Среда, 19 Февруари 2020   
Стерјовски: Бугарско малцинство во Албанија не постои, институциите да не потклекнат на притисоците

sterjo1

Почитувани пратеници. Во името на партија која ги претставува Mакедонците во Албанија – Македонска алијанса за европска интеграција, сакам тука, пред целата јавност, да ја покренам загриженоста на Македонската заедница во Албанија која изминатите години се соочува со растечки тренд и континуирани напори на бугарските власти да го асимилираат нашето малцинство. Пред две години нашата држава го донесе Законот за заштита на правата на малцинствата во Република Албанија.

Иако во предлог-законот на Министерството за европа и надворешни работи до Параламентот се нотира постоењето на осумте национални малцинства (Грците, Македонците, Власите, Србите, Црногорците, Бошњаците, Ромите и Египтајните), во последен момент, нашата земја потклекна под притисокот на Бугарија со уцена за вето за влез во Европската Унија и во законот се вметна признавање на непостоечко бугарско малцинство во Албанија.

И тогаш, ние, како Македонска заедница во Албанија остро протестиравме, реагиравме дека сме против негирање на правата и слободите на секоја личност, група граѓани или заедница, но во овој случај не станува збор за бугарско малцинство! Такво малцинство во Албанија не постои! Укажавме и потврдивме дека се работи за егзистенција на македонското малцинство и дека признавањето на бугарско малцинство значи геноцид за Македонците во Албанија. Истовремено, посочивме, дека Бугарија ќе го злоупотреби своето членство во Европската унија со цел да ја продлабочи горенаведената цел: Асимилација на македонската заедница во Албанија и создавање непостоечка бугарска заедница. Во законот не пишува каде живее ова малцинство во Албанија, но Бугарија повикувајќи се на овој закон, својата пропаганда ја насочи во регионите каде што традиционално живее автохтоното македонско малцинство во Албанија: Во областите Преспа, Голо Брдо и Гора, како и во селото Врбник во Деволската област.

Во Албанија, според сите историски факти и пописи спроведени со годините назад, вклучувајќи го и последниот попис од 2011, во областите Преспа, Голо Брдо, Гора и Врбник, каде што Бугарија “бара“ бугарско малцинство, има самопрогласено македонско малцинство кое го има истиот фолклор, традиција и јазик како Македонскиот народ во целина во сите држави на Балканот, живее во компактни области на границата со Македонија и има територијален континуитет со државата Македонија, нема никаква врска со Бугарија! Ова бугарската пропаганда меѓу Македонците во Албанија е иста како во Балканските војни и бугарската окупација во Првата Светска Војна, кога според историските факти, бугарската војска има извршено злосторства и силувања, посебно врз Македонците со исламска вероисповед кои живеат во областите Гора и Голо Брдо. И која е разликата денес, од историската вистина на бугарските ѕверства врз Македонците од пред 100 години?

Бугарија денес врши агресија, не избира средства, со цел асимилација на Македонците во Албанија! Почитувани пратеници, после наводното “признавање“ на бугарско малцинство, започната е интезивна кампања на Софија за негација и асимилација на македонското малцинство во Албанија. Секој месец се организирааат бесплатни екскурзии во Бугарија за младите од Гора, Голо Брдо, Преспа и Врбник. Се даваат стипендии за бесплатно студирање на универзитетите во Бугарија, како и стипендии за постдипломски и докторски студии. Бугарската амбасада формира здруженија, финансира разни проекти во областите каде што традиционално во Албанија живеат Македонци. Една од мерките за создавање на вештачко бугарско малцинство во Албанија, која Бугарија ја применува, користејќи ја лошата економска состојба на македонското малцинство во Албанија но и на албанските граѓани заедно, е преку давањето на бугарски пасоши за сите албански граѓани.

Македонците и Албанците плаќаат илјадници евра да можат да земат бугарски пасош и да одат да работат на Запад, користејќи ги привилегиите на земјите членки на ЕУ. Ова е бизнис вреден милиони евра, кој работи не само во Албанија, туку и во повеќе земји кои не се членки на Европската унија, како Македонија, Косово, Србија, Украина, Молдавија и други. Повеќепати и во самата Бугарија се покренати постапки од бугарското обвинителство за бугарски функционери вклучени во бизнисот со бугарските пасоши. Се разбира, овој бизнис со бугарските пасоши, е проблем на Бугарија и на Европската унија. Кога нашата земја ќе стане членка на Европската унија, верувам дека сите овие обиди на бугарската пропаганда ќе паднат во вода, ќе пукнат како меур од сапуница! Тогаш ниту еден албански државјанин нема да и’ плаќа на Софија фиктивно декларирајќи се за Бугарин како услов за бугарски пасош, да стигне до пазарите и привилегиите на Европската Унија. Ова бугарска пропаганда, посебно е засилена во пресрет на престојниот попис на население кое треба да се спроведе во октомври годинава, за Бугарија да ја оправда својата агресивна политика, но и парите што ги троши по секоја цена да прикаже бугарско малцинство во Албанија.

Албанија мора отворено да каже, дека обидите на Софија за асимилација на Македонците во Албанија како Бугари не се добрососедство, туку отворен напад врз суверенитетот и територијалниот интегритет на Албанија, претставува грубо мешање на Бугарија во внатрешните работи на Албанија! Агресијата врз Македонската заедница во Албанија од било кого од надвор, не е само агресија врз Македонците, тоа е агресија врз албанското општество во целина! Заедно сме во развојот на Албанија, но заедно мора да бидеме и во одбраната на секој дел од албанското општество! Ја користам можноста, да ја запознам Албанската влада, Парламентот и јавноста, дека минатата недела, во посета на општина Пустец која е населена со 100% Македонци, беше бугарскиот амбасадор во Тирана, кој оствари средба со локалните власти на општина Пустец. На средбата бугарскиот амбасадор барал од локалните власти во училиштата во општина Пустец, каде што денес наставата се одвива според законот на македонски и албански јазик да се изучува и бугарскиот јазик. Се разбира, добил негативен одоговор од локалните власти од општина Пустец и од месното македонско население, затоа што Македонците немаат интерес за учење на бугарскиот јазик.

Македонците во Албанија немаат интерес да го изучуваат бугарскиот јазик, затоа што нивен мајчин јазик е Македонскиот јазик, затоа што тие пред се’ албански државјани, тие се Македонци по потекло. Бугарскиот амбасадор ветил дека Бугарија ќе донира компјутери за школото ако се воведе бугарскиот јазик. Исто така, се интересирал и за резултатите на пилот пописот кој во октомври 2019 година се одржал во некои села во општина Пустец од страна на Албанскиот Институт за статистика, за што добил одговор, дека општината Пустец не е надлежна за овој попис, дека тоа е работа на Албанскиот Институт за статистика. Албанскиот Институт за статистика на еден дел од територијата на Албанија спроведе пилот попис меѓу кој беше вклучена и општина Пустец. Резултатите од овој пилот попис кој ја опфати и општина Пустец, веројатно не биле според очекувањата на Бугарија и затоа ова грубо мешање на бугарскиот амбасадор во внатрешните работи на Република Албанија.

Почитувани пратеници, Апелираме до Албанската Влада и надлежните министерства и органи, но и до меѓународната заедница во нашата земја, да реагираат на овие активности на бугарскиот амбасадор и на официјална Софија, заради прекршување на принципите на Виенската конвенција за дипломатските односи и грубо мешање во внатрешните работи на Република Албанија. Бараме од Албанија да вложи во развојот на регионите каде што живеат Македонците, бидејќи тоа се најсиромашни региони во Албанија, запоставени во изминатите 30 години, за подобрување на условите за живот и работа. Не смееме како држава и општество да дозволиме, поради сиромаштијата, нашите сограѓани да станат жртви во обидите за негација и асимилација од страна на Бугарија. Апелираме до албанските институции да не потклекнуваат под притисоците од страна на Бугарија, која како земја членка на Европската унија врши притисок, уцени и закани со бугарското вето. Апелираме до албанските институции да ги следат бугарските обиди за вештачко формирање на бугарско непостоечко малцинство во Албанија!

Посебно бараме да внимава Албанскиот Институт за статистика, кому Владата во Софија може да му понуди и пари, да потплати функционери за да извадат процент на Бугари во Албанија. Почитувани пратеници, сега можеби некој и да се запрашува, зошто Парламентот на Република Албанија треба да реагира на ова грубо мешање на Софија во внатрешните работи на нашата земја во бугарските обиди за асимилација на македонското малцинство во Албанија. Но, Ве уверувам, дека со тоа што албанските институции ќе превземат мерки, нема да ни се помогне само нам Македонците, туку долгорочно ќе и’ помогнат на Република Албанија, затоа што: Создавањето на непостоечко и вештачко бугарско малцинство во Преспа, Гора и Голо Брдо и Врбник, значи да ја донесеш руската инсталација Голема Бугарија и во Албанијa.

 

На прво место

News image

Мане Јаковлески: Мојот пат по стапките на месијата 2011 година (8)

Петта станица-десно кон улицата Францис, од каде патот нагло, остро се издига кон Голгота (Калварија...

Историја

News image

Границите на Македонија се таму, до каде што допира римскиот меч

Македонија станува римска провинција во 146 година п.н.е., откако римскиот војсководец Квинт Цецилие...

Иселеници

Култура и туризам

News image

ВО АНКАРА– ГРАДОТ НА АТАТУРК И ПРЕСТОЛНИНАНА ТУРЦИЈА(10)

ДЕЛ ОД ПОСЕТИТЕ НА ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ НА СЛАВЕ КАТИН 

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.