|
|
85 ГОДИНИ ОД ЖИВОТОТ И ДЕЛОТО НА ГОЈКО ЈАКОВЛЕСКИ, АЛИАС ГОЦЕ МАКЕДОНСКИ (7) |
СОФИЈА - НОВИОТ ДОМ НА ГОЈКО Бугарија или официјално Република Бугарија втората татковина на Гојко Јаковлевски е држава во Jугоисточна Европа, која излегува на Црно Море на исток, на југ граничи со Грција и Турција, со Србија и Македонија на запад и со Романија на север. Северната граница, главно е по должината на рекатаДунав, при што источниот дел од границата ја дели областа Добруџа. Оваа земја била населена од неолитот. Првата документирана цивилизација која живеела на територијата на Бугарија биле Тракијците. Тие биле асимилирани од Римјаните, а подоцна од страна на Словените во 6 век. Околу 670, прабугарски орди пристигнале на Балканскиот Полуостров и го основале „Првото бугарско царство“, признато од Византија во 681 година. Бугарската држава станала културниот центар за сите Словени во текот на средниот век сè до падот на „Второто бугарско царство“ под отоманска власт во 1396. Во 1878 година на Руско-турската војна резултирал со основање на „Трето бугарско царство“. Таа станала комунистичка народна република и сојузник на Советскиот Сојуз во 1946 година. Колапсот на Источниот блок во 1989 година донел демократски промени во Бугарија и резултирал со нејзиното членство во Европската Унија во 2007 година. Главен град на Бугарија е Софија, кој има околу 1.290.000 жители. Други поголеми градови се Пловдив (331.796), Варна (330.486) и Бургас (197.301). Бугарија е членка на повеќе меѓународни организации, меѓу кои и во НАТО, Светската трговска организација, Европската Унија, како и три пати непостојана членка на Советот за безбедност на ОН и еден од основачите на ОБСЕ. Македонците во Бугарија, или како пиринци или бугарски Македонци, се староседелско население кое, главно, живее во Пиринска Македонија, во југозападниот дел на денешната Република Бугарија. Во определени периоди постоело и иселување од политички и економски причини, од другите делови на македонската регија. Иселувањето се одвивало во неколку поголеми бранови: средниот век, во ренесансата, по ослободувањето на Бугарија од турската власт, по Илинденското востание, по Балканските војни и Првата светска војна. Македонската емиграција од сите делови на етничка Македонија во Бугарија e најголема македонска емиграција во светот, со огромен интелектуален потенцијал и големо културно наследство.
Гојко повторно во Бугарија Невозможно е да се каже колкав е точниот број на етничките Македонци во Бугарија, особено поради фактот што различни извори даваат спротивставени податоци. Сепак, сите се согласуваат дека голем број (над два милиона, вклучувајќи и од мешани бракови) од граѓаните на Република Бугарија се потомци на доселеници од Македонија, кои како емигранти или бегалци својот дом го нашле во Бугарија. Според пописот на населението во декември 1946 година, во Народна Република Бугарија од вкупно 252.908 жители во Пиринска Македонија 160.541 лице, односно 70 % се изјасниле како етнички Македонци. Изнесените факти ја потврдуваат вистината за Македонците во Бугарија, кои Бугарија вешто се обидува да ги изманипулира. За жал, и за голем демократски срам, според пописот на населението во Република Бугариja од 2011 година живеат само 1.654 Македонци, од нив: 561 се населени во Благоевградската област, а 1.163 се со маjчин македонски јазик, додека 1.091 се државјани на Република Македонија кои живеат во Бугарија. Исто така, во 1947 година биле создадени печатени медиуми, „Пирински весник“ и Печатницата, „Македонска книга“. Тие биле дел од остварените ветувања за правата на Македонците во Бугарија, кои би го зајакнале македонскиот јазик и култура. Медиумите биле укинати и затворени во 1958 година, поради политички причини и менување на власта. Меѓутоа, во 1990 година, бил создаден нов весник за македонското малцинство во Бугарија, со име „Народна волја“. Весникот се уредува и печати во Горна Џумаја. Исто така, во Благоевград е формирана Обединетата македонска организација „Илинден“ – Пирин, која е партија за економски развој и интеграција на населението во Република Бугарија. Таа е демократска партија која ги штити правата на малцинствата и се залага за децентрализација на земјата. Тоа е единствената политичка партија која се бори за правата на македонското малцинство во Бугарија. Партијата работи, главно, во југозападниот регион на земјата, односно во Пиринска Македонија. Таа била регистрирана како политичка партија во 1999 година и учествувала во општинските избори. Меѓутоа, на 29 февруари 2000 година, Уставниот суд во Бугарија прогласил дека таа е неуставна, повредувајќи го правото на слобода на здружување и правото на слобода од дискриминација. За жал, бугарската влада одбива да признае постоење на македонско малцинство во Пиринска Македонија и продолжува да ги крши основните човекови права. Членовите и симпатизерите на ОМО„Илинден“ – ПИРИН, политичка партија и организација за човекови права и ОМО Илинден, организација за човекови и малцински права се малтретирани, тепани, казнувани, па дури и затворани, едноставно за прогласување на својот македонски идентитет. Причината за упорното негирање на Македонците во Бугарија доаѓа од бугарската националистичка догма дека нема, не може и не треба да има Македонци. Меѓутоа, вистината е друга, не само со пописот, туку и со вистинското постоење на народот. Затоа ние сакавме да се увериме, да го потврдиме тоа и да ги информираме читателите за дел од реалноста на Пиринска Македонија. Така,во утринските часови на едно ноемвриско утро, тргнавме кон Горна Џумаја, денешен Благоевград. Во далечината горделиво се издигаше Пирин, убавецот и највисоката од сите планини во Македонија. Чиниш со раце ќе ја допреш славната планина на Јане Сандански за која се врзани безброј легенди на Македонците од овој крај. Во историјата за Пиринска Македонија се вели дека таа e дел од етничката територија на Македонија, дел кој по Букурешкиот „мировен“ договор во 1913 година припаднал на Бугарија. Во античко време Пиринска Македонија, најпрвин, била дел од Панонија и Тракија, а подоцна станала дел од Царството Античка Македонија. Во римскиот период Пиринска Македонија доживува своевиден процут, за што сведочат повеќето археолошки ископини на антички градови во близината на денешните градови Благоевград, Сандански, село Рупиште и др. Во средновековниот период Пиринска Македонија била под власта на царот Самуил, Византија и балканските феудалци. Со доаѓањето на Турците, Пиринска Македонија бележи одредена стагнација, но, сепак, не го напушта својот непокорлив македонски дух. За време на Руско - турската војна во 1877-78 година, северниот дел на Пиринска Македонија ќе потпадне под руската окупациска зона, но по Берлинскиот конгрес ќе ѝ биде вратен на Турција. На подрачјето на Пиринска Македонија е кренато Кресненското (Македонското) востание против османлиската власт во 1878/79 година со центар во Кресна, кое имало силен македонски национален карактер и цел да создаде независна автономна македонска држава. Благоевград Кон крајот на XIX век на територијата на Пирин со својата чета ќе царува големиот македонски револуционер и великан Јане Сандански, кој бил близок соработник на Гоце Делчев и најголем борец против врховизмот. Тој е познат под прекарот „пирински цар“ кој ќе го изврши познатото грабнување на протестантската мисионерка Мис Стон. По Втората светска војна во времето на владеењето на Георги Димитров, Македонците од Пиринска Македонија ќе добијат целосна културна автономија која требала преку законска рамка да прерасне во територијална и Пиринска Македонија да се обедини кон тогашната НР Македонија како кон матична држава во рамките на Балканската федерација. Гојко уште додека бил средношколец во Софија, почнал да го менува мислењето за Јосип Броз Тито. Од ден на ден сѐ повеќе се сомневал во исправноста на неговата политика за Македонија. Посебно го загрижувал проблемот со поделеноста на македонскиот народ во три држави и сметал дека за негово обединување тогашната југословенска власт не презела ништо. Гојко посебно го подвлекува случајот со Граѓанската војна во Грција, во која учествувале многумина Македонци во редовите на ДАГ и се бореле против монархофашистичката антимакедонска власт. Тој истакнува дека Тито тогаш извршил невидено злосторство со тоа што ја затворил границата, по што македонските борци не можеле да преминат во ослободениот дел на Македонија и да се спасат. Гојко вели дека затворањето на границата и историчарите го карактеризирале како злосторство кон македонскиот народ од Егејска Македонија и цитира: „По жестоките борби што се водеа во Егејскиот дел на Македонија, Демократската армија на Грција беше победена од страна на грчките монархофашисти, потпомогнати од британската и од американската воена машинерија. Само во тие неколку години загинаа повеќе од 30.000 борци. Тогаш повеќемина Македонци ја напуштија Грција, успеаја да пребегаат и да се раселат низ светот, некои побараа спас во Вардарска Македонија. Тогаш Македонците преживеаја вистинска голгота, преку ноќ беа носени во разни насоки, без да им се објаснат и да им се кажат причините за раселувањето. Голема улога во тоа одигра и невиденото предавство на Титова Југославија. Кулминација на сето тоа беше склопувањето на Балканскиот воен пакт со Грција и со Турција во 1954 година. Предавството на Македонците во Грција од страна на Тито и тогашното југословенско раководство е факт дека тие стравувале да не го разгорат огнот за обединета и национална револуција на македонскиот народ и на тој начин да не ја загубат Вардарска Македонија“, вели Гојко. Сите овие настани длабоко ќе се врежат во свеста на Гојко и подоцна многу ќе влијаат врз неговите погледи за иднината на Македонија, зацврстувајќи го кај него македонскиот патриотизам. Тој ќе започне темелно да го проучува македонското минато, користејќи повеќе извори и историски документи. Неправдите кон Македонија и кон македонскиот народ кај него ќе предизвикаат потреба политички да се активира и да се бори за обединета Македонија, со воскреснување на идеалите на илинденците и на Гоце Делчев. Притоа, ќе се вклучи во активностите за формирање политичко здружение на македонската емиграција, кое подоцна ќе прерасне во партија. Тој и неговите истомисленици со децении ќе се борат да дадат придонес во исправање на неправдите направени врз македонскиот народ и Македонија. Резултатите од таа борба за остварување на илинденските идеали се половични, смета тој. Македонија во 1991 година стана самостојна и суверена држава. Останува уште да се оствари неговата голема желба македонскиот народ од трите дела на Македонија да се обедини во единствена држава. Продолжува |