|
|
ИСЕЛЕНИЧКАТА ФОНДАЦИЈА „АТАНАС БЛИЗНАКОВ“ НА УНИВЕРЗИТЕТОТ „СВ. КИРИЛ И МЕТОДИЈ“ ВО СКОПЈЕ (15) |
ПОСЛЕДНОТО ИНТЕРВЈУСО ДОНАТОРОТ Орелски крилја как да си метнех На наши места ја да си идам И в други стр‘ни да си прелетнех Да видам Стамбол, Кукуш да видам Да видам дали сонцето и тамо Мрачно изгревјат, како и ваму Константин Миладинов Инаку, овој е последниот текст што ,,Нова Македонија” го објави додека Атанас Близнаков беше жив. Тој е објавен во саботниот број на ,,Нова Македонија” од 31 мај 1997 година, чиј автор е Фиданка Танаскова, со поднаслов ,,Наместо портрет: Атанас Близнаков, големиот донатор”, а со наслов: „Сага за доблеста“.
,,Рамноврсникот на овој век – родениот д’мбенец, ценетиот американски Македонец и со децении беше скопјанец, Атанас Близнаков, наближува кон своите 97 години, што е безмалку столетен животек, каде што упатените проследувачи сместуваат една голема човечка сага на возвишената доблест. Станува збор за нашинецот, кој пред повеќе од две децении понуди пари и се формира Фондацијата ,,Атанас Близнакоф”, сега веше ,,тешка” 2,5 милиони американски долари, дарени на Универзитетот ,,Свети Кирил и Методиј” од Скопје, а наменети исклучиво за стипендирање на талентирани и добри студенти низ сите негови високошколски институции. И да се потсетиме, низ еден мал хронопис, за хуманистот и донатор Близнаков: Своите печалбарски врвици ги почнува од дваесетте години на овој век, кога стори ниет да киниса кон далечните прекуокеански западни простори. А наеше дека оди по пат на неизвесност, дека влегува во вриежот на новото и нему непознатото. Знаеше дека нема да му биде лесно во туѓина. Но, кршното момче реши и стори, храбрено од сопствената упорност, истрајност и увереност дека кога-тогаш мора да се успее. Преку глава му беа немаштијата, теророт, посегањата и заканите по националното чувство и вистината. А, тој се гордееше дека е Македонец и дека таа припадност ќе може најслободно да ја каже, да ја афирмира и да се гордее со неа. Од беломорскиот дел, преку францускиот брег со параходот заминал кон источните американски доселенички влезни порти. Пристигнал во Медисон, во државата Илиноис, а малку подоцна и дефинитивно се населил во Гери, Индијана, град сместен крај езерото Мичиген, каде што останал с# до конечното заминување од Америка и враќањето во својата родна земја, Македонија. Неговиот животен пат е зачудувачки богат и несекојдневно компониран мозаик со толку многу и тешки, но и убави моменти. И ког аимело премрежија и проблеми, тој умеел да застане стамено и неотстапно. Тешко оти можело нешто така бргу да го поколеба упорниот Македонец: бил вистински борец во секоја ситуација. Со својата снаодливост, трудољубие и умеење Атанас Близнаков направил толку многу во Соединетите Американски Држави и за себе, но и за своите собраќа кои во овој дел од светот заминале трагајќи по заработка и по едно подобро утре. Близнаков и губеше, но повеќе добиваше. Се занимаваше со разни бизниси. Ги следеше берзите, купуваше акции и недвижности, умееше често од ништо да создаде нешто. А создаде многу. И никогаш не заборави на хуманоста и солидарноста. Никогаш не престана да помага и да придонесува за доброто на своите во татковината од која му се корените. Беше активен член на Македонско-американскиот народен сојуз, МАНС, кој во тоа време водеше задгранична, решителна борба на свој начин, се разбира, против реакционерниот режим на Балканот. Темелната одредница на МАНС беше – слобода на Македонија, изградба на општество во кое ќе има мир, посреќен живот и иднина. Меѓутоа, Близнаков беше и прв човек на Болничкиот комитет, кој како и на други места во големата далечна земја собираа донаторства за помош во изградбата на болничкиот блок во Државната болница во Скопје; еден е од основачите на друштвото ,,Александар Македонски”, кое беше меѓу најупорните за формирање на првото македонско светилиште на целиот Северноамерикански континент, со седиште во Гери, во државата Индијана. Во Америка, во тоа време, поточно во првата половина од овој век и потоа – изјави не толку одамна во еден разговор Атанас Близнаков – како македонски етникум, бевме многу упорни и правевме големи напори за што подобро самоорганизирање. Голема група ентузијасти не ги штедеа силите и времето. Работевме неуморно, иако на беше лесно да се премостат и да се постават на свое место многу работи. Бевме истрајни, особено кога стануваше збор за самосознавањето на Македонците, за зацврстувањето на националната свест, за развивањето на патриотизмот, и мора да се каже – многу успеавме. За срќа, резултатен беше сиот тој вложен труд и голем напор – задоволно коментираше Близнаков, поткрепувајќи ја оваа своја констатација со недоброени факти и видувања. Четириесе години во животот на еден човек и не е малку време. Толку мина нашинецот во Гери, Индијана. Пред да реши дефинитивно да ја затвори страницата на печалбарското иселеништво и да се врати дома, Атанас и Славка првпат дојдоа да ја посетат својата слободна Македонија, што беше нивни децениски сон, непрестаен копнеж и силна гордост. По некое време дојдоа уште еднаш. И конечно, третиот пат, во 1976 година, тие се преселија и се запишаа во регистарот на граѓаните на главниот град. Во Скопје се и денес.
Веднаш по враќањето Близнакови ја пуштија во оптек иницијативата за формирање на прва донаторска фондација. Американскиот Македонец му го стави на располагање на Скопскиот универзитет сиот износ на богатото конто. Се чувствува горд и неизмерно среќен што има можност да им помогне на оние академци кои се со скромни финансиски можности, но се со силна љубов да учат и да завршуваат високи школи. Овој гест беше проследен со големи симпатии од страна на нашата највисока научно-наставна институција. Универзитетскиот совет во 1977 година едногласно ја донесе одлуката за прифаќање на иницијативата и ја официјализира Фондацијата ,,Атанас Близнакоф”. Оттогаш до овие дни повеќе од 200 студенти биле корисници на средствата, а само годинава нивниот број изнесува педесетина. Деновиве со свечена седница на Универзитетскиот сенат се одбележа дведецениското постоење на ова значајно донаторско дело. Во таа пригода уште еднаш му беше оддадена должната почит и почест на големиот дарител за тоа што тој толку широкоградо на високошколците им отстапи вредна сума американски долари, во вид на стипендии. Младите, пак, во сиве овие години возвраќаат со неизмерна благодарност, со многу внимание и посети на домот на Близнакови, со тоа што најголемиот дел од нив настојуваа личните значајни поводи – роденденски, брачни, вработувања и други животни радости да ги поделат со, како што ги нарекуваат – своите добротворци – Атанас и Славка. Меѓутоа, веќе опасно натежнале годините врз плеќите на чичко Атанас. Здравјето станало прекревко, снеможеноста е с# повидлива. Сиот нивни видокруг и делокруг им остана да им биде само семејниот дом и паметењето. Животната најверна друшка Славка е посебна приказна. Во неа како да е збрано неизмерно човекољубие и питомост. Тие рамно 62 години врват заедно низ животните небиднини, предизвици, успеси и среќни мигови,” се вели во интервјуто со Атанас Близнаков. Продолжува |