|
|
КОРЕНИТЕ НА СЕМЕЈСТВОТО ВИДИНОВСКИ ОД КАНАДА (13) |
БУКОВСКИОТ МАНАСТИР „СВЕТО ПРЕОБРАЖЕНИЕ ХРИСТОВО“ НАРОДЕН ДУХОВЕН ЦЕНТАР Монографското дело „Семејството Видинивски“ на Славе Катин, а во издание на Книгоиздателството „Македонска искра“, од Скопје, 2019, 1-445 (на англиски и македонски) е посветено на ова македонското семејство кое пред педесетина години се преселило во демократска Канада, но не ја заборавиле родната земја чиј корени се протегаат во селата Крстоар и Живојно, Битолско во Македонија Во делото, меѓу другото, се вели дека селата Буково и Крстоар припаѓаат на јужниот дел на Општината Битола, на неколку километри оддалеченост од градот Битола, на источните огранки на Пелистер (Баба Планина). Таму, во живописните планински предели се наоѓа Буковскиот манастир „Свето Преображение Христово“. Инаку, Буково е ридско село, но во исто време и градска населба, распослано на надморска височина од околу 700 метри. Поради близината со градот Битола, Буково е дел од неговата урбана зона, односно тоа е населбата Буковски Ливади во подножјето на Баба Планина, веднаш под селото Буково. Во непосредна близина на Буково се наоѓа aрхеолошкото наоѓалиште на античкиот град Хераклеја, основан од Филип II Македонски, таткото на Александар III Македонски. Како легенда се пренесува, дека првите семејства биле населени од многу поодамна изгореното село Неољани, што се наоѓало во близина од околу еден километар западно од сегашното Буково, во почетокот сместено во подножјето на буковските планини - Стар Забел и Неолица, покрај реката Киндирка, што се формира од прочуените извори на Дванаесетте кладенци. Има остатоци и од стара црква, за која постојат податоци. Се претпоставува дека горната десна маала на Буково била населувана и од жители, од старото, многу одамна иселено село Магарево, од кое и денес можат да се забележат распаднати sидишта. Таа месност сега е под ливади и се вика Магарешки Ливади, а се наоѓа покрај Стара Река, што извира во Буковско-ореовските планини, на околу 1,5 километри над сегашното Орехово, кое, исто така, е населено од жителите на Магарево. Ова дотолку повеќе е за верување, оти Орехово во ништо не се разликува од Буково, ни по говорни особини, ни по обичаи ниту, пак, по што било друго. Има верзија што е, исто така за верување, дека сегашното Буково, посебно, неговата долна маала, била населена од старото иселено село викано Селиште, што се наоѓа десно од Стара Река, непосредно од сегашната црква - капела викана „Пречиста“. И тука сега можат да се сретнат остатоци од sидишта. За населувањето на долните маала на селото Буково можат да се најдат, исто така, остатоци од sидишта. Манастир „Свето Преображение Христово“ Се верува, дека Буково било населувано и од избегани жители од античкиот град Хераклеја по неговиот земјотрес, по кое и територијата од тој град станала сопственост на селото Буково. Често се вели дека Буковскиот манастир „Свето Преображение Христово“ е духовен центар за голем број македонски верници од потпелистерските и пелагониските населби, а особено за народот од селата Буково и Крстоар. Тој се наоѓа на околу 2 километра над селото Буково, на доминантна височинка опкружена со густа шума, помеѓу селата Крстоар и Буково и на 6 километри од Битола. Манстирскиот комплекс се состои од манастирската порта, црквата, конаците на два ката, со кујна и трпезарија, камбанаријата и уште неколку други помошни објекти. Историските сведоштва за Буковскиот манастир зборуваат за неговото повеќевековно опстојување како еден од поголемите монашки и духовни центри во Битолско. Манастирот бил возобновен на почетокот на XIX век. Првично имал монаси, но половина век подоцна монашкиот живот замрел и управувањето било преземено од мирјани од Битола. Манастирската црква била изградена во 1837 година, во центарот на оградениот минастирски двор и како градба тој е еден од најрепрезентативните во Потпелистерскиот Регион. Во архитектонски поглед претставува комбинација меѓу трикорабна базилика и впишан крст со купола, која се издига во централниот дел на храмот. На исток има седумстратна апсида. На јужниот и северниот ѕид има по четири правоаголни прозорци. Влезовите се на јужната, западната и северната страна. Над западниот влез е издлабен натпис, кој ни ја кажува годината на изградба - 1837. Во ентериерот трите брода се поделени од два реда од по четири масивни столбови, оформени од по 10 и 12 камени прстени, меѓусебно поврзани со арки. Куполата е на четири пандантифа. Осветлувањето од осумстраниот тамбур е обезбедено преку прозорци. Панорама на Буково Кога го посетивме Буковскиот манастир „Свето Преображение Христово“ се уверивме дека во внатрешноста на црквата нема живопис, но е исполнет со прекрасна резба: иконостас, две табли поставени во западниот ѕид и еден сандак каде се чуваат свештеничките одежди. Иконостасот е од три, а во централниот дел од четири реда колони. Во него се вградени удели од постар иконостас. Особено значајно е целиванието украсено со резба, кое поседува високо ниво на уметничка обработка и претставите изрезбани на мал простор, претставуваат вистински репрезент на древната резба, од првата половина на XIX век во Битолско и пошироко. Во црквата има многу икони од XIX век и почетокот на XX век, кои датираат од 1862, 1881, а дел и од 1908 година. Овие икони според стиловите се дело на локални зографи. Во црквата има и една стара икона изработена од непознат зограф во XVIII век. Во своето дело „Манастирите во Македонија“ (Софија, 1933 година) прилепчанецот Георги Трајчев за Буковскиот манастир ќе напише: „Буковскиот манастир е расположен на една височинка, крај селото Буково, во источните падини на величествениот Пелистер. Од југозападната страна манастирот е обиколен со богата букова и брестова шума, која му два живописен изглед на манастирот. Во него се влегува низ двојна порта, над која се гледа натпис од 1844 година. Тогаш е подигната портата и над неа има соби за гости. Манастирската црква е на средината на дворот и е покриена со камени плочи, кои ги има во изобилие во локалните каменоломи. Таа е со едно кубе, во вид на крст и со осум столба. Долга е 24 чекори, а широка 15 чекори. Иконостасот е со резба, на кој под секоја икона се гледа двоглав орел (д-р Јован Хаџи Василевиќ, гр. Битола, 1911 год.). Над северната црковна врата е е напишана 1837 година, кога била возобновена црквата на старите темели. Во постаро време тука службите се служеле на славјански, а по обновувањето црквата ја користела патријаршијата.. Славјанските книги, со руска редакција, со кои се служело во почетокот на XIX век, не биле дозволени во манастирот. Собата на рускиот конзул Во дворот на црквата има камбанарија со една камбана. Околу црквата, откај северната, јужната и западната страна се наоѓаат манастирските соби. Поради близината на манастирот до Битола, еден час јужно и неговиот чист планински воздух и кристалната букова вода, манастирот често е посетуван од жителите од градот, а за време на големите летни горештини, тука летуваат многу семејства. Иако бил патријаршиски манастир, арх. Антонин, на 30 мај 1865 година на таванот ги нашол скриени следните книги: Четвороевангелие, на пергамент, ракопис; Пролог од месеците септември, ноември и декември; Минеј за месец март од XVI до XVII век; Минеј за месец ноември. На првата страница имало белешка дека проигуменот Атанасиј на манастирот свети Отец (Кумановско), кој отишол на соживот во манастирот Свети Јаким, поранешен тамошен игумен, ја зел и кигата Минеј и книгата Октоих, печатена во 1539 година“. Поради густата шума и пријатната клима во околината на манастирот, жителите на Битола и околината редовно го посетуваат Буковскиот манастир „СветоПреображение Христово“. Буковскиот манастир „СветоПреображение Христово“ бил еден од омилените места на дипломатскиот кор во конзулска Битола за време на Турската Империја. Особено бил посетуван од рускиот конзул Александар Аркадиевич Ростковски, кој активно одржувал контакт со дејците на Македонската револуционерна организација. За време на илинденските настани, на 26 август 1903 година, како што споменавме, во присуство на својот пријател Крсте Петков Мисирков и учител на неговите деца, Ростковски облечен во парадна униформа, бил убиен од турски војник (Албанец по потекло) додека се враќал од манастирот во својата резиденција во Битола Продолжува
Пишува: СЛАВЕ КАТИН |