|
|
РАДА ВИДИНОВСКА И НЕЈЗИНАТА ПОСВЕТЕНОСТ НА ПОЕЗИЈАТА (14) |
РАДА ВИДИНОВСКА ДОБИТНИК НА „ЗЛАТЕН КЛАС ЗА МАКЕДОНСКИ ВОЗНЕС“ НА ПЕЛАГОНИСКИТЕ КУЛТУРНО-НАУЧНИ СРЕДБИ ВО НОВАЦИ Според податоците на претседателот на Пелагониските културно-научни средби, господинот Ѓорѓи Лазаревски, средбите се формирани во 2000 година во Општина Новаци. Носители на активноста се познати писатели и научни творци кои со својот личен труд дале и даваат особен придонес за опстој на истите Овие средби се од големо значење за Општината Новаци, за Битолскиот крај и во целост за зачувување на културно-научното наследство во Македонија. Се одржуваат секоја година, вообичаено во првата половина на месец октомври. За одбележување е тоа што последниве две години на Пелагониските културно-научни средби настапија по 50 учесници од различни области на секоја средба. Нивните трудови се отпечатени во 14 досега издадени зборници со повеќе од 250 разни наслови на повеќе илјади страници. Манифестацијата Пелагониските културно-научни средби ја раководи Совет од повеќе легално избрани личности. Членови на Советот се познати писатели, поети, универзитетски професори и бројни научни творци. Советот на своја седница го анализира творештвото на секој автор. На најстарите и заслужни автори им се доделува „Повелба за животно дело“. До сега се доделени 18 такви признанија. Во 2018 година Советот донесе одлука за воведување на посебно признание „Златен клас за македонски вознес“ кое, вообичаено, се доделува на познати автори кои со своето творештво го афирмираат македонскиот јазик и култура во странство. По својата содржина и значење, Пелагониските културно-научни средби одамна ги надминале локалните рамки. Овие средби со своите прилози ја збогатуваат и осветлуваат содржината на овој крај како културно-историска ризница. Во содржината на овие средби се вградиле и се вградуваат многу познати имиња од Република Македонија што претставува едно големо богатство за културната историја не само на Општина Новаци, но и на цела Република Македонија. Градењето на мостови на пријателство и соработка е макотрпна, но благородна работа. Мостовите секогаш го поврзувале она што е разделено. Затоа, сите сложно, без разлика на верска, национална или каква и да било друга припадност, на Пелагонските културно-научни средби си подаваат раце едни на други и градат бескрајни пруги, за да се премостат сите реки и мориња, да се направат мостови, за да врват по нив сите добри луѓе. Пелагониските културно-научни средби успешно ја продолжуваат својата работа благодарение на големиот ентузијазам на голем број творци и поддржувачи што се добива од Општина Новаци. Средбите особено водат грижа за афирмација на Македонците раселени по светот, кои се претставени со бројни културно-научни трудови на средбите во Новаци. За тоа посебно се грижи Советот на Пелагониските културно-научни средби, кој меѓу другото го доделува признанието „Златен клас за македонски вознес“. Така, на својата седница одржана на 12 септември 2018 година Советот одлучи првото признание „Златен клас за македонски вознес“, чиј претседател беше Панде Манојлов да ѝ се доди на поетесата Рада Видиновска која со своето поетско творештво има особен придонес за афирмација на македонскиот јазик и литература во странство. Дотолку повеќе што Рада Видиновска е родена 1944 година во село Живојно, во Општина Новаци, а е еден од познатите современи македонски писатели, поети, есеисти раскажувачи, кои живеат надвор од границите на Република Македонија. Новаци Во образложението на Советот на Пелагониските културно-научни средби, меѓу другото се вели дека Рада Видиновска со своето семејство во 1970 година ја напуштила татковината и емигрирала во Торонто – Канада, каде активно се вклучила во македонските иселенички организации и црковни општини. Како член на управата на Македонската православна црква „Свети Климент Охридски“, меѓу другото, била претседател на женската секција и претседател на Литературното друштво „Браќа Миладиновци“ во Торонто. Рада Видиновска е автор на четиринаесет поетски творби за кои добила бројни награди и признанија. Повеќе години била учесник на Меѓународната манифестација „Струшки вечери на поезијата“. Со своето семејство живее во Канада, каде активно придонесува за ширењето на македонскиот јазик и култура, на македонска вистина. Таа живее во иселеништво, но редовно ја посетува својата татковина и нејзиното родно село Живојно и претставува мост на зближување меѓу културите на Канада и Македонија. Продолжува
Пишува: СЛАВЕ КАТИН |