|
|
ИСЕЛЕНИЧКАТА ФОНДАЦИЈА „АТАНАС БЛИЗНАКОВ“ НА УНИВЕРЗИТЕТОТ „СВ. КИРИЛ И МЕТОДИЈ“ ВО СКОПЈЕ (22) |
МОНОГРАФИЈА ЗА СЕЛОТО Д’МБЕНИ Монографијата ,,Д’мбени и револуционерното минато на Костурско” е прво публицистичко дело на Атанас Близнаков, кое во 1982 година беше публикувано од Издавачката куќа ,,Мисла” во Скопје. А идејата за издавање книга за Д’мбени и за историското минато, како што велеше, постоела кај некои д’мбенци во САД, како и кај одредена група нивни соселани која живеела во Република Македонија, со чија помош е отпечатена публикацијата Така, материјалите собрнаи во Америка од постари д’мбенци го опфаќаат периодот од основањето на селото Д’мбени, се’ до Првата светска војна, а материјалот собран од помладите д’мбенци во слободна Македонија го опфаќа периодот По Првата светска војна до најново време, односно до 1948 година, кога Д’мбени беше изгорено од грчките монархисти. Во предговорот на ова значајно дело, покрај другото, се вели:„Ние кои сме родени во Д’мбени живееме со мислите и спомените за родното село, за родниот крај и за минатите денови, преполнети со радости и жед за мирен и творечки живот, а во исто време во своите гради ги носиме и горчливите спомени за маките, страдањата и за скапите жртви што ги даде нашето село, за толку саканата слобода, за кои и ние самите бевме сведоци“. Во продолжение се вели дека со издавањето на публикацијата се исполнува еден долг спрема народните борци кои со пушка в рака паднаа во борбата притив тираните на македонскиот народ, еден долг спрема татковината. Публикацијата на скромен начин го опишува историското минато на селото Д’мбени, со кои младите поколенија треба да се гордеат. „Ќе се обидам, вели Близнаков во предговорот, колку што ми дозволуваат силите, да го опишам историското минато на нашето село, Д’мбени. Тоа ќе биде единствена моја награда за вложениот труд. Пред својата свест ќе бидам спокоен дека и на овој начин го исполнувам долгот кон моето родно село, кон моите соселани, кон борците кои ја пролеаја својата крв за слободата и честа на нашиот многу измачен и настрадан македонски народ“. Монографијата Д’мбени содржи 250 страници и е поделена во два дела. Во првиот дел се дадени основни податоци за селото Д’мбени. Така, се дадени текстови за географската положба на селото, неговите корени, етничките белези на жителите од Д’мбени и неговата топономастика, д’мбенци во туѓина, запазени особености на словенските зборови и дејност на д’мбенци во националните и политичките борби на македонскиот народ од Егејска Македонија. Притоа посебен акцент е ставен на Костурско во периодот на Илинденското востание и борбата на Локвата и Вињари. Опишани се херојските борби против турскиот аскер што се воделе над селото Д’мбени каде што загинале триесет души, битката напланината Бигла, борбата за преземање на градот Невеска и кај селото Чаниште. Притоа посебен простор е даден за ранувањето на Лазар Поп Трајков, кој бил предаден од неговиот некогашен соборец Коте Христов од селото Руља. Имено, Коте и попот Ставре од селото Псодери, Леринско, заедно со еден андардски слуга му ја отсекле главата на прославениот војвода Лазар Поп Трајков. Потоа, отсечената глава на прославениот војвода и поет му ја однеле на грчкиот владика во Костур. Во овој дел од монографијата е поместен и текст за теророт во костурската каза во периодот на Илинденското востание. Во него се наведени податоци за 25 костурски села, кои ги доживеале репресалиите меѓу кои се вклучени познатите македонски села Мокрени, Загоричани, Черешница, Вишени, Д’мбени, Габреш, Смрдеш, Бапчор и др. Посебен простор е даден на семејствата и нивните членови од Д’мбени во 1903 до 1940 година и кои не се вратиле од Бугарија, САД и Канада, како и периодот кога младите од Д’мбени илегално бегале од Грција во САД, меѓу кои бил и Атанас Близнаков. Авторот Атанас Близнаков со респект пишува за македонскиот револуционер Лазар Поп Трајков, чие име е овековечено на Д’мбенското друштво во САД и Канада. Тој го прецизира неговото поетско остварување ,,Локвата и Вињари” со коментар кон преводот на писмото од Блаже Конески. Во него, меѓу другото, се вели: „По примерот на Хомер, Лазар Поп Трајков го изразува преку лична размисла својот однос кон настаните, своето сфаќање на историјата. Но, тука настанува голема разлика. Древниот поет кажува дела луѓето се играчки во рацете на судбината и дека нивните постапки ги предопределува каприцот на боговите. Лазар Поп Трајков, напротив, изразува светла надеж во иднината, длабока вера во напредокот. Навистина, тој зборува за рујната крв со киптежот на која во еден миг замираат сите убави надежи и мечти, но тој сепак очекува ,,слатка слобода” и ,,иднина светла” во која неговата татковина ќе расути сета ,,во чудесни ружи”. Тој верува во смислата на жртвата и со таа верба е интониран крајот на неговата поема“. Вториот дел е посветен на борбата на д’мбенци против грчката политика, за населувањето на грчки семејства во напуштените куќи, за положбата на д’мбенци во времето на Метаксовата диктатура 1936-40 год., репресалиите над македонското население... Потоа се поместени текстови за формирањето на културно-уметничката група на СНОФ во 1944 година, на Драмското здружение од д’мбенската младина во истата година и за протестниот митинг одржан во Костур 1945 година. Исто така, во овој дел е пренесен периодот од 1945 до 1949 година и д’мбенци, за улогата на д’мбенските жени, за интернацијата на д’мбенци, како и за односот на грчките монархисти кон жителите на селото. Посебен дел е посветен на текстот кој се однесува на повторното формирање на македонското училиште во 1947 година и за опожарувањето на селото од грчките монархисти на 21 јуни 1948 година, со што се затвора една светла историска вистина за селото Д’мбени. Атанас Близнаков во монографијата за Д’мбени посебен простор посветил за животот, делото и револуционерната деј ност на Лазар Трповски за кого е посветена и песн. Исто така, е поместен текст и за револуционерот од Д’мбени, Ташко Караџа, кој поради неговат аполитичка и револуционерна активност долго време бил во затвори и во 1942 година бил стрелан од германските фашисти, а е поместена и песната за овој македонски револуционер. Потоа, се презентирани пет песни од поетот од Д’мбени Васко Караџа и една песна од грчкиот поет Јанис Барбајанис кој го опејува Д’мбени во бурните денови на војните. Во монографијата е даден список на семејствата и членовите од селото во 1941 година и земјите каде што се преселиле, список на д’мбенци кои зеле директно учество во Народноослободителната борба во Грција од 1941 до 1944 година, во Граѓанската војна 1945-1949 год., како и список на загинатите партизани и цивилното население од 1941 до 1949 година. На крајот е дадена илустрација која содржи бројни фотографии: од Д’мбенската селска чета во 1908 година, отсечената глава на Лазар Поп Трајков и планината Лисец каде му беше отсечена главата, црквата „Св. Никола“ во 1948 година, до значајни фотографии од селото и од иселениците во Гери, како и од д’мбенци во Република Македонија. Во врска со излегувањето од печат на книгата „Д’мбени од Атанас Близнаков, Христо Христов од Виндзор, канада во списанието „Македонија“ во бројот 374 од јуни 1984 год., ќе напише дека насловната страница на ова дело предизвикува болка. Имено, на една од буквите на овој црвено-обоен наслов, што асоцира пресна човечка крв, стои обесена инертна рамка од слика која опкружува празен простор. Окрвавениот наслов и празната рамка, поставени врз црна подлога, јасно зборуваат за едно бурно минато, проследено со драматични збиднувања и овенчано со трагичен епилог. Тој меѓу другото вели: Панорама на Гери Монографијата на Близнаков има значење од големи размери. Со регистрирањето на отпорот против Турците, врховистите и хеленизмот во Д’мбени и Костурско, оваа книга ги прескокнува локалните граници и добива атрибути од семакедонски карактер. Меѓутоа, врвно место зазема објавувањето напоемата „Локвата и Вињари“. Автор на оваа поема е Лазар Поп Трајков, роден 1878 година во селото Д’мбени. За мошне кусо време успеал да се здобие со образовнаие што му обезбедило учителска служба. Лазо покажувал повозвишени идеали. Тој се вклучил во борбата за ослободување на својот народ, станувајќи војвода за костурскиот реон. „Локвата и Вињари“ е составена непосредно по битката на овие две височини помеѓу многуброен турски аскер и Д’мбенската чета во која учествувал и раководел и авторот. Восхитен од вонредната храброст на своите соборци, добива инспирација за ова длео во кои ги воспева трагичните настани што се случувале во текот на овој историски ден, ламентирајќи ја загубата на своите 13 соборци. Пишувањето на оваа долга композиција од над 250 стихови, за што кај писателот се нужни посебни услови и расположение, е извршено на 31 мај 1903 година во Берик. Човек, што оваа месност ја познава, авторот на овие редови, не може а да не се стави во контемплација за да го открие, по можност, најпогодниот амбиент што поетот го избрал за креирање на еден ваков литературен потфат. Со глорификацијата на паднатите комити Лазар ни ја доловува целокупната ситуација во тогашна Македонија, потоа отсутноста кај слободна Европа на меѓународните хуманитарни правила за војување, како и решеноста на комитите со оружје в рака да се борат се` дотогаш до кога „Слободата дури не грее тука...“ Лазар покажува атрибути на човек со храброст, оптимизам, визионерство и надеж за светла иднина. Земајќи го предвид фактот дека поимот историја значи непристрасно презентирање на настани што имат забележителен одглас кај широките народни маси, доаѓам до заклучок дека Близнаков, со овој свој студиозен труд, докажа дека долгогодишната опсесија на д’мбенци за објавување книга за своето родно село не беше празна суета, туку вреден научен прилог, како во однос на семакедонската литература, така и во однос на семакедонската историја, пишува Христо Христов од Виндзор, Канада. Продолжува
Пишува: СЛАВЕ КАТИН |