|
|
РАДА ВИДИНОВСКА ОД ТОРОНТО И НЕЈЗИНАТА ПОСВЕТЕНОСТ НА ПОЕЗИЈАТА (7) |
ПОЕТСКИТЕ ОСТВАРУВАЊА НА РАДА ВИДИНОВСКА Поетесата Рада Видиновска е автор на четиринаесет поетски дела кои се значаен дел на иселеничката и македонската книжнина. Голем број познати и признати поети, писатели, публицисти, академици и други интелектуалци од Македонија и Канада, се потрудиле за нејзина поезија да напишат рецензии, коментари, изјави и други прилози и литературни остварувања
Така, за првата збирка песни на Рада Видиновска под наслов „Бисерни капки од Нијагара“, писателот Анте Поповски, меѓу другото, ќе напише дека песните што ни ги предлага оваа наша поетеса се прва нејзина покомплетна објава, независно што и претходно таа била присутна во одделни книжевни гласила во татковината или во Канада со одделни сепарати. Ракописот е компониран во еден класичен поетски приод: во првата нејзина книга се собрани повеќето нејзини досегашни напишани текстови од кои не е тешко да се заклучи дека станува збор за една автентична поетска мисла и оригинална идеја. Нејзините песни се мемории набиени со детали кои на песната и даваат и оригиналност и патетичност. Секоја песна е едно згуснато време во кое се покажува речиси иреален простор на едно детство и на една исклучителна тага по нешто што одминало или останало далеку од досегот на рацете. Во тие простори се останати заробените чувства на поетесата, нејзината исконска љубов кон нив, нејзината неразделност со нив. Секоја песна е еден остар и згуснат крик во кој емотивниот набој не ретко ѝ го отстапува својот простор на мислата. Така се добива еден мошне интересен и активен поетски супстрат кој стои на самиот раб на деликатната рамнотежа, чувството тежнее кон тага, мислата - кон надежта дека еден ден поетот, сепак, ќе го дочека своето обединување на татковината. Во свеченостите на поетската реч постојано се насетуваат убавите и далечни сенки на родината, на родниот крај, на домашниот праг, на питомите мугри и простори на детството.
Книгата поезија под наслов „Бисерни капки од Нијагара“, на Рада Видиновска непорекливо говори за сето тоа и влегува како апсолутна составка на македонската литература на егзилот. Таа литература, денес, со сите нејзини карактеристики е составен дел на македонската културна историја. Во продолжение Анте Поповски ќе напише дека пред себе имаме ракопис на еден исконски плач и тага по татковината. Татковината во овие песни - поезија си има свои длабоки корени во свеста на овој народ. Како и поезијата на сите знајни и незнајни кои во срце ја носат Македонија како волшебен амблем. Срдечно го поздравуваме првиот настап на Рада Видиновска на сцената на македонската литература. Длабоко сме уверени дека неосквернетиот порив на нејзиното пеење ќе има длабок одраз во свеста на секој македонски читател. Секоја песна на овој поетски ракопис е едно болно обраќање на поетот кон сечии корени кои потекнуваат од благородната македонска почва. Истовремено, овој ракопис дише и со една назначена и универзална љубов кон човекот и кон неговите трауми, меѓу другото, напишал големиот писател Анте Поповски. За третата по ред стихозбирка на Рада Видиновска, под наслов „Белези на душата“, поетот Раде Силјан ќе напише дека благодарение на демократските процеси што настанале во Република Македонија, се создадоа услови за приватна иницијатива и во областа на културата.
За релативно кратко време постигнати се значајни резултати во сите области на нашето живеење и создавање. Во анимирањето и афирмирањето на многуте автори свое значајно место има приватното Книгоиздателство „Матица македонска“ од Скопје, кое само во календарската 1992 година, публикуваше педесет наслови од областа на науката, белетристиката, публицистиката и историографијата. Потоа, Раде Силјан, меѓу другото, ќе изјави дека Книгоиздателството „Матица македонска“ минатата година ја востанови едицијата „Македонците во светот“, со единствена цел да ги афирмира и обедини творечките вредности на сите Македонци што создаваат надвор од Татковината. Досега се објавени седум наслови, кои доживеаја своја промоција во Скопје, Битола, Торонто - Канада и во Карлсруе - Германија. Во печат се наоѓаат нови десет наслови од македонски автори, кои создаваат далеку од својата родна земја, во Австралија, Канада, Соединетите Американски Држави и во западноевропските земји. До крајот на годинава ќе биде објавена и антологијата „Глас од далечината“, во која е направен пресек на најдобрите поетски остварувања на македонските поети расштркани ширум светот. И за поетското остварување на Рада Крстевска–Видиновска „Скришни огледала“, писателот Анте Поповски ќе напише дека в раце имаме поетски ракопис на зрела мисла, автентична, елегична. Најновите песни на Рада Крстевска–Видиновска, заедно со скратен избор од нејзината веќе објавена поезија, претставуваат убав и значаен придонес во литературата која ја пишуваат нашите иселеници.
Членови на Литературното дрштво „Браќа Миладиновци“ Магијата на поетската реч среде нашите иселеници зазема сé понагласено место во нивното духовно живеење. Не случајно: втемелени сме во зборот и зборот ќе биде и нашата прва и нашата последна постојбина. Нема ништо поприродно од фактот дека точно зборот се јавува како природен мост кој ги поврзува двете татковини, двата краја на еден човечки живот. Рада Видиновска не ѝ е непозната на нашата македонска книжевна јавност. Ова е нејзина четврта книга која излегува во Македонија и ние сме длабоко уверени дека нејзиниот книжевен растеж станува сé повпечатлив, нејзиниот довик станува сé попрепознатлив, тематскиот круг можеби останува ист но во првичната и вулгарна транспарентност на стихот веќе го нема: пред нас имаме поезија на спокојна и мудра реч, метафорички збогатена и изразно изнијансирана. Значи, станува збор за автор кој сé поуверливо и се наложува на нашата книжевна јавност. Оваа поезија е пишувана со неосквернет јазик: тоа е јазикот на нејзиниот татко, неговата одмерена реч и нејзиниот притаен страв од нешто чии сенки само се насетуваат. Тоа е јазикот на нејзината мајка, на нејзините другарки. Јазик незаразен од дневната и извулгаризирана ефемерност. Тоа е јазик на питомите македонски полиња и јазик на свеченостите на една проповед која постојано општи со дамнините и со надежта дека еден ден повторно ќе им се врати на радоста и на детството. Исто така, писателот Анте Поповски за стихозбирката „Отворени порти“ ќе објави дека секоја песна на Рада Видиновска е остар и згуснат крик во кој емотивниот набој неретко ѝ го отстапува својот простор на мислата. Така се добива интересен и активен поетски супстрат кој стои на самиот раб на деликатната рамнотежа: чувството тежнее кон тага, мислата – кон надеж дека еден ден поетот ќе го дочека обединувањето на својата татковина. Во свеченостите на поетската реч постојано се насетуваат убавите и далечни сенки на родината, на родниот крај, на домашниот праг, на питомите мугри и простори на детството. За стихозбирката „Траги по коренот“, авторот на овие редови, Славе Николовски-Катин ќе напише дека денес македонскиот емотивен и национален и културен простор не се заградува само во пределот на историскиот етнички аргумент. Денес, Македонија се протега од Балканот – до бесконечноста! Една таква траума можел да поднесе само народ кој во своите суштини е надарен и способен да ги победи сите трауми и сите историски неправди. Книгата поезија на Рада Видиновска непорекливо говори за сето тоа и влегува како апсолутна составка на македонската литература и егзилот. Таа литература, денес, со сите нејзини карактеристики е составен дел на македонската културна историја. За стихозбирката „Жената на брегот од океанот“, академикот Никола Кљусев, меѓу другото, ќе напише дека: Секое видување и прелистување на песните и поезијата на академик Рада Видиновска (Живојно, 1944), којашто денес со своето семејство живее и твори во Торонто, Канада, отсекогаш претставувало константно и темелно вознесение и множество за нештата и убавината во поетиката, коишто оваа авторка во последно време ги негува и ни ги дарува како бисерни зрна. Да се чита поезијата на Видиновска, една од најголемите и најталентираните современи македонски поетеси од дијаспората (закитена со престижната значајна награда „Иселеничка грамота“ на Струшките вечери на поезијата за 1992), значи да се допре и отклучи нејзиното тајно женско срце и убавина, среде океанот и кристалните водопадни капки на Нијагара. Најновиот поетски ракопис на Видиновска со наслов „Жена на брегот од океанот“, имагинарно и воспевно ни се открива како ново зреење, храброст, сонување и откровение, на тоа што може во душата на поетот да остави некаква вечна трага, печат, љубов или болка, пред сѐ, кон летописните простори и бескрајот на нејзините вечни македонски предели и вознеси.
Исто така, акaдeмик Никола Кљусев напиша дека поетскиот ракопис „Жена на брегот од океанот“ од Рада Видиновска, навистина заслужува високи оценки и вреднувања во Современата македонска поезија, каде духот на творецот знае да ги допре и сонливите раскошни меѓи на детството, низ духот и куќата полна со воздишки и залези и дека Рада Видиновска ги заслужува сите високи комплименти. За стихозбирката „Жената на брегот од океанот“, м-р Разме Кумбароски ќе напише дека Рада Видиновска е несекојдневна творечка и литературна појава во Современата македонска литература, којашто веќе неколку декади високо го вее големото поетско знаме и копје, среде изгревите и бреговите на езерата Онтарио и Ири. Нејзиниот поетско-космополитски свет и пат од Пелистерските македонски рамнини, сé до големите канадски шуми и северни окна на двата океана: Пацификот (Тихиот) и Атлантскиот океан, разоткриваат една значајна, талентирана и даровита способност во духовната симбиоза и опстој на нејзината поетика и сензибилитет. Видиновска, всушност, е големата поетеса на двете татковини: Канада и Македонија, на двете сонца, на двете окна, на тие два духовни архипелага на човековото изгрејсонце, низ чиј зенит го разоткрива и плете својот визуелен и мисловен поетски свет. Најновата книга песни со наслов „Жена на брегот од океанот“, пред сѐ, ја открива како големо поетско владеење со светот, како светилник, искра и убавина што го расветлува големото ѕвездено небо и колорит на нејзините јазични копнежи, зони и озони, на егзистенцијата и битот да се „сочува стекнатото“ (Овидие). Видиновска е свесна за појавата на живата метафора, живите јазици, современоста и апсолутизмот на практичниот ум и дух. Таа е многу блиска до родописните брези и веењата на своите Онтариски бури и ветрови, до прашањата и чинителството за селидбите, судбинските откопи и доаѓањето во светот – незнаен: каде што тишината и шепотот се слушаат како песна или молк. Продолжува
Пишува: СЛАВЕ КАТИН |