|
|
МИТРОПОЛИТОТ КИРИЛ – ПРВИОТ АРХИЕРЕЈ ВО МАКЕДОНСКОТО ИСЕЛЕНИШТВО (22) |
ОСВЕТУВАЊЕ НА ЦРКВИТЕ „РАЃАЊЕ НА СВ. БОГОРОДИЦА“ ВО ДЕТРОИТ И „СВ. КИРИЛ И МЕТОДИЈ“ ВО БАФАЛО На 14 јануари 1975 година се конституира Иницијативен одбор за формирање на МПЦ „Раѓање на Пресвета Богородица“ во Ворен - Детроит. Првата архиерејска литургија во оваа колонија ја отслужи надлежниот архиереј, митрополитот г. Кирил. Новиот објект на оваа црква, поточно салата е осветена од архиепископот г.г. Стефан и митрополитот г. Кирил на 21 септември 2000 година, а по две години и новиот храм беше осветен од архиепископот г.г. Стефан и митрополитот г. Кирил на 21 септември 2002 година. За црквата „Свети Кирил и Методиј“ во Бафало, пак, чинот на осветувањето го изврши митрополитот г. Кирил во сослужение со поголем број македонски свештеници на 13 септември 1981 година При подготвувањето на моногравското дело за митрополитот г. Кирил, за црковното живеење на Македонците во САД ги презентиравме неговите визитации, осветувањa на македонски православни цркви и други активности поврзани со неговите посети како надлежен ахиереј на Американско-канадската епархија Така, во монографијата „Митрополитот Кирил“ од авторот на овие редови, публицистот Славе Катин, меѓу другото, се вели дека митрополитот Кирил со посебна љубов и почит се однесуваше кон Македонците во метрополата Детроит и има големи заслуги за црковното и националното живеење на тие простори. Инаку, Детроит е велеград и пристаниште на излезот на реката Детроит во државата Мичиген. По големина е петти град во САД и претставува светско средиште на автомобилското производство. Hero го формирале Французите, а во состав на САД е од 1796 година. Детроит, денес е еден од центрите на афро-американското население, а претставува и значаен културен и спортски центар. Уште во 19 век во Детроит почнале да се доселуваат Македонци од сите краишта на Македонија, а според некои податоци нив ги има повеќе десетици илјади, и тоа од Прилепско, од Леринско, од Охридско, од Гостиварско, но најбројни се од Тетовско, од Преспанско и од Битолско. Велат дека Вратница - Тетовско и Љубојно - Преспанско небаре се преселиле во Детроит. Во овој повеќемилионски град, особено во Стерлинг Хаитц, Македонците отвориле многу фирми, ресторани, агенции, фабрички погони... „Св. Богородица“ во Детроит Таму имаше неколку македонски радио-часови, a имаше и македонска телевизиска програма, како и фолклорни групи и спортски клубови. Затоа обично се вели дека Македонците во Детроит се чувствуваат како дома, бидејки целосно ги зачувале обичаите и традициите, како во „стариот крај" - во Македонија. Активностите за организирано опфаќање на Македонците во Детроит и од околните места почнаа уште пред Втората светска војна со формирањето на МАНС (Македонско-американски народен сојуз). Меѓутоа, како резултат на големосрпската и големобугарската пропаганда, вистинско македонско црковно живеење за Македонците почна дури во седумдесетите години од минатиот век. Имено во 1974 година се формира Иницијативен одбор за организација на македонска православна црква под јурисдикција на МПЦ, што значеше еден нов општествен живот. Иницијативата за формирање и изградба на своја македонска црква меѓу Македонците од Детроит постоеше уште од поодамна. Меѓутоа, таа желба се исполни дури кога на 14 јануари 1975 година се конституира Иницијативен одбор за формирање на МПЦ „Раѓање на Пресвета Богородица“ во Ворен - Детроит. Првата архиерејска литургија во оваа колонија ја отслужи надлежниот архиереј, митрополитот г. Кирил, во сослужение на повардарскиот митрополит г. Михаил (подоцна поглавар на МПЦ-ОА) во една римокатоличка црква во август 1975 година, а потоа беше организиран пикник на кој присуствуваа повеќе илјади иселеници. Како резултат на бројните активности, собраните средства и силната желба на Македонците да имаат свој македонски духовен и културно-просветен дом, во периодот кога се одбележуваше 75-години од Илинденското востание, на 13 август 1978 година, митрополитот Кирил, во сослужение на прота Ецо Јовановски, а пред многубројни посетители го изврши осветувањето на местото, а на 24 декември 1978 години беше купена зградата во Ворен и осветена на 20 јули 1980 година. Осветувањето го изврши митрополитот г. Кирил. Според изјавите на митрополитот г. Кирил за купувањето и за првите активности во МПЦ „Св. Богородица“ се заслужни голем број иселеници, меѓутоа, посебно место им припаѓа на почесниот претседател Крис Ник, познат донатор и фабрикант, по потекло од с. Болно, Преспанско, на првиот претседател Владо Пашариковски, потоа на претседателите: Миле Топаловски, Сане Тодоровски, Мишко Васовски, Светле Стамевски и други, како и на свештениците Благоја Ацески и Драги Трпески, Женската секција, Фолкорната група и дргите секции. Денес стариот објект на црквата е продаден а изградена е нова црква која претставува соборен храм и најголем објект на МПЦ-ОА во САД. До храмот се изградени големи сали и други простории што претставуваат убав македонски архитектонски комплекс. Местото беше осветено на 25 септември 1995 година, а на 21 септември 1998 година е поставен камен-темелникот. Новиот објект на „Раѓање на Света Богородица, поточно салата е осветена од архиепископот г.г. Стефан и митрополитот г. Кирил на 21 септември 2000 година. По две години новиот храм пак беше осветен од архиепископот г.г. Стефан и митрополитот г. Кирил на 21 септември 2002 година. Црквата „Раѓање на Света Богородица“ е една од најзначајните македонски духовни и културно-просветни центри во САД. Таа е собиралиште на голем број Македонци од Детроит и од околината и организатор на бројни активности, меѓу кои и на црковно-народните собири. Денес во неа е седиштетото на надлежниот архиереј на Американско-канадско-македонската епархија, митрополитот г. Методи. Бафало, пак, милионската метропола, е лоциран во непосредна близина на Нијагарските Водопади и претставува еден од значајните центри во државата Њујорк. Тој е големо пристаниште на езерото Ири и на Каналот што ги поврзува езерата Ири и Онтарио. Во него е развиена автомобилската индустрија, има железарница, а е и голем културен и спортски центар на тој дел на САД. „Св.Кирил и Методиј“ во Бафало Македонците почнале да се доселуваат во Бафало во почетокот на минатиот век, а нај многу дошле по Втората светска војна, кога и започнале првите заеднички активности. Нив ги има претежно од Преспа, Леринско, Битолско и други места од сите делови на Македонија, меѓу другите и од семејството на митрополитот г. Кирил од Царев Двор. Иницијативата за градење македонска православна црква во Лакавана и Бафало се јави уште во 1968 година од група напредни Македонци. Потоа, на 11 мај 1969 година, црквата под име „Свети Кирил и Методиј“ беше регистрирана од властите на државата Њујорк. По подолги подготовки и собирање доброволни прилози, на 24 мај 1975 година, на патрониот празник на црквата, свештениците Михаил Теохарев и Глигор Лапевски извршија осветување и положија камен-темелник за изградба на помошни простории. Потоа, митрополитот г. Кирил, на 7 септември 1975 година ја освети салата. Се работеше подолго време за да се изгради храмот. И кога храмот беше готов, на 13 септември 1981 година, на свечен начин беш осветена црквата „Свети Кирил и Методиј“, во која започна нов духовен и културен живот. Чинот на осветувањето го изврши митрополитот г. Кирил во сослужение со поголем број македонски свештеници, а во присуство на неколку илјади верници од САД и Канада. Осветувањето на храмот остана во сеќавање на многумина, но и на митрополитот г. Кирил. За постигнувањата во оваа општина се заслужни голем број Македонци, кои вложиле и средства и време. Меѓутоа, посебно место им припаѓа на претседателите: Живко Поповски, Владо Царовски, Цветко Фотевски, Миле Нечовски и други, на голем број активисти меѓу кои Љубин Нечовски, Живко Андреевски, Ѓорѓи Михајлидис и многу други, на Женската и другите секции, кои сите заедно го збогатија црковниот, националниот и културниот живот на Македонците во Бафало и Лакавана. Продолжува
Пишува: СЛАВЕ КАТИН |