|
|
КОРЕНИТЕ НА СЕМЕЈСТВОТО ВИДИНОВСКИ ОД КАНАДА (2) |
ЖИВОТНАТА ПТИКАЗНА НА СЕМЕЈСТВОТО ВИДИНОВСКИ (ДЕЛ II) Судбината на семејството Видиновски е слична или идентична со судбините на голем број други иселеници од етничка Македонија. Во делото тие се претставени како Македонци со својствени одлики на луѓе, кои колку и да претрпеле удари, и да поминале низ разни премрежија, бидејќи имале и добри и лоши детски, младешки и други денови, сепак, тие опстојале и останале доследни како страдалници, како среќници, како борци за подобро утре Поетесата Рада Видиновска потекнува од селото Живојно, а е сопруга на Борче Видиновски кој потекнува од селото Крстоар, кое е едно од најкарактеристичните места, сместено во падините на Баба Планина, свртено кон плодната Пелагонија. Тоа село има прекрасна местоположба и климатски услови за одмор и живеење и како едно од најблиските населби на Битола, го вбројуваат меѓу најхристијанските села во тој регион. Крстоар е убаво село кое пленува со своите стари архитектонски градби, со дворовите, чардаците, панорамата и живописната околина. Семејството Видиновски се дел од многуте печалбари од потпелистерските краишта, за кои судбината била сурова и оставила вековни последици и лузни врз животот на иселениците. Во таа печалбарска сага, секако свое посебно место има нивното родно село Крстоар кое е тесно поврзано со историскиот и општествениот развој на Македонија и македонскиот народ и со иселеништвото во целина. Борче и Рада се личности за почит и пример на кои можат и треба да се огледаат и други Македонци во двете татковини, Канада и Македонија. Делото што го направил Борче Видиновски и неговиот животен сопатник Рада Крстевска-Видиновска, претставува убав пример и патоказ на еден честит и благороден канадски брачен пар. Борис (Борче) Видиновски е роден во 1943 година во Крстоар, Битолско. Основно образование завршил во Буково, а Средно земјоделско училиште учел во Гостивар. Во тој период од животот Борче е еден од ценетите млади луѓе во селото и пошироко. Тој бил послушно, трудољубиво и вредно момче кое заедно со другите млади луѓе од селото и околината, поради животните состојби и својата иднина, размислувал каде по белиот свет да ја бара својата иднина и живот.
Рада и Борче со внучињата Тој е еден од најактивните членови на Литературното друштво „Браќа Миладиновци“. Денес живее и ги поминува пензионерските години во метрополата Торонто, поточно во Маркам, а со копнеж тагува и пее за родната татковина - Македонија, каде доаѓа, речиси, секоја година. Борче Видиновски се покажал и докажал преку постоењето и работата на Литературното друштво „Браќа Миладиновци“, кое работи во состав на МПЦ „Свети Климент Охридски“ во Торонто. Денес, Македонците во новите средини во мултикултурна и демократска Канада, со гордост ја истакнуваат својата припадност. Уште повеќе, благодарение на улогата на македонските православни цркви, црковните и други асоцијации и позитивно-ориентираното македонско свештенство, иселениците со голем ентузијазам и полет ги одржуваат црковните и народните традиции и со гордост го истакнуваат богатиот фолклор, јазик, литература и традиции, афирмирајќи го македонското минато и сегашноста, а со тоа ја бранат и ја афирмираат Република Македонија. Животот на едно благородно иселеничко семејство од Македонија во Канада, како што е семејството Видиновски сместено во еден скромен со податоци биографско-публицистички времеплов, е своевидна сага за неговото опстојување. Монографијата за семејството Видиновски со сета скромност е лика и прилика за нивниот живот и за делото што тие го оставаат вечно да се сеќаваат младите генерациите во нивното семејство, како и да биде убав пример за иселениците да ја негуваат љубовта кон дедовските корени во Македонија.
Рада и Борче во Македонија Иако најголемиот дел од животот го минуваат во емиграција, Борче и Рада до крајот на своето опстојување останале поврзани со родното Крстоар и дедовската земја, Македонија. Тие не се покажале како обични печалбари кои, ете, отишле само да спечалат и да се вратат, или после долгата и успешна печалба да останат во туѓина. Напротив, Борче и Рада, како личности, настојуваат да навлезат во суштината на животот во новата средина и во македонската вистина, слобода, иднина... Посебен простор во монографското дело е посветен на поетесата Рада Крстевска- Видиновска. Таа е Канаѓанка од македонско потекло, родена во селото Живојно, а мажена во Крстоар. Рада ја напуштила својата родна земја – Македонија, меѓутоа, спомените, мислата, љубовта, тагата и патриотскиот дух кон татковината и својот народ не ја напуштиле. Не. Тие тлеат, постојат и ги оживуваат низ стиховите, низ песните и низ сé она што го оставила како свој придонес, дар и оставнина. Ваквите проникнувања на овие хоризонтали во животот на Рада и нејзиниот сопруг Борис (Борче) Видиновски, како и сите Македонци ширум светот, ја откриваат сликата за библиската природа на древната земја на нивното потекло – Македонија. Кога се пишува за Рада Видиновска може да се каже дека за неа поезијата, всушност, е нејзиниот живот. Во нејзината поезија се испреплетени нејзините две татковини, Македонија и Канада. Затоа поетските дела што таа ги напишала претставуваат убав пример и патоказ на една честита и трудољубива канадска Македонка, на која татковините ѝ се и радост и тага и восхит. Во Канада, Рада Видиновска стана македонски иселенички писател, поет, есеист и раскажувач. Затоа, може да се рече дека во нејзините скромни поетски рамки и преку нејзините дела се проектира македонската иселеничка поезија. Дел од семејството Видиновски Во биографијата за Рада Видиновска се вели дека таа е современ македонски писател, поет, есеист, раскажувач. Таа живее во Торонто, Канада со семејството, но постојано копнее, пее и тагува за родната Македонија. Нејзините корени се од селото Живојно, Битолско, каде е родена на 15 јули 1944 година. Во Торонто активно се вклучила во македонските иселенички организации и црковни општини. Била член на управата на МПЦ „Свети Климент Охридски“, член на културниот комитет, како и претседател на женската секција при црквата „Свети Климент Охридски“, претседател на женската секција при организацијата „Обединети Македонци“ и претседател на Литературното друштво „Браќа Миладиновци“, во Торонто. Повеќе години била учесник на Меѓународната манифестација „Струшки вечери на поезијата“ по покана на Управниот одбор на СВП и застапена е во изборот „Кој е Кој“ на светските поети. Монографијата за семејството Видиновски е поделена на неколку дела. Во нив се претставени нивните две татковини – родната Македонија и земјата на нивниот животен пристан - Канада. Во неа живеат со децении, но се чести гости и во Крстоар и во Охрид, каде имаат стан за одмор и рекреација. Претставени се нивните родни места, селата Крстоар и Живојно, за кои се објавени сите релевантни податоци во текот на нивното постоење. Исто така, претставени се значајните личности, со посебна нагласка на црковно-духовните центри од двете села. Исто така, монографијата е посветена на поетското творештво на Рада Видиновска. Така, сите четиринаесет поетски дела што ги напишала Рада Видиновска претставуваат убав пример за една трудољубива иселеничка. Поетските дела на Рада Видиновска се промовирани на многу места во Република Македонија и на северноамериканскиот континент. Тоа придонело таа да е прв лауреат на наградата „Иселеничка грамота“ во 1992 година, што за првпат Матицата на иселениците од Македонија ја додели на „Струшките вечери на поезијата“ за најдобар поет од дијаспората. Рада е член на Друштвото на писателите на Македонија од 1994 година, а, исто така, и член на Медитеранската академија „Браќа Миладиновци“ од Струга. Продолжува
Пишува: СЛАВЕ КАТИН |