Среда, 06 Февруари 2019   
МИТРОПОЛИТОТ КИРИЛ – ПРВИОТ АРХИЕРЕЈ ВО МАКЕДОНСКОТО ИСЕЛЕНИШТВО (12)

kiril1

ОСВЕТУВАЊЕ НА ЦРКВИТЕ „СВ. ИЛИЈА“ И „СВ. НИКОЛА“ ВО МЕЛБУРН, „СВ.НИКОЛА“ ВО ПЕРТ И „СВ, ЈОВАН КРСТИТЕЛ“ ВО ЏИЛОНГ

kiril2

Активностите за црквата „Свети Пророк Илија“ започнаа во 1974 година, кога е купена една методистичка црква, која беше оспособена за богослужби на православните Македонци и на 26 декември 1974 година е извршено таканаречено мало осветување. МПЦО „Свети Никола“ од Престон е трет духовно-просветен дом на тие австралиски простори, подигнат со многу труд, љубов, пари и ангажман на група Македонци. Активностите за црковната општина „Свети Јован Крстител“, пак, започнаа во 1977 година, а на 15 јануари 1978 година, надлежниот архиереј на Австралиската епархија, митрополитот г. Кирил во сослужение со неколку свештеници и бројни иселеници и претставници на австралиското општество, го положи и го освети камен-темелникот

Според моногравското дело „Митрополитот Кирил“, што е отпечатена во 2007 година, на македонски и на англиски јазик, во издание на Полошко-кумановската епархија и Книгоиздателството „Македонска искра“ од Скопје, од авторот на овие редови Славе Катин, неговото високопреосвештенство, митрополитот господин Кирил (Никола Поповски), беше архиереј по хиротонија во составот на македонскиот православен епископат.

Тој  беше и потписник на историската Одлука на Светиот архијерејски синод на Македонската православна црква (од 1967 година) за возобновување на целосната духовна и канонска автокефалност на Охридската архиепископија. Исто така, митрополитот полошко-кумановски господин Кирил, беше и надлежен архијереј на Австралиско-македонската епархија на МПЦ-ОА.

Во неговото дело е забележано дека Мелбурн, главниот град на државата Викторија, е втор по големина економски, културен, политички и административен центар во Австралија, веднаш по неговиот вечен град - ривал, Сиднеј. Често Мелбурн го вбројуваат меѓу најзначајните центри на автомобилската индустрија, спортска мека и град-бисер од другата страна на Екваторот. Градот е распространет по должината на реката Јара, која со своите безбројни меандри го прави атрактивен за работа и живеење.

kiril3

„Св. Пророк Илија“ во Мелбурн

Tака, уште во 1971 година во Мелбурн бил формиран Иницијативен одбор за организирање на МПЦО „Свети Пророк Илија“. Во Одборот биле вклучени голем број истакнати доселеници од македонско потекло, особено од битолско-прилепскиот крај, меѓу кои: Илија Милошевски, Цветан Велјановски, Томе Дервишовски, Борис Трајков, Веле и Војо Божиновски, Перо Ѓорчевски, Коле Најдовски свештеникот Методи Лазаревски, а подоцна и свештениците Ѓорѓи Кацарски и Ефтим Бетински, како и многу други верници и патриоти кои вложија и труд и средства за да биде подигнат тој македонски храм. Црквата „Свети Илија“ претставува убава архитектура, а иконите се дело на македонски мајстори и голем број од нив се подарок од македонските доселеници.

За кус период се собрале парични средства и во 1974 година е купена една методистичка црква, која беше оспособена за богослужби на православните Македонци. На 26 декември 1974 година е извршено таканаречено мало осветување.

Меѓутоа, најзначајниот датум за црквата „Свети Пророк Илија“ е, секако, 2 мај 1976 година, кога надлежниот архијереј на Австралиско-македонската епархија, митрополитот Кирил, во сослужение на повеќе македонски свештеници, пред неколку илјади посетители и многу гости од австралиското општество и владата, ја освети црквата.

Тоа беше ден за паметење, бидејќи со тоа почна со работа уште едно македонско светилиште на овој континент. Како резултат на бројните црковно-национални активности се изгради Македонскиот центар во Саншајн, кој претставува место за собирање, другарување и рекреација.

Повторно ќе речеме дека Мелбурн е австралиска и светска метропола и главен град на државата Викторија. Поради вонредната географска положба, на тие простори живеело бројно домородно население, а од 1835 година, градот е формиран како значајно место на државата Викторија. Таму се формирани повеќе македонски православни цркви и два манастира.

kiril4

„Св. Никола“ во Мелбурн

Според зборовите на митрополитот г. Кирил, еден од тие македонски светилници е и МПЦО „Свети Никола“ од Престон, кој е трет духовно-просветен дом на овие простори, подигнат со многу труд, љубов, пари и ангажман на група Македонци, меѓу кои посебно место имаат: Ѓорѓи Писевски, Борис Лозановски, Ѓорѓи Јанковски, Живко Стојановски, Пеце Степановски, Миле Панов, Драган Гаштевски и други кои и ја поведоа акцијата за изградба на црква. Со средствата подарени од членовите на Одборот и од другите иселеници, во 1976 година е купено поголемо куќно место во Престон.

Потоа, на 5 февруари 1978 година е извршено осветувањето на храмот. Тој свечен чин го изврши поглаварот на МПЦ, Неговото Блаженство г.г. Доситеј во сослужение со надлежниот архијереј, митрополитот г. Кирил и голем број свештеници. Величествен беше тој собир кој долго се памети. Дојдоа да ја споделат радоста пет илјади верници, а во присуство на тогашниот лидер на Лабуристичката партија, г. Витлем и други претставници на австралиската влада и на оштеството.

Активностите во црквата „Свети Никола“ почнале со силен жар. Така, во првите шест месеци од свеченото отворање на црквата биле крстени 75 новороденчиња и извршени 15 венчавки. Прв претседател беше истакнатиот иселеник, Ѓорги Писевски, а Јонче Петревски, кој подоцна беше еден од најактивните и повеќепати претседател, заедно со Миле Панов беше потпретседател. За прв парохиски свештеник беше назначен Радослав Атанасовски.

Во Перт, пак, главниот град на Западна Австралија, е концентрирано, речиси, три четвртини од населението на таа најголема сојузна држава. Перт не спаѓа во рамките на светските метрополи, меѓутоа просторно покрива површина на која би се сместил Њујорк или Токио. Таму, на тие австралиски простори, каде што не постојат годишни времиња во европска смисла на зборот, заедно со другите етнички групи, нации и народи од цел свет, живеат неколку десетици илјади Македонци.

Во Перт, втората црква „Свети Никола“ е црковно-национална и верска асоцијација. Таа ја почна својата активност во текот на 1977 година, кога е купена зграда, за што се заслужни голем број активисти и донатори од македонско потекло. Уште во почетокот, во оваа црква се донесени светите реликвии од првобитниот храм, а потоа на 12 февруари 1978 година таа беше осветена.

Свечениот чин го изврши поглаварот на МПЦ, архиепископот охридски и македонски, г.г. Доситеј, заедно со тогашниот американско-канадско-австралиски архијереј, митрополитот г. Кирил, во сослужение на поголем број македонски свештеници, неколку илјади Македонци, претставници на Англиканската, Католичката и Обединетата црква и голем број личности од јавниот, од културниот и од општествениот живот на Западна Австралија. Тоа за митрополитот Кирил беше второ осветување на храм, но овој пат во Северен Перт.

Македонскиот културен центар што е во состав на Обединетата македонска општина, беше пуштен во 1989 година. Тогаш во оваа општина се одржа централната прослава во Перт, настан кој даде белег на активностите на македонските доселеници во Австралија.

Џилонг,пак, е град којшто се наоѓа на осумдесетина километри југозападно од метрополата Мелбурн. Тој е еден од значајните индустриски центри и морско пристаниште на државата Викторија. Распространет по должината на Филиповиот Залив, се чини, како да се сокрил од струењата што доаѓаат од Тасманија и претставува пријатно место за живеење и работа, а во исто време и е центар на автомобилската индустрија.

Во градот се населиле многу македонски семејства претежно од битолскиот крај, а најмногу од селото Драгош, Битолско, а има семејства од селата Лажец, Велушина, Бистрица, Граешница, Жабјани, и други села под Пелистер, од Преспа и од други охридско-струшки села. Таму е регистрирана црковната општина „Свети Јован Крстител“, чија активност за собирање донации започнаа во 1977 година. Во тие акции учествуваа голем број Македонци, кои со свои средства помогнаа да се изгради црквата.

kiril5

„Св. Јован Крстител“ во Џилонг

За оваа Македонска православна црква митрополитот г. Кирил забележал дека меѓу првите и најзначајните активисти, донатори и општественици во оваа црковна општина се, секако, Јован (Џони) Ангеловски, првиот претседател и најголемиот донатор и основач на црквата, потоа, Цветко Илиевски и Миле Стојановски, кои беа прогласени за доживотни членови.

Исто така, големи заслуги имаат и Томе Димовски, Илија Николовски, Димитар Ангеловски, Јосиф Пачовски, свештениците Ѓорѓи Кацарски и Чедомир Илиевски и многу други активисти кои вложија и средства и труд во тој значаен македонски храм, духовен и културно-просветен центар во Џилонг.

На 15 јануари 1978 година, надлежниот архиереј на Австралиската епархија, митрополитот г. Кирил во сослужение со неколку свештеници и бројни иселеници и претставници на австралиското општество, го положи и го освети камен-темелникот на новата црква „Свети  Јован Крстител“. Тоа беше пресвртница во животот на македонските иселеници. Осветувањето на камен-темелникот од надлежниот архијереј г. Кирил беше настан за себе и траен спомен за Македонците. Беше отслужена првата богослужба во црквата, со што почна нов црковно-духовното живеење и нова страница во летописот на македонската комуна во Џилонг.

Продолжува

Slav

Пишува: СЛАВЕ КАТИН

 

На прво место

News image

Мане Јаковлески: Мојот пат по стапките на месијата 2011 година (8)

Петта станица-десно кон улицата Францис, од каде патот нагло, остро се издига кон Голгота (Калварија...

Историја

News image

Границите на Македонија се таму, до каде што допира римскиот меч

Македонија станува римска провинција во 146 година п.н.е., откако римскиот војсководец Квинт Цецилие...

Иселеници

Култура и туризам

News image

ВО АНКАРА– ГРАДОТ НА АТАТУРК И ПРЕСТОЛНИНАНА ТУРЦИЈА(10)

ДЕЛ ОД ПОСЕТИТЕ НА ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ НА СЛАВЕ КАТИН 

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.