воведува македонски емисии при локалните радиостаници во Вупертал, Дуизбург и Берлин. Тој е еден од соосновачите на музичката двојазична емисија „Од Босфорот до Гибралтарот“ при Вестдојчер Рундфунк во Келн, во која најмногу ги претставуваше македонските музички фестивали Валандово и Макфест, како и интерпретаторите од народната и забавната музичка естрада. Во „Нова Македонија“ ги објавува подлистоците на германската влада „СРГ се претставува“, први од таков вид воопшто во македонските медиуми. Основач и двигател е на весниците „Вечер“, „Македонија во светот“ и повторно „Вечер“. Во 1986 година во Германија ја издава туристичката книга „Југославија“ при издавачката куќа „Хајит“ во Келн, пишува радио и ТВ -драми, скечеви, афоризми - на германски, од кои најголем дел се емитувани на ЦДФ (втората германска тв-програма) и ја издава книгата „Гастарбајтери каде сте“ на македонски и германски јазик. Радиодрамата „Ние се познаваме“, која за тема го има животот на нашинците во СРГ, е печатена во книгата на ДТВ бр. 1770 под наслов „Како странец во Германија“, и истата е емитувана на германската програма на Радио Дојче Веле во Келн. Афоризмите се објавувани во германски списанија, хрватски, српски и македонски. Добитник е на наградата во Франкфурт за афоризми, како и наградата на Здружението на македонските новинари за новинарската активност во Германија, а како дописник на НИП „Нова Македонија“ бил 35 години. Исто така, ја уредувал македонската страница во дневниот хрватски весник „Вјесник“, за информирање на Македонците во Европа, прв југословенски весник што се печати во СР Германија. Тој објавил повеќе книги. Член е на Друштвото на германски новинари, на Друштвото на новинар на Македонија, на Здружението на странските дописници и на Друштвото на писатели на Германија. Дел од минатото на Скопје По објавувањето на неговата книга „Независна Македонија во германските медиуми“, следат бројни дела за објавување во Република Македонија. Тој е автор на делата: „35. години известување од Германија за македонските медиуми“, „На што се смееја Германците за војната во Македонија – карикатури“, „Борис Трајковски во германските медиуми“, „Германските медиуми за Македонците во СРГ од 1952 година наваму“, „Германските медиуми за македонската култура“, „Германските медиуми за македонските политичари“, „Германските медиуми за Груевски и ВМРО-ДПМНЕ“, потоа следуваат книги од животот на нашите луѓе во СРГ: „Како станав гастарбајтер“ - афоризми, „Не сум гастарбајтер а р‘мбам во ЕУ“ - афоризми, „Повеќе за живите и за мртвите“ - афоризми, „Не сум терорист ако имам мала секс-бомба“ - афоризми, „Дајте ми збор, предолго молчам“ - афоризми, „Гастарбајтери - гласајте за мене“ - афоризми и други. Досега во Германија ја објавил: „Туристичка книга за Македонија“, на посебните конкурси од издавачки куќи му ги откупија и наградија напишаните творби на германски јазик – радиодрамата „Странец, ние се познаваме“ и скечот „Зборување на два јазика“, којшто стана најпопуларен во СРГ и Данска, каде е објавен во книгата „Германско чудо“ поместен како единствен Македонец меѓу познатите писатели Максим Горки, Фасбиндер, Брехт, Хајнрих Бел и други, скеч којшто се објавува и случува кога е во прашање знаењето и употребата на германскиот јазик. Македонскиот новинар, автор и издавач Драшко Антов, од Дизелдорф, СРГ, е единствениот Македонец којшто е претставен со свој труд во документарната книга и прирачник за учениците и студентите во Данска коишто сакаат да учат германски и да дознаат нешто повеќе за земјата. Книгата е насловена како „Германско чудо“ и подготвена од тројца дански автори. Таа има околу 300 страници, сите се во боја, со тврди корици, и поделена е на неколку поглавја: Земјата и јазикот, Природа и околина, Идентитет и менталитет, Образование и воспитување, Работа и стопанство, Големи и модерни градови, Спорт и Политика. Меѓу познатите автори, како Брехт, Горки, Фасбиндер, Бел, Гете, Фриш, Ленц, Кестнер, помесетен е драмскиот текст на нашиот истакнат новинар и издавач Драшко Антов. Тој доби понуда за други текстови како и за одржување предавање за тоа, како странците можат најлесно да го научат германскиот јазик. Берлин Оваа книга укажува дека, сепак, постојат Македонци кои можат да конкурираат на познати автори со современи текстови на современи теми. Ова не е само негов личен успех, туку успех и на Македонија, која што треба да се гордее дека има таков свој сограѓанин. Инаку, книгата „Независна Македонија во германските медиуми“ од Драшко Антов, долгогодишен дописник од Германија, што ја отпечати Издавачката куќа „Култура“ од Скопје, е едно од значајните дела на овој германски Македонец. Делото, во исто време, претставува значајно дело во македонската и германската публицистика. Тоа беше промовирано во Друштвото на писателите на Македонија, а промотор беше д-р Срѓан Керим. Книгата е селектиран избор на написи во германскиот печат од осамостојувањето на Македонија до денес. Тоа се информации, анализи, коментари за состојбите кај нас, почнувајќи од формирањето на првиот Парламент и изборот на првиот претседател, заклучно со војната во Македонија. Исто така, книгата „Независна Македонија во германските медиуми“ од Антов, претставува сублимирано, сеопфатно и хронолошко претставување на тоа како Германците не гледаа нас, и тоа во еден од најзначајните периоди на нашата историја - од осамостојувањето на Македонија, сè до последните драматични настани од 2001 година. Книгата ја промовираше д-р Срѓан Керим, првиот амбасадор на независна Македонија во оваа земја на Западна Европа. Автор на предговорот на книгата е д-р Срѓан Керим, кој книгата ја нарекува „скапоцено сведоштво за односот на германските медиуми кон Македонија во еден исклучително значаен период во развојот на македонската држава и демократија, вклучувајќи ја тука и кризата во меѓународните односи што ја зафати Република Македонија во текот на 2001 година. Инаку, тој вели дека Република Македонија е значајна држава на Балканот, особено од гледна точка на мирот и стабилноста на регионот. Зарем може да се очекува нешто друго од медиуми во една држава која има клучна улога во развитокот на европската интеграција, во економска и во политичка смисла. Се знае дека медиумите во денешниов свет не се само „седмата“ сила, како што веќе поодамна ги нарекуваат, туку се и еден од столбовите на демократијата. Тие имаат директно влијание врз формирањето на јавното мнение, а истовремено на индиректен начин овозможуваат транспарентност во дејствувањето на политичките партии и политичарите. Токму затоа, сосема оправдано е појавувањето на книгата „Независна Македонија во германските медиуми“ од Драшко Антов, што ја објави книгоиздателството „Култура“ од Скопје. Како што вели авторот на предговорот на книгата д-р Срѓан Керим, во меѓународните односи и соработка, улогата на медиумите е исклучително значајна. Тие се во состојба, упростено кажано, да влијаат врз нивното подобрување или влошување. Свеж е примерот на несогласувањата меѓу САД и Франција околу начинот како да се разреши кризата во Ирак. Медиумите во Соединетите Американски Држави создадоа толку негативна атмосфера во врска со сè што е „француско“, така што луѓето во Америка почнаа да се откажуваат од традиционално добрите и насекаде прифатени француски производи, па дури и употребата на веќе со векови прифатени називи за одредени јадења, што ја содржат придавката „француски“! „Имајќи ги предвид овие искажувања, книгата на Драшко Антов е навистина сама по себе предизвик, бидејќи се занимава со една деликатна тема: како е претставена Македонија во германските медиуми. Периодот, што е предмет на неговите истражувања во поголем дел и самиот ги покривав во својство на прв амбасадор на Република Македонија во Сојузна Република Германија. Се работи за периодот од 1994 до 2000 година. Ако е можно да се даде генерална оцена за улогата на германските медиуми во однос на Македонија, тогаш би ја формулирал на следниот начин: медиумите во Сојузна Република Германија, исто како и политиката на Германија кон Македонија, се движеа по една линија која би можела да се дефинира како „постепено откривање“, пишува д-р Керим. Улогата на германските медиуми е особено битна, затоа што во нив се употребуваше уставното име на нашата држава. Едноставно речено, за германскиот читател постои „Mazedonien“ (Македонија) и ништо друго! Книгата на Драшко Антов е скапоцено сведоштво за односот на германските медиуми кон Македонија во еден исклучително значаен период во развојот на македонската држава и демократија. Драшко Антов како поборник за етничко обединување на Македонија меѓу другото, реагирал на едночасовната радиоемисија, посветена на протерувањето на децата - бегалци од Грција, на германското радио „Дојчландкултур-радио“. Таа се емитувала во ударен термин, веднаш по вестите, кога била направена класична грчка пропаганда со која се негира постоењето на македонските деца - бегалци.
|