|
|
РЕСТОРАНОТ „НОВО СКОПЈЕ“ ВО БЕРЛИН– МАКЕДОНСКА КУЌА НА ВИСТИНАТА |
85 ГОДИНИ ОД ЖИВОТОТ И ДЕЛОТО НА ГОЈКО ЈАКОВЛЕСКИ, АЛИАС ГОЦЕ МАКЕДОНСКИ (14) Западен Берлин е град со специфично минато и сегашност и по многу нешта се разликува од сите градови во Европа. Кога Гојко Јаковлески пристигнал во Германија (1961 година), Берлин бил поделен со бетонски ѕид и бодлива жица на Источен и на Западен Берлин. Во тоа време со Западен Берлин управувале западните сојузници: САД, Велика Британија и СР Германија, а со Источен Берлин – Демократска Германска Република под силно влијание на СССР (Сојузот на Советските Социјалистички Републики). Пред да стаса во Западен Берлин во 1965 година, Гојко Јаковлески три месеци поминал во логорот „Цирндорф“, каде се здобил со статус на политички емигрант. Потоа, во Западен Берлин го отворил ресторанот „Ново Скопје“, кој почнал со работа на 12 јуни 1969 година и за брзо време станал еден вид македонска куќа на вистината. Во него доаѓале голем број видни граѓани на Западен Берлин, меѓу кои и градоначалникот, бизнисмени и бројни културни работници. Истовремено, доаѓале и многу Македонци, пријатели на младиот, амбициозен и мошне работлив Гојко Јаковлески. За само неколку месеци, ресторанот станал собиралиште за новодојденците кои пристигнувале од сите краишта на Германија, Франција, Полска, Холандија, Шведска... Постојани гости биле и берлинци, вработените во странските претставништва и во Американската база. Ресторанскиот бизнис постојано му се зголемувал. Дури неколку туристички агенции склучиле договори со Гојко за да ги носат гостите на ручек и вечера во неговиот ресторан. Најчесто тоа биле поголеми групи, понекогаш и по повеќе од 50 гости од разни страни на светот кои доаѓале организирано да го посетат Западен Берлин, да го видат Берлинскиот ѕид и Рајстагот, кои во тоа време биле посебна атракција. Според зборовите на Гојко, за големиот интерес за ресторанот „Ново Скопје“ кој имал уникатна храна со висок квалитет, подготвена на македонски начин, голем придонес имал и амбиентот на ресторанот. Имено, ресторанот на Гојко и на неговиот брат Мане Јаковлески бил типично македонски, декориран со стари предмети од македонски домаќинства, со орудија што се користеле во земјоделството на македонските простори, и сето ова надополнето со изворната македонска музика. Во ресторанот сѐ било во знакот на македонството, дури и келнерите биле облечени во стилизирана македонска народна носија. Кога разговаравме за ресторанот „Ново Скопје“, Гојко со задоволство раскажуваше дека во него, на видно место на еден од ѕидовите на таа македонска куќа била нацртана во голем размер етничка карта на Македонија. Покрај неа на голем формат бил нацртан Гоце Делчев, во комитска облека. Тоа го дополнувала мени-картата која секојдневно се наоѓала во рацете на гостите кои доаѓале во ресторанот. На неа била насликана картата на Македонија, а на задната страна биле насликани играорци кои го играат тешкото и симбол – факел со знак ВЕП – (Вардар, Егеј и Пирин) и следната куса историја: Ресторанот „Ново Скопје“ „Македонија, драги гостине е средишна земја на Балканскиот Полуостров која беше во центарот на политичките, националните, етничките и културните судири. Во античкиот период во средновековна Византија и во столетијата кога му припаѓаше на Османлиското Царство била единствена, историска утврдена целина, а по Балканските војни (1912-1913) е поделена на три дела: северниот дел ѝ припаднал на Србија (Значи денес и припаѓа на Југославија), со 27.000 км2, јужниот дел и припаднал на Грција со 35.000 км2, а источниот дел со 7.000 км2 и припаднал на Бугарија. Мошне е интересно што една таква Македонија, која има исти страници како прастарото Македонско Царство на кралот Филип, таткото на Александар Македонски, повеќе од половина век е поделена со вештачки граници. Ваквата тиранска поделба беше акцептирана преку Версајскиот договор од 1919 година. На тој начин европските држави останаа неми и бесчувствителни спрема правата на еден мал народ чиј глас беше угнетуван и задушуван. Македонското прашање до денешен ден не е решено. Борбата на македонскиот народ се движи во правец на ослободување и на повторно обединување на Македонија како самостојна држава. Многу помали нации во Азија и во Африка стекнаа своја самостојност. Македонците се посебен народ, нација со сопствено писмо и јазик, независен од бугарскиот, грчкиот, српскиот или од „југословенскиот“ јазик, со долга сопствена историја и обичаи, култура, сопствена Македонска православна црква, традиции и обичаи.“ Инаку, ресторанот „Ново Скопје“ комплетно бил реновиран во 1974 година. За четириесет и пет дена, од 5 ноември до 19 декември 1974 година, завршиле предвидените градежни работи. Притоа, требало да се спомне дека француски сликар, кој работел во француската база во Западен Берлин, пријател на „Ново Скопје“, ја нацртал етничката карта на Македонија, трите дела на Македонија (Вардарскиот, Егејскиот и Пиринскиот) и ликот на апостолот на македонската револуционерна борба – Гоце Делчев. Италијански уметник, пак, нацртал повеќе мурали на ѕидовите со мотиви од Македонија, а на едниот дел во ресторанската сала биле направени сепариња од дрво и биле покриени со ќерамиди. По повод отворањето на реновираниот ресторан „Ново Скопје“ се одржала свеченост на која чинот на отворањето го извршил градоначалникот на општината Шарлотенбург д-р Роман Легиен. Во таа пригода Гојко Јаковлески и Лeгиен, како симбол на отворањето го пресекле Гордиевиот јазол од ортома. Во врска со овој чин Гојко Јаковлески ни раскажа дека врзувањето на таканаречениот Гордиев јазол го направиле по примерот на Александар Македонски, кој го решил проблемот со меч за да ја освои Азија. Со таквиот чин Легиен и Гојко сакале да го освојат Курфурстендам (Kurfuerstendamm), главната улица и Берлин. Инаку, според едно пророштво се вели дека оној што ќе го одврзел Гордиевиот јазол ќе станел господар на Азија. Многумина напразно се обидувале да го одврзат, но не успеале. Александар Македонски дошол и со еден удар на мечот го пресекол јажето. Оттогаш Гордиевиот јазол се користи двосмислено: како метафора на нерешлив проблем или како синоним за голем проблем што може лесно да се реши. Инаку, за почетоците и целта за отворање на овој современ македонски ресторан во срцето на Берлин, Гојко и Мане Јаковлески во текстот под наслов „Ресторан што го афирмира македонството“, објавен во весникот „Нова Македонија“ во јануари 2003 година, ќе изјават дека целта им била да создадат бизнис, а паралелно со тоа на тие демократски простори да ги афирмираат вредностите на нивната татковина Македонија, како и со истомислениците да се борат таа да стане самостојна и независна држава во своите етнички граници. Затоа тие го направиле целиот екстериер и ентериер на ресторанот да бидат во духот на македонската архитектура, исто така, и декорацијата, а менито било со македонски специјалитети. За жал, Гојко и Мане со нескриена тага го споменуваат последниот пречек на Новата 2003 година во „Ново Скопје“, по што по 34-годишно опстојување, му било ставен клуч на тој семакедонски и германски угостителски објект. На прашањето како успеал со својот ресторан да опстои толку долго во центарот на Берлин каде што конкуренцијата била голема, која била формулата за успехот на „Ново Скопје“, меѓу другото Гојко вели дека неговата желба да се успее била голема. Уште на почетокот тој поставил таква организација во ресторанот која функционирала беспрекорно. Менито било разновидно и квалитетно, конкурентно, привлечно за посетителите, асортиманот на храната бил богат и вкусен, истото тоа се однесувало и на пијалаците. Најзастапени биле македонските специјалитети, а посетителите се воодушевувале на амбиентот кој бил во стилот на една македонска куќа, декориран со предмети и украси што се користеле пред стотина години во Македонија. Исто така, Гојко не информира дека последните дваесетина години со ресторанот стопанисувал неговиот брат, познатиот и признат угостител и патриот Маноил (Мане) Јаковлески, кој со голема љубов и знаење ја продолжил семејната традиција. Гојко жали што пречекот на Новата 2003 година бил крај на ресторанскиот бизнис на „Ново Скопје“, во кој работел речиси од самиот почеток. Со болка во душата, пак, Мане ни рече дека за затворањето на „Ново Скопје“ жалат и голем број берлинци кои биле редовни гости, потоа бројни Македонци кои живеле во Берлин и Германија, бидејќи за нив ресторанот бил повеќе од еден македонски дом, кој од почетокот до затворањето бил неформална македонска амбасада во светската метропола Берлин. Какво значење имал овој ресторан сместен на главната берлинска улица најдобро говори реагирањето на телевизискиот канал ЗДФ – Берлин, кој на 13 јануари 2003 година (понеделник) емитувал получасовна емисија во која остро го критикувал затворањето на ресторанот „Ново Скопје“. Притоа, новинарот побарал јавна одговорност за оние што донеле решение да дојде до тоа. Исто така, тој поставил прашање зошто се дозволило опремата и декорацијата на ресторанот „Ново Скопје“ да се изнесат надвор од Германија? Според него опремата за Германија претставувала вредно богатство, дел од кулинарската историја и требело таа да остане во Берлин. Продолжува
Пишува: СЛАВЕ КАТИН |