|
|
Македонија е македонска – здравиот разум го налага тоа |
Македонија е македонска – здравиот разум го налага тоа Од Бил Николов, Претседател, Македонското Меѓународно Движење за Човекови Права Доколку една етничка група ви каже дека одредено име кое и се припишува го смета за крајно навредливо, дали вие и понатаму би го користеле тоа име, па дури и би се обидувале да ги убедите дека името не е навредливо? НЕ. Затоа, престанете да ме нарекувате „Северномакедонец“ од „Северна Македонија“. Јас сум Македонец од Македонија. Било кој друг израз го негира мојот етнички идентитет. Можеби не го знаевте тоа досега, но сега знаете. Но, луѓето кои со сила ја тераат Република Македонија да си го смени името во „Северна Македонија“ и нашиот идентитет во „северномакедонски“ (пред се политичарите од САД и од ЕУ) веќе го знаеа ова. Ако е така, тогаш што се случува? Ова го прават со цел да ги задоволат целите на Грција, држава која отворено признава дека работи на бришење на Македонија. Грчката Влада сега јавно го слави „Преспанскиот договор“, кој ни беше наметнат од САД и од ЕУ, и со кој се менува македонското име и официјално им се негира правото на Македонците на свој сопствен идентитет. Членот 7(2) официјално им го препушта изразот „Македонија“ на Грците. Членот 8 (5) определува дека комисија составена од грчки дипломати ќе ја пишуваат македонската историја и македонските учебници. Да, сериозно. Како е можно да постои ваков документ со кој се редефинира се што претставува една етничка група? Замислете вакво нешто да ви се случи на вас. Пред воопшто да го прочитаме овој „договор“ на 19 страници во кој се определуваат правила за тоа како јас треба да се нарекувам себеси (да не треба уште да носам прирачник со себе?), размислете за следното – ако некоја земја се вика „Северна Македонија“, тогаш нејзиниот народ автоматски ќе се нарекува „северномакедонски“. Одеднаш, значењето на зборот Македонец се претвори во нешто сосем поинакво. Зошто е Западот толку опседнат со додворувањето до Грција на сметка на Македонија? Накусо, поради експанзијата на империјалистичките организации НАТО и ЕУ. Грција беше решена да стави вето на приемот на Македонија во НАТО и ЕУ доколку Македонија не го смени името, и поради тоа Соединетите Држави и Западна Европа решија да ги прекршат сите принципи за кои велеа дека се залагаат – демократијата, почитувањето на човековите права, меѓународното право – за да ја принудат Македонија да стане членка на НАТО. Западот реши дека неговиот империјализам е поважен од човековите права. Прочитајте ја мојата колумна во Канадското Списание за Надворешна Политика во која се опишува бруталното кршење на најосновните човекови права на Македонците, вклучително и апсење, претепување и закани против жени пратенички и нивните семејства. Шокантна е поддршката што Канада ја дава во нашето уништување. Запрашајте се од каде им е дрскоста на западните политичари, дипломати и новинари да слават затоа што ја принудиле Македонија да си го смени името. Мојата порака до нив, и до сите што го поддржуваат анти-македонскиот договор од Преспа е следната: Престанете да ме убедувате дека редефинирањето на целата моја етничка група и одземањето на моето право на само-определување и само-идентификување не е навредливо. Престанете да ми кажувате дека принудното преименување на Македонија, наложеното препишување на нашата историја и редефинирањето на се што значи да се биде Македонец не е навреда за нас. Престанете да ми кажувате дека со одземањето на моето име и идентитет, на барање на нашиот угнетувач, се разрешил некаков „дипломатски спор“. Нашето име е Македонија. Нашиот идентитет, историја, етничка припадност и јазик се македонски Ве прашувам повторно, што ќе сторевте доколку ова и се случеше на вашата етничка заедница? Лично се обратив до канадските политичари кои се обидуваат да ме убедат дека нивната слепа послушност на американската надворешна политика, на сметка на мојата етничка заедница, е „нешто позитивно“: - До канадската министерка за надворешни работи Кристија Фриланд – „Каква ќе беше канадската надворешна политика да имавте македонско место украинско етничко потекло? Дали би прифатиле украинското име, идентитет и историја да и бидат предадени на Русија?“ - До Кати Ксаба, канадската амбасадорка во Македонија, која има унгарско потекло – „Што ако Унгарија беше принудена да се преименува во ‘Западна Унгарија’, а дефиницијата на зборот „унгарски“ и беше препуштена на Романија? Како ќе се чувствуваше ако група Романци седнат да ја напишат унгарската историја? Што би направила ако некој состави договор на 19 страници во кој се вели дека твоите предци одеднаш имаат нови идентитет, и се што досега си го знаела за твојата етничка група веќе не важи? - До Хелен Лавердиер, од Новата Демократска Партија на Канада – „Дали воопшто го прочита ‘договорот’ во кој на 19 страници се брише македонската етничка заедница? Што ако ист ваков договор им беше наметнат на Франкофоните во Канада и притоа ви беше кажано дека со тоа се решава дипломатски спор?“ Еве што Македонците се принудени да претрпат. А еве кои сме ние: Во 1913 година, регионот Македонија беше распарчен меѓу Србија (овој дел е сегашната независна Република Македонија), Бугарија, Грција и Албанија. Македонците оттогаш се борат против обидите за наше бришење, принудна асимилација и обидите да ни се преземе името. Како може Македонија одеднаш да биде и српска и бугарска, и албанска и грчка? Македонија е македонска. Да не заборавиме на следната историска иронија: како Грција во 1913 година го забрани името „Македонија“ и го негираше неговото постоење се до драматичната промена во нејзината пропаганда во 1988 година, кога отпочна кампања чија цел беше да го убеди светот дека Македонија им припаѓа на нив. Не дозволувајте ваквите културолошки злоупотреби да бидат наградени. Не дозволувајте политичките игри и корупцијата да ја избришат нашата вековна национална припадност. Нашето име е Македонија. Придружете ни се во неговата одбрана. И ние би го сториле истото за вас. Бил Николов, Претседател |