|
|
САВО КОСТАДИНОВСКИ НАПИШАЛ 127 КНИГИ ПОЕЗИЈА И СИТЕ ГИ ПОДАРИЛ |
Саво Костадиновски пишува и на македонски и на германски јазик, најмногу поезија (Фото: СДК.МК) Саво Костадиновски во 1970 година заминал за Германија. Иако таму живее и работи веќе 50 години, за себе вели дека не е гастербајтаер односно гурбетџија, туку поет кој престојува во Германија и патува по светот. Ова со право го вели затоа што досега напишал и објавил 127 книги, најмногу поезија и нешто проза. Со ваков импозантен опус ретко кој писател кај нас може да се пофали. Книгите му се напишани на германски и на македонски јазик и вели најмногу ја сака поезијата. „Првата песна ја напишав на 26 јули 1963 година како домашна работа за страшниот земјотрес во Скопје. Во еден момент стиховите едноставно потекоа од мене. Песната беше прогласена за најдобра во училиштето ‘Братство и единство‘ во Гостивар, каде што учев. И сега неретко се случува така да напишам песни, одеднаш, во еден здив, додека патувам со воз, престојувам некаде, додека се шетам. Со себе секогаш носам неколку листови хартија и молив и го запишувам она што во тој момент ќе ми надодојде како инспирација. Во една песна напишав стих ‘моите стихови миленици, ги пишувам на коленици‘“, вели Костадиновски.
Костадиновски вели дека досега подарил околу 5.000 книги, најмногу на библиотеки (Фото: СДК.МК) Тој е роден во 1950 во селото Горно Ботуше, Македонски Брод. Во 1960-ите работел како келнер во Славонски Брод, отслужил воен рок и со еден пријател заминал за Германија. Но, таа одлука во неговото семејство не ја примиле така лесно. „Мојот татко Сергеј беше прекален партизан, револуционер, кој во битките на Сремскиот фронт беше ранет неколку пати. Поради тоа, мајка ми ми го искина првиот пасош кога ѝ реков дека ќе заминам за Германија. ‘На татко ти уште не му заздравиле раните од војната, а ти Германија ќе одиш‘, ми рече мајка ми. Јас, единствено машко дете во семејството, заминувам од дома и каде одам, во Германија“, се присетува Саво. Брзо го совладал германскиот јазик, го завршил образованието и се вработил во едно проектантско биро. Набрзо почнал да пишува и песни на германски јазик.
Костадиновски е првиот писател од Порече кој напишал и објавил поезија и проза за деца и возрасни „Наједноставно кажано, поезијата отсекогаш била надополнување на мојот живот. Јас имам пропатувано цел свет, Северна Африка, Северна Америка, Канада, Индија, Тибет, Австралија, од сите тие места црпев инспирација за мојата поезија. ‘Најдолги се патиштата на човекот, во потрага по љубовта и по лебот‘, напишав во една песна. Сепак, мојата најголема поетска инспирација ја црпам од Македонија и од родното село Горно Ботуше, кое е сместено во срцето на Поречието. И самиот не знам колку песни сум му посветил“, вели Костадиновски. Писателот Наум Попески во биографската книга „Писателот од Порече“ напиша за Саво Костадиновски дека е првиот писател од Порече кој напишал и објавил поезија и проза за деца и возрасни, а неговата книга „Трите века“ не само што е прв роман за Порече, туку е и прв роман на еден поречки писател. „Досега имам објавено 127 книги, најмногу поезија и нешто проза. Поезијата за возрасни е објавена во 41 книга, на германски и на македонски јазик. Поезијата за деца ја пишувам само на македонски јазик и таа е објавена во 81 книга. Најголемиот дел од книгите се отпечатени во Македонија, бидејќи овде печатењето е многу поевтино отколку во Германија. Печатењето самиот го финансирам, па затоа сега и тиражите се многу мали. Неретко се случува да немам ниту еден примерок од некоја книга, бидејќи сите сум ги подарил. Според моја груба проценка, досега имам подарено над 5.000 книги, а за печатење сигурно имам дадено над 10.000 евра. Досега ниту една книга не сум продал, ниту, пак, сакам тоа да го направам. Имам чувство дека ако ја продадам книгата, тоа е исто како да сум ја заробил некаде, во некоја куќа. Книгите на мој трошок ги праќам на библиотеките во Македонија. На библиотеката во Македонски Брод ѝ ја подарив мојата библиотека од 1.028 книги, по една книга од секој македонски автор. Училишта во Скопје ги имаат сите мои книги. Тоа е моето задоволство, да пишувам и да подарувам книги“. Освен на пишаниот збор, Саво е многу горд и на своето семејство, кое дало генерации револуционери и борци за слободата на Македонија. „Мојот прадедо е Костадин војводата капиданот, опеан во народната песна ‘Слушам кај шумат шумите‘. Во негова чест, моето семејство подоцна го зема презимето Костадиновски. Синот на Костадин, Васил, загинал во Илинденското востание. Дедо ми по мајка Дамјан исто така е познат комита и бил дел од четата на Костадин војводата. Мојот татко Сергеј е првоборец од 1941 година, учесник на Сремскиот фронт, повеќе пати одликуван со високи државни ордени“, раскажува Саво. Добитник е на бројни домашни поетски признанија и на „Почесното признание“ од Сојузот на писателите на Германија, по повод 25-годишнината од членството. Редовен учесник е на Струшките вечери на поезијата. З. АНДОНОВ |