|
|
СТИВ ПЉАКАС И НЕГОВАТА ПОСВЕТЕНОСТ НА МАКЕДОНИЈА (31) |
ПОГЛЕДИ НА СТИВ ПЉАКАС КОН ВИСТИНИТЕ ЗА ЕГЕЈСКА МАКЕДОНИЈА И МАКЕДОНСКИОТ НАРОД (ДЕЛ II) Исто така, е факт дека на 23 август 1953 година е донесен Декрет за колонизирање на граничните региони со „нови колонисти кои имаат здрава национална свест“, а тоа беше христијанско турско население, Просвиги (Маџари). Затоа, тие таканаречени Грци се населија во местата од каде што Македонците беа прогонети или натерани да емигрираат. Со истиот Декрет голем број Македонци, бегалци од Грција, беа лишени од грчко државјанство, а нивните имоти се конфискувани. Стив Пљакас вели: „Во 1959 година грчката влада донесе закон кој е преседан над преседаните, барајќи од македонското население задолжителна изјава на лојалност. Поради тоа, грчките власти побараа од населението во селата во Леринско (сега Флорина) и Костур (сега Касториа), Воден (сега Едеса) и тн. потврди, дека јавно не го зборуваат македонскиот јазик. Ваквите мерки, беа преземени и кон иселениците од егејскиот дел на Македонија, во Австралија и Канада. Во прилог на ова, во 1967 година беше спроведен закон со кој се забранува употреба на македонскиот (славјанскиот) јазик, што беше чин на одземање на државјанствата, како и други мерки за асимилација на Македонците“, потврдува Стив Пљакас и продолжува. „Непобитна е вистината дека асимилацијата на Македонците од грчките власти низ разни форми и начини, продолжува и сега, и тоа низ системот на образованието. Оние кои се декларираат како Македонци не се во можноста да најдат вработување во која било државна институција, што се потврдува преку целата нова серија закони и прописи кои се дискриминаторски кон македонското национално малцинство. На пример, ќе нагласиме дека со одлуката од 1982 година, во однос на репатријација на грчките граѓани и политички бегалци, дозволено е само „Грци по род“ да се вратат во Грција, односно оние кои ќе се откажат од својот македонски или турски и албански идентитет и ќе прифатат грчки имиња. Законот од 1985 година, исто така, содржи дискриминаторска клаузула која ги спречува Македонците во Република Грција за остварување на правото на сопственост на имот.
Потоа, во 1986 година грчката влада го стави Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје на листата на странски академски институции, чии дипломи не се признати во Грција, со образложение, дека предавањата на овој универзитет бил на јазик кој не е „меѓународно признат“, вели Стеве Пљакас. Ова покажува дека официјалното негирање на постоењето на македонското национално малцинство останува постојана цел на грчката политика, без оглед на тоа дали е лева, десна или профашистичка. Во поново време, асимилаторската политика на Атина, уште еднаш се сврте против припадниците на македонското национално малцинство. А, слична е судбината и на турското, албанското, влашкото, ромското и другите малцинства кои се многубројни во Грција. Некои „вистини” на грчката “демократија” продолжуваат да бидат очигледни, а странскиот фактор да ги толерира. Според Стив Пљакас: „Факт е дека Република Грција (Елада) одбива да ја признае Република Македонија под нејзиното уставно име со образложение дека употребата на името ги покажувало наводните територијални претензии кон делови од грчка Македонија, до неодамна Северна Грција. Невидениот притисок и уцени врз Република Македонија што го наметна Грција со неофицијалната блокада во есента 1992 година, со затворање на границата кон Македонија сè до февруари 1994 година, имаше за цел да ѝ нанесе економска штета, деградирање на инфраструктурата, како и фрлање на колена на својот северен сосед, Република Македонија.
Македонци пред Белата куќа Факт е дека Грција грубо и навредливо ги враќа Македонците кои се родени или потекнуваат од егејскиот дел на Македонија, да влезат во таа земја на Европската унија, и покрај тоа што тие имаат американски, канадски или австралиски патни исправи. Инаку, сите тие граѓани на светот се лојални, познати и признати, многу од нив се признати бизнисмени, културолози и видни граѓани во новите средини на Соединетите Американски Држави, Канада, Австралија, Европската унија и други земји. Ваквата несфатлива грчка политика кон Република Македонија со различни дипломатски активности, мешање и ширење невистини, го забави процесот на меѓународното признавање на Република Македонија, правејќи преседан за нашата држава да биде прифатена во ОН под привремено срамно име и никогаш да не биде примена во Европската Унија. Грција ја користи позицијата, милениче на Англија и Соединетите Американски Држави и продолжува да ја блокира Македонија бидејќи е членка на Европската унија. Сепак, не треба да се заборави дека таа не е национално хомогена, туку, всушност, е мултинационална држава, имајќи ги сите потенцијални политички последици. Обврзна е, да ја прифати европската регулатива во врска со третманот на малцинствата и заштитата на нивните човекови и културни права. Таа е земјата од каде што потекнува зборот „демократија“ но далеку е од демократијата. Заедно со Македонија е земја од минатото, со надеж дека ќе биде земја на иднината, и, конечно, таа е сосед на Република Македонија, кој треба да биде своевиден генератор, а не кочничар без преседан кон подоброто утре“, вели Стив Пљакас.
Ние мора да истакнеме дека македонскиот и грчкиот народ, без оглед на нивната државна политика, соработувале во добри и лоши времиња. Ова е потврдено во последниве децении со зголемување на соработката меѓу двете земји и нивните народ на културно и друго поле. Како потврда на ова, на пример, да посочиме дека се направени бројни преводи од македонски на грчки и обратно, а има голема соработка помеѓу фолклорни и забавни групи, театарски и други асоцијации. Голем број грчки интелектуалци ги осудуваат политиките и неправдите нанесени на познати и признати македонски граѓани кои потекнуваат од Егејска Македонија. Исто така, мора да се нагласи значењето на грчкиот Хелсиншки комитет и други здруженија за заштита на човековите и други права на секој граѓанин во Република Грција. Грција е потписник на Конвенцијата на Советот на Европа за заштита на националните малцинства од септември 1997 година, со кое покажа добри знаци на постепени позитивни промени во односот кон малцинствата во таа земја. Оваа Конвенција можеби ќе доведе до исчезнување на причините за грчкото негирање на името на Република Македонија и на правата на македонското и другите малцинства во Грција. И, конечно, факт е дека во последно време Грција далеку води пред многу други странски бизнисмени и компании, кои инвестираат свој капитал во Македонија. Нивното учество во повеќе од педесет инвестициски проекти претставува, од една страна, моќен потенцијал и обновување на капиталот, а од друга страна, дали тоа значи, дека дел од македонското стопанство има економска зависност од грчките инвеститори? Добрите економски односи меѓу Република Македонија и Република Грција ги навестуваат или ги потврдуваат очекувањата дека соработката и инвестициската политика на двете земји ќе продолжи и во иднина. Продолжува
Пишува: СЛАВЕ КАТИН |