Среда, 13 Мај 2020   
85 ГОДИНИ ОД ЖИВОТОТ И ДЕЛОТО НА ГОЈКО ЈАКОВЛЕСКИ, АЛИАС ГОЦЕ МАКЕДОНСКИ (11)

6.2

ВО БАВАРСКАТА ШУМА  И МИНХЕН

За Гојко првата дестинација во Германија од Белград за Западна Германија бил градот Минхен. Тој лежи на висорамнините во Горна Баварија, околу 50 километри северно од северната граница на Алпите, на надморска височина од околу 500 метри. Минхен е познат по големиот отворен плоштад именуван според столбот, кој е во центарот на плоштадот во чија близина се наоѓаат Стариот и Новиот градски дом (ратхаус). Минхен е главен град на германската покраина Баварија. Градот лежи на реката Изар, северно од Баварските Алпи. Тој е третиот најголем град во Германија по Берлин и Хамбург.

Веднаш по пристигнувањето во Минхен на 5. август 1961 година, Гојко Јаковлески се префрлил во возот за Кам, во Баварската Шума, каде што требало да специјализира, најмногу три месеци. Во тој дел на Германија дрвната индустрија е исклучително добро организирана и многу развиена. Тука ја извршувал практичната работа, за што добивал бесплатно сместување, храна и извесна сума пари.

Значи, прво, ја завршил специјализацијата, односно со задачата за која бил испратен во Германија, а за што се стекнал со потврда, сертификат, за потоа сите документи да ги испрати до Шумарскиот факултет во Скопје.

Инаку, покраината Баварија каде Гојко ја започнал својата специјализација е една од двете најјужни сојузни покраини во Германија, а нејзин главен град е Минхен. Таа има меѓународни граници со Австрија и Чешка. Нејзини соседни германски покраини се Баден-Виртемберг, Хесен, Тирингија и Саксонија. Низ Баварија течат двете поголеми реки Дунав и Мајна. Баварските Алпи ја дефинираат границата со Австрија, а на нив се наоѓа и највисокиот врв во Германија - Цугшпице. Поголеми градови во Баварија се Минхен, Нирнберг, Аугсбург, Регенсбург, Вурцбург, Инголштат, Фирт и   Ерлнген.

Во Кам, во Баварската Шума, каде што бил на специјализација, му било доста интересно, се дружел и често излегувал со колеги Германци,  оделе во блиските места на игранки. Контактите и комуникацијата му овозможиле да го усоврши германскиот јазик. Во рамките на „Шумското стопанство“ биле сместени во таканаречен „колпихгхаус“, еден вид студентски дом каде што спиеле во големи простории со по неколку студенти кои, исто така,  биле практиканти.

По завршувањето на специјализацијата, Гојко отишол во Минхен каде се пријавил на Шумарскиот институт. Таму се заинтересирал за можностите дали за него има соодветно работно место, бидејќи сакал да остане уште некое одредено време, додека му биле валидни документите за престој. Со големо задоволство го прифатиле и му овозможиле да работи научна, стручна работа.

6.3

Почнал со работа која за него била многу интересна. Пресметувал како се развивале исечоците од дрвјата, трупците, според годишните прстени, односно како растело дрвото и врз основа на тоа, од повеќе трупци го пресметувал прирастот на еден цел реон на една шума.

Работата многу го исполнувала, за што добивал 2,5 германски марки за сработен еден час. По некое време, се заинтересирал за тоа дали би можел да преполага некои испити или да повтори некоја година за да се стекне со соодветната диплома како „шумарски инженер“ токму тука во Минхен. Му било објаснето дека и да го заврши тука факултетот, дипломата нема да може да му користи, бидејќи шумата во Германија е државна сопственост и можат да работат само германски државјани. Затоа се откажал од таа идеја.

Тој нашироко говори за убавините на Минхен и за тоа како Германците се мошне практични и добро организирани. Вели дека специјализацијата во Германија му отворила нови видици, нов поглед на светот. За Минхен Гојко, меѓу другото, ќе рече:

„Шетајќи по минхенските улици и булевари, одев како зашеметен, се чувстував како да се наоѓам на друга планета. Си размислував, каква разлика има од она што го гледав во Софија. Сѐ до тогаш си мислев дека Софија е најубавиот град на светот, со убавите паркови, со цвеќињата, чистите улици, а најмногу ми се допаѓаа улиците со жолтите камења, околу паметникот на царот „Ослободител“, што се наоѓаше кај Народното собрание, потоа Руската црква, Дворецот, па мавзолеот на Георги Димитров и Катедралата „Александар Невски“ и друго ...“

Кога го напуштил Институтот во Минхен, почнал да размислува што да прави. Дали да се врати во Југославија или да остане во емиграција. Шетајќи низ улиците и булеварите во Минхен, по Леополдштрасе, Банхофштрасе, Штахус, Шилерштрасе, Хауптбанхоф, одел како омајан. Се шетал и истовремено размислувал што да правам? Да се врати во родниот крај каде што ќе има една средна егзистенција, ќе биде шумарски инженер, или, да остане во туѓина и да започне сѐ од почеток.

Печалбарството, гурбетлукот, не им бил туѓ на неговите предци. Имале долга традиција, дедо му Петко, прадедо му Маноил, прастрико му Илко, сите во Истанбул, Јане во Чикаго, САД, Јорде во Софија, Бугарија. А, и тој од седумгодишна возраст отишол во Софија, каде што останал тринаесет години.

Во кус период во Минхен се рашетал низ градот и ја видел црквата „Свети Петар“ која е најстарата црква во центарот на градот, а се наоѓа во близина на Мариен плац. Изградена е во романски архитектонски стил и во неа биле сместени монасите уште пред официјалното основање на градот во 1158 година. Во близина на „Свети Петар“ е и Црквата на „Светиот Дух“ изградена во готски стил, која во 1724 година била претворена во барокен стил и истата гледа кон најпознатиот пазар во Минхен.

6.4

Црквата Света Богородица во Минхен

Црквата „Света Богородица“ е најпознатата градба во центарот на метрополата Минхен и служи како катедрала на Минхенско-франзиншката архиепископија. Во близина на оваа црква се наоѓа и црквата „Свети Михаел“ која е и најголемата ренесансна црква северно од Алпите, додека, пак, „Театинеркирхе“ е базилика од доцниот италијански барок и истата имала огромно влијание на јужно- германската барокна архитектура.

Исто така, во Минхен Гојко запознал многу луѓе кои доаѓале од југословенските простори, Срби, Хрвати, Босанци, Црногорци и Македонци кои биле во мал број. Германија, после изгубената Втора светска војна имала потреба од работна сила. Исто така, имала многу емигранти, политички бегалци, огорчени противници на титовото „братство и единство“, таканаречени усташи, четници, ванчомихајловисти, балисти, а имало и бегалци од Бугарија, Полска, Чехословачка, Романија. Значи, Минхен бил шаренолик, измешан со луѓе од сите европски и балкански земји и народи.

За време на престојот во Минхен, многу работи на Гојко му станале појасни, како, на пример, неприродниот воен пакт од 1954 година помеѓу Југославија, Турција и монархо-фашистичка Грција кој бил директно вперен против интересите на македонскиот народ. Во Минхен се запознал со многу демократски образовани и настроени патриоти, кои не биле екстремисти, а кои се бореле со демократски средства за едно демократизирање на Југославија.

Според кажувањата на Гојко, во тоа време, сите оние кои не биле поддржувачи на титовата политика, биле обележувани како „усташи“, „четници“, додека Македонците како „ванчомихајловисти“.  Голем број од нив биле вклучени во битката за поубава демократска иднина во рамките на „Јужнословенскиот демократски сојуз“ во кој имало Црногорци, Срби, Хрвати од Босна, Словенци, Бугари ... Тие ветувале дека ќе му помогнат во средувањето на неговите документи за азил, на што тој се согласил и станал „тајник“, односно, таканаречен секретар на македонската секција.

Му излегле во пресрет, му помогнале и го советувале дека, пред сѐ, треба да се пријави во бегалскиот лагер (логор) Цирнодорф кај Нирнберг и дека, потоа, треба да ја започне целата процедура за испитување и проверување.

Во тоа време, во Германија можело да останат и да живеат само оние кои претходно биле прогонувани и затворани поради политички и религиозни причини. А Гојко во Минхен почнал да работи и во една градежна фирма, која му доделила и стан, чист и добро загреан. Затоа, тешко му било да се одлучи за својата иднина и место на живеење.

Се двоумел дали да се врати во Македонија или, пак, да остане во Германија и да започне нов живот во туѓина, како емигрант. Размислувал долго време, ставајќи ги на вага предностите и негативните страни. Сепак, после многу непроспиени ноќи кога требало да ja донесе одлуката, во калкулациите што ги правел натежнале фактите и интуицијата, па се одлучил да остане во Германија.

Продолжува

 B3

Пишува: СЛАВЕ КАТИН

 

На прво место

News image

Мане Јаковлески: Мојот пат по стапките на месијата 2011 година (8)

Петта станица-десно кон улицата Францис, од каде патот нагло, остро се издига кон Голгота (Калварија...

Историја

News image

Границите на Македонија се таму, до каде што допира римскиот меч

Македонија станува римска провинција во 146 година п.н.е., откако римскиот војсководец Квинт Цецилие...

Иселеници

Култура и туризам

News image

ВО АНКАРА– ГРАДОТ НА АТАТУРК И ПРЕСТОЛНИНАНА ТУРЦИЈА(10)

ДЕЛ ОД ПОСЕТИТЕ НА ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ НА СЛАВЕ КАТИН 

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.