Среда, 10 Април 2019   
„ПОСЛЕДНИОТ МАКЕДОНЕЦ“ од ДУШАН РИСТЕВСКИ

koricaНова книга: „ПОСЛЕДНИОТ МАКЕДОНЕЦ“ од ДУШАН РИСТЕВСКИ

Деновиве во издание на Литературното друштво „Григор Прличев“ во Македонија се издаде драмата „Последниот Македонец“ од познатиот драмски писател Душан Ристевски-Македон. Минатата година драмата успешно беше ставена на сцена во Сиднеј од Австралиско македонскиот театар од Сиднеј.

Во предговорот на истата еве што пишува публицистот Славе Николовски – Катин.

РЕЦЕНЗИЈА ЗА ДЕЛОТО „ПОСЛЕДНИОТ МАКЕДОНЕЦ” ОД ДУШАН РИСТЕВСКИ

Со овој ракопис насловен „Последниот Македонец” од познатиот драматург Душан Ристевски се потврдува нараснатиот научен интерес за пристап кон театарската уметност и кон историјата на македонскиот народ и Македонија, кој има посебно место кај иселениците од етничка Македонија, раселени по светот, особено на петтиот континент - Австралија. Оваа тема, за жал, не била често и континуирано истражувана и претставувана. Меѓутоа, нараснатиот интерес за одбрана на своите дедовски корени не е случаен и доаѓа во одредена еволуција на прашањата во посочениот контекст. Токму затоа имаме можност со интерес да го проследиме делото „Последниот Македонец”, кое се осврнува на судбината, вистината и на историскиот развоен континуитет на македонскиот народ од етничка Македонија.

Драмскиот текст „Последниот Македонец” се јавува во овие немирни и судбоносни времиња за Република Македонија, кога на 19 октомври 2018 година, Собранието на Република Македонија  со 80 гласови „за” донесе одлука за пристапување кон уставни измени, во согласност со Договорот од селото Нивици, во Преспа. Сето тоа се спроведе, бидејќи 2025 година е реалистичен датум за прием на нови членки од Балканот, наводно вклучително и нашата Република Македонија, како Република Северна Македонија во Европската Унија, но само доколку се исполнат критериумите.

И како резултат на овие тешки историски моменти за Република Македонија, за Македонците во етничка Македонија, како и за македонското иселеништво ширум светот се случуваат различни дејства. Секако, за историско одбележување додека сето ова се случува во Република Македонија, треба да се одбележи дека во Сиднеј, Австралија се прикажува истоименото драмско остварување „Последниот Македонец” од драматургот, писателот, новинарот, публицистот и доблесниот патриот Душан Ристевски со врвните артисти од Австралиско-македонскиот театар од Сиднеј.

Делото „Последниот Македонец” е драма во 3 дела која го отсликува животот на еден Македонец кој се обидува да го сочува своето семејство, идентитет и желба да опстои. Од својот дом во Македонија, преку сеништата во Европа до населбите во Австралија, Филип Филиповски е човек кој ја бара и преиспитува својата душа.

После бруталниот напад врз неговиот дом и фамилијата, семејството на Филип се распаѓа. Нивното трауматично патување во новиот свет ги отсликува трагедијата на Македонците, внатрешните превирања како резултат на сегашните политички, национални, религиозни и социјални предизвици и ефектите тоа што ги предизвикува во иселеништвото насекаде во светот.

Ова дело е темелот за грандиозната театарска изведба, прикажана во Волонгонг и Сиднеј, со голема страст, а претставена преку уметничките постигнувања на врвни актери. Затоа со право се вели дека драмата „Последниот Македонец” е театарски сеопфатен повик на македонската нација која постојано се соочува со дискриминација од своите соседи и Европската заедница, и покрај тоа што тие Божји синови и ќерки се една горда и непокорна нација, која се соочува со уништување.

Авторот Душан Ристевски во ова негово интересно, значајно и по многу нешта единствено дело во македонското иселеништво, прикажува некои идни судбини и вистини на Македонците во „така и толку посакуваната” идна заедница. Така во делото „Последниот Македонец” авторот пренесува дека во идната држава Македонецот нема да постои ни тој како човек, туку сите Македонци ќе бидат бегалци, понижени, злоупотребувани, обесчестени и под нивната кожа ќе живеат некакви црвја и зданија. А што е најстрашно нема да можат и смеат да си го кажат своето име, со јазик отсечен, со мозоци исколвани од чавки, па така бесцелно ќе скитаат без име и никогаш нема да најдат мир во душата бидејќи се откажаа од своите мајки и татковци, од нивните аманети, се откажаа од себе си.

Инаку, Душан Ристевски е познато име, поет, драматург и афирматор на Македонците во Австралија. Автор е на шест стихозбирки, шеснаесет драми и монодрами (сите изведени од Македонскиот театар од Сиднеј), а неговата поезија е застапена во повеќе антологии во Австралија, Македонија и Америка. Исто така, тој е основоположник на Македонското литературно друштво „Григор Прличев” (1978), на списанието „Повод” (1978), на Австралиско-македонското добротворно друштво (1982) и на Австралиско-македонскиот театар (2007) од Сиднеј. Затоа, тој е еден од најактивните и најценетите македонски општествени дејци во Австралија.

Душан Ристевски е роден на 22 февруари 1954 година во Битола, градот на конзулите. Од 1973 година живее и работи во Сиднеј, Австралија. Завршил Виша социјална школа во 1985 година, дипломирал на Факултетот по социологија во 1991 година и во 1996 година магистрирал на Факултетот по социологија и хуманистика во Сиднеј.

М-р Душан Ристевски е личност која е на распетието меѓу родната земја Македонија и втората татковина – Австралија. Затоа, патот од Сиднеј до Скопје и назад го поминал повеќе пати. Речиси секоја година доаѓа во Македонија, во Скопје, во Битола...

Инаку, една од најзначајните македонски асоцијации во Сиднеј и пошироко е, секако, Македонското литературно друштво „Григор Прличев”. Тоа е прво литературно друштво од таков вид во дијаспората. Друштвото беше формирано на 31 март 1978 година од група ентузијасти и вљубеници во македонскиот мајчин јазик, литература и култура. Душан Ристевски беше првиот избран претседател на Друштвото.

Едно од најреспектираните македонски гласила, пак, што повеќе години се издаваше во Австралија, секако, беше списанието „Повод”. Тоа беше прво македонско списание во Австралија и единствено од ваков вид во иселеништвото, кое излегуваше како орган на Македонското литературно друштво „Григор Прличев”, чиј главен и одговорен уредник и душата на ова гласило беше Душан Ристевски.

Сите овие активности на полето на журналистиката и литературата на Душан Ристевски придонесоа тој да стане член на Друштвото на писателите на Македонија во 1988 година, член е на Здружението на новинарите на Македонија од 1989 година и член на Македонското научно друштво од Битола. Потоа, Душан Ристевски навлезе во театарските води и во 2007 година го формира и стана прв човек на Австралиско-македонскиот театар во Сиднеј. Преку своите продукции, Театарот многу успешно дејствува во промовирање на македонската култура и нација во Австралија.

Делови од претставите како и целосни претстави се работени и на англиски јазик за пошироката публика. Театарот е награден во 2009 година од Министерството за здравје и Центарот за ментално здравје за успешното иноваторство во едуцирање на македонската заедница. Во 2015 година, од мултикултурен Нов Јужен Велс, Театарот ја доби престижната Национална награда за култура и уметност за драмата „Ограда”.

Претседателот на Македонија, Ѓорге Иванов, во 2015 година на Театарот му додели Повелба за промовирање на македонската култура и нација. Драматургот Душан Ристевски, исто така, е награден со посебна награда за иноваторство од Министерството за здравје на Нов Јужен Велс за драмата „Страв и срам”. Премиерот на Нов Јужен Велс за Денот на Австралија во јануари 2015 година го прогласи за лауреат Душан Ристевски за неговата неизмерна работа и придонес во мултикултурната заедница посебно во театарската уметност.

Сето горенаведено Душан Ристевски го постигнал заедно со голем број Македонци во Австралија и Македонија. Таков е случајот и со изведбата на драмското дело „Последниот Македонец” од овој признат драматург, а во режија на Стефо Нанцу, го прикажаа познатите и признати театарски личности, со кои се гордеат не само Македонците на петтиот континент, туку и во етничка Македонија, а тоа се главните лица: Никола Апостоловски - Филип; Антонио Нешковски - Македон; Валентина Апостоловска - Солунка; Васко Србиновски - Ристо, Насилник 2, Детектив 2, Антиквар, Граничар; Владо Сазданов - Славе, Јоргос, Гробар; Лариса Мабеи - Марија, Сениште 1, Вашиот 2; Гордана Милошевска - Снежана, Ромка, Сениште 2, Вашиот 1; Стефани Тодоровски - Доста; Јаворка Котевска - Петра, Нашиот; Зоран Гулабоски - Граничар, Насилник 1, Детектив 1, Бегалец; Ина Милошеска - Македонка; Татјана Нешковска - Атина, Сениште 3, Вашиот 3; Сандра Митров - Теута, Ромка; Стефо Нанцу - Насилник 3, Граничар.

Во продукцијата се вклучени: Стефо Нанцу - композитор на музика и светло, Владо Сазданов - музика, Тони Наумовски - фотографија, М16 - ДВД продукција, Mac Print & Graphics - графичка обработка.

Се смета дека најновото драмско дело „Последниот Македонец” на Душан Ристевски во изведба на Австралиско-македонскиот театар од Сиднеј е најголемиот и најтешкиот проект што оваа реномирана театарска група ја има преземено.

Инаку, името на делото „Последниот Македонец” само по себе покажува дека се работи за драмско дело преку кое читателите, а преку претставата и гледачите ќе увидат дека македонската нација е уште пред една небиднина, пред прагот на уништувањето. Темата е доста чувствителна бидејќи се работи за сегашните збиднувања во Македонија, Европа и Австралија.

Драмата е поделена во три дела. Првиот дел се случува во Македонија и покажува која е причината и кој е кривецот за нашето уништување; вториот дел се одвива во Европа, за божемниот - хипотетичен влез во Европската Унија од каде премногу очекуваме, а од каде најмалку сме ценети како луѓе и нација; третиот дел се одвива во Австралија каде Македонците доаѓаат не само како економски емигранти туку како бегалци на една нација и држава која веќе не постои.

Авторот на делото Душан Ристевски вели дека ние, нашата генерација, сме сведоци, за жал, на нашето уништување, посебно со таканаречениот Преспански договор, па со подметнатиот референдум и со парламентарната одлука на менување на Уставот се „запечатува нашата иднина – небиднина”. Со истиот Договор на столбот на срамот се ставаат не само македонскиот јазик, нација и држава туку и самото христијанство кое е под постојан притисок од оние кои се со исламска вероисповед.

Така, во драмскиот текст провејува дека на лагите кои имаат ѓаволски опашки им нема крај: после договорот, референдумот, уставните измени и божемниот влез во Европската Унија во Македонија ќе никнуваат кампови од бегалци од Блискиот Исток и Африка, а Македонците ќе се иселуваат „за подобар живот” во Европа. Македонија ќе стане оаза на немакедонци.

Според авторот Душан Ристевски, текстот бил работен неколку години, во различни периоди на македонското битисување. Секако, во меѓувреме на сцена ставил неколку други драми но секогаш се навраќал на овој текст, бидејќи политиката во Македонија постојано се менувала.

Всушност, со ова дело Душан Ристевски на одреден начин сака да го претскаже самоуништувањето на Македонија, доколку Македонецот не се свести и не ја земе својата судбина и иднина во свои раце. Авторот вели дека не постои во светот нација која самата си потпишала договор за самоуништување освен македонската.

Во драмското дело „Последниот Македонец”, а преку него и во театарската претстава се пренесува расветлувањето на приказната за едно македонско семејство кое поминува низ разновидни перипетии и се соочува со уништувањето на своето исконско име - Македонци, кои потекнуваат од земјата на Македон.

Преку ликот на Филип, е претставена сагата на сите Македонци кои со себе ги носат аманетите од дедо и прадедо да опстојат во една земја и држава каде најголемиот непријател на Македонецот е самиот Македонец, во една држава каде корупцијата и парите се поважни од честа и угледот, поважни од самото семејство, поважни од иднината на својата нација и држава.

Инаку, драмското дело „Последниот Македонец” излегува кога се слават 40 години од формирањето на Македонското литературното друштво „Григор Прличев” од Сиднеј, Австралија. Тоа е период во кој е претставен голем број македонски иселеници кои во слободното време се занимаваат со пишаниот збор, ја изразуваат силната љубов кон македонскиот јазик и кон својата дедовска земја - Македонија.

Македонското литературно друштво „Григор Прличев” е формирано на 31 март 1978 година со цел да ги зближи и соедини македонските доселеници во Австралија, кои потекнуваат од сите делови на Македонија и кои активно создаваат литературни творби; го чуваат и го негуваат македонскиот литературен јазик и македонската литература. За остварување на овие цели Друштвото презеде разновидни активности, како организирање на културно-литературни средби, семинари, наградни конкурси за „Прличева награда”, издавање на списанието „Повод”, формирање библиотека со читална и архивски оддел и издавање книги од самите членови пишувани на македонски и на англиски јазик.

Друштвото од самиот почеток активно беше вклучено во борбата за зачувување на македонскиот идентитет, јазикот, културата и историските постигнувања на Македонците. Друштвото даде иницијативи, во зависност од потребите на заедницата, да се формира шаховска асоцијација, драмска асоцијација за млади, комитет за човекови права, дебатен клуб, клуб на ликовни уметници, служба за социјална грижа, социјално друштво за жени, училишта по македонски јазик и театар.

Друштвото беше активно вклучено во организирање собири и протести и издавање повелби и резолуции за зачувување на македонскиот идентитет и нација и во борбата против шовинистичките држави кои го негираат постоењето на Македонците кои живеат во поробените делови на Македонија, како и до македонските влади кои за последните две и пол децени од независноста на Република Македонија многу малку придонесуваат за обединетоста на Македонците и зачувување на македонскиот идентитет.

Горенаведеното се потврдува во литературното дело „Последниот Македонец” од драмскиот писател Душан Ристевски. Тоа претставува значаен прилог кон македонската иселеничка литература, која е дел од целокупното македонско постигнување на полето на литературата, драмската уметност и зачувување на македонскиот народ со своите атрибути и на етничка Македонија.

Затоа, со задоволство го препорачуваме литературното и театарско дело „Последниот Македонец” од Душан Ристевски на сите читатели и вљубеници во пишаниот и театарски збор во македонското иселеништво и во Република Македонија

Славе Катин, публицист

 

На прво место

News image

Мане Јаковлески: Мојот пат по стапките на месијата 2011 година (8)

Петта станица-десно кон улицата Францис, од каде патот нагло, остро се издига кон Голгота (Калварија...

Историја

News image

Границите на Македонија се таму, до каде што допира римскиот меч

Македонија станува римска провинција во 146 година п.н.е., откако римскиот војсководец Квинт Цецилие...

Иселеници

Култура и туризам

News image

ВО АНКАРА– ГРАДОТ НА АТАТУРК И ПРЕСТОЛНИНАНА ТУРЦИЈА(10)

ДЕЛ ОД ПОСЕТИТЕ НА ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ НА СЛАВЕ КАТИН 

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.