|
|
РАДА ВИДИНОВСКА И НЕЈЗИНАТА ПОСВЕТЕНОСТ НА ПОЕЗИЈАТА (16) |
ТОРОНТО – ПОСТОЈАНОТО ЖИВЕАЛИШТЕ НА СЕМЕЈСТВОТО ВИДИНОВСКИ Да се патува од Скопје до Торонто значи да се биде десетина часа во небесните височини над мајката земја. Така и ние полетавме од аеродромот во Скопје во утринските часови и се упативме кон Охрид - градот на свети Климент, свети Наум, Шапкарев, градот на Прличев и многу други кои овде ја втемелиле македонската историја, религија, култура, јазик...Потоа, патувањето го продолживме за Канада Ние, заедно со другите патници во авионот бевме воодушевени од чудесната глетка над непрегледните ширини на Охридското Езеро. Кога авионот се приближуваше кон аеродромот, чиниш дека со раце ќе може да се дофатат далгите од неколкуте кајчиња кои во водите на ова “македонско море”, како што многумина го нарекуваат Езерото, низ езерската шир ја делеја оваа водена убавица. На охридското воздушно пристаниште народ како плева. Ни се чинеше како половина Охрид и Струга да дошле да ги испратат десетиците иселеници кои патуваа за Австралија. Ги гледавме топлите прегратки, солзите и тажните лица и на оние што патуваа и на оние што остануваа. Гледавме еден дел од таа македонска тажна сага што се вика иселување во прекуокеанските земји, овој пат за Австралија. По извесно време авионот се наполни со патници и повторно се најде над езерската шир од каде што Охрид се гледаше како на дланка; ги видовме многуте летувалишта и модерните хотели распослани на брегот на Охридското Езеро, а потоа дел од славната и борбена Дебарца и за миг се најдовме над пластот облаци што покриваше еден дел од Западна Македонија. За момент како да ја изгубивме ориентацијата на земјата и мислите ни беа насочени кон Загреб, кон нашата втора попатна станица. Патувањето од Охрид кон Загреб беше навистина пријатно. Од големите височини ги гледавме природните контрасти и убавини, кои одвреме – навреме се губеа низ облаците и повторно се појавуваа. На аеродромот „Плесо” во Загреб времето за чекање беше кратко и набрзина ги извршивме сите царински процедури и за миг се најдовме во бесцаринската зона, преполна со патници од цел свет и за цел свет. Некои седеа, некои спиеја, некои пиеја и јадеа и се смееја. Стаса времето за полетување кон Торонто. Се сместивме во птвиот дел од авионот и по неколку минути го напуштивме Загреб. Некои од патниците се крстеа, а многумина ги затворија очите и пропаднаа во своите длабоки мисли и искушенија. По кратко време летање кон запад, патувањето стануваше сè попријатно и поудобно и мислиш како во авионот да се одвива нормален „авиоживот”. Во непосредна близина седеше една симпатична Италијанка и го читаше списанието „Ла Ривиста ди Пополо”, до неа седеше една Германка, која постојано спиеше, а од левата страна седеше една наша Македонка, иселеничка во Канада. Ни кажа како се вика и дека е од селото Суводол, Битолско, млада пензионерка, разговорлива, љубопитна и со ведар дух. Ни раскажуваше за нејзиното патување во стариот крај, за промените што настанале во периодот во којшто таа отсуствувала, за изградбите во Битола, за напредокот, за некои непријатни сцени во продавниците и по улиците и за убавите сончеви денови поминати во Охрид, како и за бројни згоди и незгоди на нејзините патувања ширум Македонија. По осум часа летање се приближивме кон аеродромот во Монтреал во провинцијата Квебек, каде што ја допревме канадската земја. Во Монтреал, најевропскиот град на северноамериканскиот континент, како што многумина го нарекуваат градот на индустријата и контрастите, се простивме од Италијанката и одреден број патници и полетавме за Торонто, каде што за неполн час патување стасавме на аеродромот „Пирсон” во Торонто, што е сместен на западната страна на главниот град на провинцијата Онтарио. Инаку, во метрополата Торонто која е и главен град на Онтарио живеат повеќе од сто нации, меѓу кои и Македонците. Често се вели дека Торонто е третиот македонски град по големина, по Скопје и Битола. Македонци во Торонто има од сите делови на Македонија, од многу градови и села во етничките граници на Македонија, меѓутоа, се чини дека најголем е бројот на македонските доселеници и нивните поколенија кои се од егејскиот дел на Македонија. Се претпоставува дека баничани, желевци, буфчанци, ошчимци, преспанци и битолчани се најбројни во Торонто и околните места. Тешко се определува нивниот број, бидејќи тие дошле со разни патни исправи и во зависност од тоа нивните презимиња се приспособувале според земјата од каде дошле. Меѓутоа, со обновувањето на Охридската архиепископија во лицето на Македонската православна црква и со изградбата на првата македонската православна црква „Свети Ѓорѓи” во Мелбурн, и во Торонто во 1964 година се изгради првата македонска црква во Канада, „Свети Климент Охридски”, што претставува пресврт во македонското движење. Таа е еден од најпознатите црковно-просветни центри на Македонците во Северна Америка, најголема и најимпозантна што ја имаат македонските иселеници во овој дел од светот. Да се биде во Канада, пак, е вистинско задоволство и голем предизвик за дојденците, патеписците, уметниците... Денес Канада се смета за светски пример на мултикултурно општество. Од Втората светска војна во оваа демократска и многунационална земја се одвиваат значајни социјални, културни, образовни и економски преобразби, а со тоа и голема трансформација во нејзиниот етнички состав. МПЦ „Св. Климент Охридски“ во Торонто Често се вели дека Канада е „ветената земја“ за Македонците, особено од егејскиот дел на Македонија, кои во Канада ги уживаат сите човекови права. Додека во своите родени земји Грција (Елада) и Бугарија се еден вид туѓинци: немаат свои училишта, ни цркви; им се оспорува националниот идентитет; врз нив се врши асимилација денационализација и систематско истребување од родната грутка. Затоа, со право и со гордост Македонците во Канада ја пеат химната „О, Канада…“ Кога човек пристигнува во Торонто, главниот, најголемиот и најубавиот град во провинцијата Онтарио се чувствува како да е во светот во кој се измешала амерканската и европската култура, старото и новото. Торонто е општосветски град во кој живеат повеќе од пет милиони жители од сите меридијани. Тој е сместен на северозападниот брег на езерото Онтарио, едно од трите најголеми езера во Северна Америка и во светот, кое заедно со езерото Хјурон и Ири преку речниот тек на Лоренцовата Река поврзува голем број американски и канадски метрополи кон Атлантскиот Океан и светот. При нашата посета на таа важна канадска и светска метропола со огромни перспективи, од бројната литература на англиски и на француски бевме информирани дека Торонто е формиран во 1793 година под името Јорк, а во 1839 година го добил сегашното име. Метрополата се простира од Оквил до Ошава на растојание од околу сто километри. Тој е бисерот на Онтарио, во кој се сместени, меѓу другото, голем број образовни центри: тогаш највисоката кула во светот, позната како „Си Ен Тауер“, Забавниот парк „Онтарио Плеис“, „Харбоур фронт“, каде што се одржуваат голем број музички, театарски и други претстави, Спортскиот и културен центар „Скај Дом“, Научниот центар „Онтарио“ и голем број знаменитости познати ширум светот. Торонто е град во кој културното живеење е со долги традиции и е многу блиску до она во Европа. Градот има голем број современи театарски куќи и други центри на културата, во кои чести гости се врвни уметници од сите делови на светот. Притоа, привилегија е да се присуствува на некоја од културните манифестации во оваа метропола, особено на оние на кои за билет се чека подолг период и потребни се повеќе пари. Исто така, во Торонто е задоволство, меѓу другото, да се посети некој од многубројните паркови. Таму во прекрасните амбиенти на парковите, каде се вишнее познатиот канадски јавор, чиј лист во исто време е симбол на нацијата, човек се чувствува пријатно, опуштено и безгрижно. Тука се измешале и посетителите и верверичките, кои во Канада се заштитени со закон. Врие од народ. И бели и црни и жолти од сите делови на светот. Секој се забавува на свој начин во парковите каде што се чувствува свежина и чист воздух. Одреден број од Македонците во Канада припаѓаат на различни политички, национални и други организации. Многу од нив и го згрешиле патот и избегале од македонското јадро. Пропагандата од соседните земји ги вознемирила, ги преобразила и ги натерала да си го заборават својот род. Меѓутоа, со обновувањето на Охридската архиепископија во лицето на Македонската православна црква и со изградбата и осветувањето на првата македонска православна црква „Свети Ѓорѓи“ во Мелбурн во 1960 година, и во Торонто во 1965 година беше изградена и осветена првата македонска православна црква во Торонто, „Свети Климент Охридски“, што претставува пресврт во македонското движење во Канада. Таа е еден од најпознатите црковно-просветни центри на Македонците во Северна Америка, најголема и најимпозантна што ја имаат македонските иселеници во овој дел од светот. Инаку, промените во економската, социјалната, образовната и квалификационата структура, паралелно со остварениот материјален потенцијал, условуаат и делумна трансформација на животните навики на македонските иселеници во Торонто. Притоа, голем број од нив, особено од егејскиот дел на Македонија се пробиле во повисокото општество во кое живеат. Меѓутоа, во политичкиот живот во новите средини и општества, македонските доселеници осетно заостануваат зад другите етнички групи, а тоа е случај и со другите иселеници од балканските земји. Сепак, нивните постигнувања на економски, духовен, образовен, културен и спортски план, се’ повеќе придонесуваат тие да бидат третирани како интегрален и важен фактор во новите средини во мултиетничките општества на Канада. И покрај разликите што иселениците од македонско потекло во Канада ги поседуваат во социјалната структура, а кои се резултат на различните нивоа на образование и материјална состојба, за нив се карактеристични некои заеднички обележја во социјалниот живот. Така, голем број од доселениците од етничка Македонија, на одредн начин, се асимилирани или се наоѓаат “зовриени’ во котелот на асимилирањето. Поголемиот дел, пак, само привидно ја прифатиле интеграцијата во тамошното општество, а му остануват верен на традиционалниот македонски начин на живеење. Тие и понатаму се тесно врзани со семејството, во суштина засновано и одржувано во традиционален и патријархален македонски дух. Обезбедувањето и комплетирањето на семејството претставува еден од приоритетните животни цели на македонските иселеници во новата средина. Затоа, поголемиот број македонски доселеници ја продолжуваат поврзаноста и се групираат во македонските етнички заедници. Така, првите форми на собирање меѓу македонските иселеници датираат од времето на масовното доаѓање во новите средини, кога со себе ја носат својата култура, традициите, религијата и обичаите. Како резултат на тоа, во сите поголеми центри во Канада уште на почетокот се формираа заемно-помошни, културни, црковни асоцијации и друг вид друштва, со имиња од родната Македонија Продолжува
Пишува: СЛАВЕ КАТИН |