|
|
КОРЕНИТЕ НА СЕМЕЈСТВОТО ВИДИНОВСКИ ОД КАНАДА (1) |
ЖИВОТНАТА ПТИКАЗНА НА СЕМЕЈСТВОТО ВИДИНОВСКИ (ДЕЛ I) Животната приказна на семејството Видиновски е многу интересна страница од мозаикот на македонскиот иселенички летопис во Торонто - Канада, но и во пошироките простори на северноамериканскиот континент. Рада и Борче Видиновски, како горди Македонци, се познати, доблесни имиња на активисти и поети, кои со својот ангажман, активност во творечкиот опус, поетскиот збор и порака, оставаат културни достоинства за идните времињаи за следните генерациите Рада и Борче Видиновски пленат со својата родољубивост и силна посветеност за афирмација на македонското име, јазик, идентитет, култура и традиции во мултиетничката мапа на Канада. Животната приказна на семејството Видиновски, истовремено, е и скромен дел од историјата на неговото родно Крстоар, Битолско, на Македонците во иселеништвото, а преку него и на нивната татковина – Македонија. Затоа што она што се случувало од исконските времиња на Филип Втори и Александар Трети - Македонски, или како што е познат Александар Велики, преку незаборавните битки на цар Самуил, до оние на Гоце Делчев, Даме Груев и сите борци по нив, ги отсликуваат историските голготи низ кои минала Македонија, сé до нејзиното прогласување за самостојна, демократска и независна држава. Затоа може да се рече дека со монографскиот труд за доблесното семејство Видиновски во скромни рамки се проектира најновата фаза на македонската иселеничка историја. Во монографијата посебно место е посветено за Битола и битолскиот крај, во кој спаѓаат и родните места на Борче и на Рада Видиновска. Така, во неа се вели дека Битола, градот на конзулите, како што го нарекуваат е најголем градски центар во Пелагониската Котлина од дамнина и се протега во југозападниот дел на Вардарска Македонија.
Рада и Борче Видиновски Пелагониската Котлината, пак, во која припаѓа и дедовскиот крај на семејството Видиновски, кое е распрскано по многу земји во светот – убавото село Крстоар, како нејзино предградие, како и селото Живојно, кое е сместено во срцето на Пелагонија. На патот од Битола за Крстоар се наоѓа археолошкиот локалитет на античкиот град Хераклеја Линкестис, основан во IV век пред Христа од Филип II Македонски, владетелот на Античка Македонија. Овој антички град доживеал бурна и славна историја испреплетена со просперитети и разурнувања. Со надоаѓањето, со навлегувањето на словенските племиња кон крајот на VI век, престанал животот на античкиот град Хераклеја. Во XIX век, додека во битолските села, особено во потпелистерските села како што е селото на семејството Видиновци – Крстоар, како и во други пелагониски села како што се селото на семејството Крстевски од село Живојно, се воделе борби за зачувување на животот, имотот и честа, во Битола и во Битолскиот вилает. Македонците од овие битолски краишта настојувале да ја преземат целокупната општествена дејност за да си ги задоволат своите еснафско-трговски потреби. Низ таквата борба македонското граѓанство во Битола успеало да отвори свои училишта. На 4 ноември 1944 година борците на Седмата бригада го ослободиле градот Битола. Така, Народноослободителната борба и народната револуција во Битола и Битолско биле крунисани со полн успех, а за населението во овој слободарски крај на Македонија започнала ерата на слободниот, национален, социјален и стопански развој исполнет со голем хероизам, ентузијазам и работни победи. Семејството Видиновски од селото Крстоар ја напуштило својата родна земја – Македонија од економски причини, а спомените, мислата, љубовта, тагата и патриотскиот дух кон татковината и својот народ не ги напуштиле. Проникнувањето на овие хоризонтали во животот на Борис (Борче) и Рада Видиновски, како и сите Македонци ширум дијаспората, ја откриваат сликата за библиската природа на земјата на нивното потекло, сместена на балканските простори. Дел од животот и делата на Борче и Рада Видиновски е сместен во монографија насловена „Семејството Видиновски“ што ја подготви на македонски и на англиски јазик авторот на овие редови, Славе Николовски-Катин. Монографијата е еден вид биографско-публицистичко дело и претставува своевидна сага за жилавоста, макотрпението, упорноста и истрајноста на Борче и Рада од Крстоар и од Живојно, Битолско. Монографијата за семејството Видиновски е поделена на неколку дела. Во нив се претставени неговите две татковини – родната Македонија и Канада. Првиот дел е насловен „Македонија – татковината на семејството Видиновски“, во кој се поместени текстови за Македонија од античко време до денес, за Битола и битолскиот крај и за слободарскиот дух на тие македонски простори. Во вториот дел под наслов „Поетесата Рада Крстевска – Видиновска“ се дадени текстовите за животната приказна за поетесата Рада Видиновска, нејзините поетски остварувања од повеќе од триесет години, како и нејзиниот израз на поетските чувства на Струшките вечери на поезијата, како и даден е дел од животната приказна на нејзиниот сопруг Борче Видиновски, како семеен човек, како бизнисмен, како активист во македонските асоцијации во Торонто и како скромен поет.
Третиот дел од монографијата „Историското и духовното живеење во Крстоар“ ги содржи тектовите под наслов „Од Широк Сокак до манастирот Свети Христофер“ во Крстоар, потоа се поместени текстови за црквите, манастирите и другите природни знаменитости во Крстоар, како и посрбрн текст за Буковскиот манастир „Свето преображение Христово“ кој е сенароден духовен центар. Во четвртиот дел се поместени текстовите за учителот и големиот македонски револуционер Ѓорѓи Поп Христов – Крстоарец, кој оставил вечни траги во националното живеење. Потоа е поместен текст за војводата Тодор, прадедото на Борче Видиновски кој бил во четата на Ѓорѓи Сугарев и кој бил единствен преживеан борец од битката, како и е поместен пригоден текст за борачот – најсилниот маж, Тодор Јурукот од Крстоар. Петтиот дел е насловен како „Семејните корени на фамилијата Видиновски“, во кој се дадени семејните дрва на Борче и Рада и нивните семејства, потоа е поместен текст за корените на семејството Видиновски од Нивици, Преспанско до Крстоар, Битолско, за Егејска Македонија, земјата на корените на семејствата Видиновски и Крстевски, како и текст за Крстоар како дел од македонскиот иселенички регион под Пелистер. Шестиот дел е посветен на родното место на Рада Крстевска Видиновска, селото Живојно во Мариово, при што се дадени текстови за историскиот развој, за образовните, за културните процеси и културните знаменитости, како и биогравски податоци за познати и признати личности од Живојно. Седмиот дел под наслов „Канада – Втората татковија на семејството Видиновски“ содржи пригодни текстови за Торонто, за активностите на Рада и Борче во Македонската православна црква „Св. Климент Охридски“, во Организацијата „Обединети Македонци“ и посебен простор е посветен за нивните активности во Литературното друштво „Браќа Миладиновци“, Осмиот дел под наслов „Поезијата – дел од животот на Рада Видиновска“ е посветен на нејзиното учеството на Струшките вечери на поезијата, со посебна нагласка на добивањето на престижната награда на Матицата на иселениците од Македонија „Иселеничка грамота“ што Рада ја доби на 31-те Струшки вечери на поезијата. Потоа е поместен текст за Рада Видиновска и усвојувањето на првото признание „Златен клас за македонски вознес“ на Пелагониските средби во Новаци и текст за посебното признание од Медитеранската академија „Браќа Миладиновци“ од Струга. Во додатокот е посветен посебен простор на признанијата, пофалници и дипломи што Рада Видиновска ги добила од голем број македонски асоцијации во Македонија и во иселеништвото, како и текстови кои се однесуваат на богатото поетско творештво на поетесата Рада Видиновска. Продолжува
Пишува: СЛАВЕ КАТИН |