|
|
Митрополитот Кирил – првиот архиереј во македонското иселеништво (4) |
ДЕЛ ОД ЖИВОТОТ НА МИТРОПОЛИТОТ КИРИЛ ВО ЦАРЕВ ДВОР ВО ПРЕСПА Царев Двор е големо и убаво уредено преспанско село од збиен тип, со околу 450 куќи, обновени или новоизградени. Во минаторо, тоа била развиена трговска населба, за што зборуваат седумте влезно - излезни патишта. Денес Царев Двор се проширува на сите страни и прилега на градска населба која претставува значаен дел на Преспа и Македонија. Митрополотот Кирил, Никола Поповски е од Царев Двор, каде покрај топлото родно огниште ќе се соочи со типично македонско благородно извориште на православната вера и на оригинално македонољубие, чија света традиција ќе му го осмисли животот Царев Двор, преубавото и големо преспанско село, распослано во рамничарската питомина близу до синото Преспанско езеро, е родното место на Никола Поповски, односно на митрополитот г. Кирил. Токму во таа преспанска оаза вгнездена меѓу вишно високиот планински венец - Пелистер и Галичица, уште од мали нозе богољубното и благородно семејство на Милица и Бојан Поповски, ќе му ги внедри на своето четврто чедо Никола првите искри за верата своја македонска, и тоа како заветно долго семејно наследство. Љубопитниот Никола, потоа ќе ги препрочитува тие показанија низ избледнетите страници на старата Библија, најгрижливо чувана како семејна реликвија во долапите и ќе застанува секогаш простум кога ќе бијат камбаните на црквата која го носи токму името на светецот Никола. А, во преданијата, хроничарските страници и долгопаметливите прераскажувања и спомени, се пренесуваат и чуваат од заборав, многу личности, настани, голготи, успеси и непокор, што зборува за едно бурно, богато и разновидно минато и сегашна историска царевдворска одредница и вистинска ризница. Зашто таа била развиена трговска крстосница со седумте влезноизлезни патишта на тој дел од Преспа. Денес, кога се рашетува ова убаво рамнополско село, за кое често се вели дека тоа не е ни село ни град, се врви низ трите маала распоредени од памтивека по една своја семејна пропорција, облагородувана со добрососедските односи од другите сокаци на Андоновци, Келепуровци, Поповци, Прцуловци, Кантуровци или Ајруловци. Панорама на Царев Двор Инаку, Царев Двор се проширува катадневно на сите страни. Но, еве да потсетиме дека селото од поодамна живее живот како урбана населба. Поштата била изградена пред близу 60 години, електифицирано е во 1952 година, задружен дом има уште некаде во 1949/1950 година, систем за наводнување од 1960 година, со асфалт е поврзано во 1967 година, водоводот постои од 1980 година, а нешто потоа била изградена и Фабриката за производство на овошни сокови. При нашите посети на неговото родно место, митрополитот г. Кирило кажуваше дека во Царев Двор постојат две цркви и една џамија. Црквата „Свети Никола“, во северниот дел на селото е изградена во 1875 година. Кај царевдворци се прераскажува преданието според кое кога тие наумиле да градат своја црква, турските власти не им дозволувале. Тогаш селаните се послужиле со невообичаена итрина. Земале еден камен на кого исклесале крст и го закопале в земја, на местото каде што планирале да ја градат црквата. Пролетта наредната година, кога по кој знае кој пат, отишле кај надлежните турски власти со истото барање, им рекле: ако се почне со копање на тоа место (посочувајќи го местото каде што требало да се гради црквата) ќе се најде „божји знак”. Кога тоа го слушнале Турците, веднаш го дозволиле копањето, а кога бил пронајден каменот со крстот, ја дозволиле и градбата на црквата. Црквата т.н. Долна Црквае во југоисточниот дел на селото или лево од патот Царев Двор - Езерени. Се смета дека е тоа одамнешна градба. Во нејзиниот круг се гробиштата на православните царевдворци. Џамијата, пак, се наоѓа во центарот на селото. Мештаните велат дека е доста стара, но е обновена во 1974 година. Царев Двор нема своја селска слава, а за фамилијарни ги има: свети Никола (зимен и летен), света Петка, свети Ѓорѓија, свети Димитрија и Меркурија. Статистичките графи даваат интересни показатели за бројноста на жителите и за тоа, како низ децениите се зголемувало и намалувало населението на ова рамничарско село во раскошната Преспа. Според државните пописи на Република Македонија, во повоениот период, селото во 1953 година имало 1327 жители; 1961 година 1303, во 1971 година 1152 житела (832 Македонци, 308 Турци, 5 Албанци и 3 останати), во 1981 година 1233 жители, во 1991 година 236 домаќинства и 1046 жители, во 1994 година 310 куќи, 197 домаќинства и 708 жители од кои 612 Македонци, 95 Турци и 1 Албанец; во 2002 година 161 домаќинство, 258 станови и 605 жители од кои 520 Македонци, 81 Турци и 4 останати. Учењето и образованието овде имаат долга традиција. Се знае дека основното образование започнало уште во годините пред Илинденското востание. Прва училишна зграда имало одамна, дури и во времето на турското владење. Изградена била со над 750 турски лири, во непосредна близина на црквата „Свети Никола“.Новото училиште „Браќа Миладиновци“ е изградено во 1964/65 година. За разлика од пред Втората светска војна кога во Царев Двор, зградата на старото училиште во кое учел митрополитот Кирил имало околу 30 жители со завршено средно образование, денес со завршено вишо или високо образование има стотици жители, од кои не е мал бројот на магистри или доктори на науки. Од ова село потекнуваат Цветко Узуновски – Абас (1916-1994), револуционер, генерал, член на Президиумот на АСНОМ, член на првиот ЦК на КПМ, политички комесар на ГШ на НОВ и ПОМ, делегат на Првото заседание на АВНОЈ и Првото заседание на АСНОМ; митрополитот г. Кирил (1934-2013), член на Светиот синод на Македонската православ на црква; универзитетскиот професор д-р Христо Поповски, новинарот и публицист Панде Поповски, Гога Прцуловски и многу други.
Куќа во Царев Двор Митрополитот г. Кирил ја познаваше душата на царевдворци, раскажувајќи дека тие својата егзистенција во минатото ја обезбедувале преку поледелството и сточарството. Најмногу биле застапени житните и градинарските култури, а некогаш се садело и тутун. Од 1960 година преовладува овоштарството, а најмногу хектари се под јаболкови насади. Една од овошните градини во Царев Двор, на патот кон Дрмени и која служи за пример за дел од селото напредното земјоделие е дело на митрополитот г. Кирил. Во рамките на сточарството кое речиси на полно згаснува, најмногу се одгледувале овци, волови, коњи. Денес голем број царевдворци работат во органите на државната управа, општествените дејности и стопанството. Колку ли туѓинските чизми го окупирале селото, какви ли не војски поминале, но тоа пркосно опстојало на сите ветрометини и е силен пример за македонската непокор од дамнина. До 1912 година селото Царев Двор било под турско владеење како беговски чифлик. Во подготовките и за време на Илинденското востание царевдворци земале активно учество со своја востаничка чета. За војвода на четата се спомнува некој си Толе од Златари. Царев Двор е родно место на прочуениот преспански војвода Никола Кокаров, а во текот на востанието по храбра борба загинале четворица јунаци од селото. Во Првата балканска војна (ноември 1912 година) Царев Двор потпаѓа под српско владеење под кое останало сеʼ до 1941 година, со сите последици на српската денационализаторска и асимилаторска политика (српска власт, војска и полиција, српски јазик, писмо, училишта и учители, српска црква, попови, националност и презимиња). Во тоа време, Царев Двор е општинско седиште кое ги опфаќаше и селата: Горна Бела Црква, Долна Бела Црква, Козјак, Дрмени, Езерени и Перово. Подоцна селата Долна Бела Црква, Горна Бела Црква, Козјак и Езерени влегле во составот на Општина Подмочани. Камбанаријата во црквата „Св. Никола“ во Царев Двор Во Втората светска војна, Царев Двор бил под окупација на фашистичка Италија, кога и е воспоставена потпрефектура за сите преспански села и е сместена командата на италијанската војска во Преспа. Околу 20 ноември 1942 година за првпат во историјата на селото од страна на окупаторот е прожектиран филм со тематика на борбената подготвеност на италијанската војска. По капитулацијата на Италија (8 ноември 1943 година), селото Царев Двор се нашло под друга окупација на фашистичка Бугарија под која останало сеʼ до неговото ослободување, до 11 септември 1944 година. Во текот на оваа војна, двајца борци загинале за татковината. За револуционерниот Царев Двор, ете, иако и само фрагментарно, но, сепак, фактите најилустративно говорат: повеќемина жители биле членови на КПЈ уште пред Втората светска војна, а тројца од нив (Цветко Узуновски, Вангел Темовски и Алексо Стефановски) биле учесници и во Граѓанската војна во Шпанија. Во 1941 година во Царев Двор е формирана организација на СКОЈ, а во октомври истата година и организација на КПЈ. Во мај 1942 година е основан воен поткомитет, во мај 1943 година излегле и првите партизани од селото, а во април 1944 година е формиран НОО, додека во септември истата година Општинскиот комитет на КПМ и Општинскиот НОО. Денес во селото постојат спомен-биста и спомен-плоча посветени на револуционерната дејност на народниот херој Јосиф Јосифовски - Свештарот кој во 1941 година илегално престојувал во селото и упорно работел на разгорувањето на НОВ во Преспа. Продолжува
Пишува: СЛАВЕ КАТИН |