|
|
ДОНАТОРСКА КОНФЕРЕНЦИЈА ЗА ИЗГРАДБА НА МАНАСТИРОТ „ПРЕОБРАЖЕНИЕ ХРИСТОВО“ ВО ГОСТИВАР (25) |
85 ГОДИНИ ОД ЖИВОТОТ И ДЕЛОТО НА ГОЈКО ЈАКОВЛЕСКИ, АЛИАС ГОЦЕ МАКЕДОНСКИ Полог или Полошката Котлина е регионот каде се родил Гојко Јаковлески, алиас Гојко Делчев-Рафкин – Гоце Македонски. Покрај Пелагонија и Струмичкото Поле, Полог претставува еден од најразвиените земјоделски региони во Македонија. Тој е историско-географски регион во северозападниот дел на Македонија, со површина од околу 400 км². Поделен е на два дела: Горен (Горни) Полог (во Гостиварско) и Долен Полог (во Тетовско) и се протега во меридијански правец север - југ. Полог е котлина сместена помеѓу планините Шар Планина, Сува Гора, Жеден и Буковиќ. Се простира по горното течение на реката Вардар при што Полог ја претставува главната оска, иако делот на областа лево од течението на реката Вардар е значително поголем од оној на десниот брег. Гостивар, пак, е општина која е административна, политичка, деловна и културна средина за околу осумдесетина илјади жители, од кои само во градското јадро живеат четириесеттина илјади жители. Градот претставува типична мултикултурна средина, во која живеат, речиси, сите националности во Македонија. Инаку, сите новоформирани општини, освен Мавровски Анови и Ростуша, кои порано биле во состав на Општината Гостивар, како и самата Општина Гостивар заземаат локација во Полошката Котлина, поточно во Горни Полог. Општината Гостивар го зазема средишниот дел на Горни Полог, нејзиниот простор се протега на двете страни на реката Вардар. Така, од десната страна на реката општината се шири до југозападните падини на планината Сува Гора, а од левата страна до југоисточните падини на Враца, односно Шар Планина. Северниот и делумно јужниот дел ја зафаќа алувијалната рамнина Вардар. Таа се граничи со општините: Чегране, Врапчиште, Вруток, Долна Бањица и Србиново, а на потесен простор со Самоков. Преку територијата на општината води главниот пат Скопје – Тетово – Гостивар – Кичево - Охрид, или преку Мавровски Анови за Дебар и Струга. Во состав на општината, заедно со централното место и седиште на Општината Гостивар се наоѓаат 5 населби и тоа: Чајле, Балин Дол, Мало Турчане, Беловиште и Добреше, кое е најголемо со околу 4.500 жители, а заедно со Гостивар тие имаат околу 46 илјади жители. Само во Гостивар живеат околу триесет илјади жители од кои околу 43 % се Албанци, 39 % Македонци, 13 % Турци, 5 % Роми и други. За потеклото на името на градот Гостивар постојат повеќе претпоставки и народни преданија и легенди. Така, во едно предание се вели дека во средниот век градот бил многу посетуван од гости од сите краишта, а во летните денови по традиција, секоја година се одржувал голем трговски собир (панаѓур). Ваквата традиција продолжила и за време на Турската Империја. Поради големата посетеност на населбата од луѓе од други краишта, гости, Турците меѓу себе, на турски, често викале „гостивар“ (гости има). Тогаш во градот имало и многу гостилници, па се претпоставува дека „гостољубивиот град“ односно „градот на гости“ станал -Гостивар. Во градот постојат повеќе знаменити објекти, пред сѐ, од турскиот период на владеењето, како и неколку џамии и препознатливата гостиварска Саат-кула што се наоѓа во центарот на градот. Исто така, на самиот плоштад, со својата импозантна големина доминира црквата „Света Богородица“. Најзначајното место за културните збиднувања во Гостивар е, секако, Домот на културата АСНОМ. Во овој дом во текот на годината се одржуваат најзначајните културно - уметнички настани. Позначајни настани се „Ликовната колонија“, која се одржува во Маврово, но главната изложба е во Гостивар, како и програма, рецитали, песни и игри кои се изведуваат на македонски, албански и турски јазик. Исто така, во Гостивар функционира Културно-уметничкото друштво „Браќа Ѓиноски“, во кое има секција за староградски песни, секција за фолклор (играорна секција), како и секција за модерни танци. Библиотеката „Вук Караџиќ“, пак, е сместена веднаш зад Домот на културата. Таа располага со повеќе од 80.000 книги а има и детски оддел, каде се одржува меѓународен поетски фестивал „Литературни искри“. Ја искористивме нашата посета да видиме поголем број знаменитости, да се прошетаме по тесните улици, кои во тоа време беа преполни со автомобили и пешаци и да застанеме во една пријатна кафеана во центарот на градот. Во Гостивар ја посетивме и црквата „Света Богородица“, која е главна и катедрална црква , сместена на самиот плоштад. Изградбата на црквата е започната во 1924 година, а нејзиното осветување е извршено во 1929 година. Во 2003 година на црквата е извршен поголем реставраторски зафат и таа претставува еден од значајните храмови на Македонската православна црква - Охридска архиепископија во западниот дел на Македонија. Секоја година во соборната црква „Света Богородица“ во Гостивар се одбележува празникот Собор на сите македонски светители. Тој ден е за заедничко сеќавање на сите македонски светители кои придонеле за афирмација на христијанството на овие простори на нивната големина и делата кои треба да се паметат и слават. Во календарот на Македонската православна црква првата недела од октомври е заедничко празнување на сите македонски светители.
Нашиот престој во Гостивар го искористивме да ја посетиме и да бидеме гости на донаторската конференција за изградба на манастирот „Преображение Христово“. Треба да се одбележи дека 29 мај 2016 година ќе биде запишан со златни букви за црковно-националното живеење во Гостивар. Имено, на овој значаен ден, во ресторанот „Сајгија“ во Гостивар се одржа донаторска конференција за изградба на манастирот „Преображение Христово“. Тоа има уште едно големо значење, бидејќи после сто години, беше иницирана изградба на манастирска црква на подрачјето, која е лоцирна на завршетокот на Полог во Гостивар. Последна црква во Гостивар е изградбата на „Пресвета Богородица” во центарот на градот. По долг период, гостиварци повторно во последниве години големо внимание почнаа да посветуваат и на обновата, на одржувањето на старите цркви, како и изградба на нови. Тие посветуваат внимание и на одржување на црковните традиции и обичаи. Така, пред две години, во 2014, беше обновена инцијативата за фрлање на Светиот крст во водите на реката Вардар, традиција која во Гостивар беше прекината пред 70-тина години. По повод изградбата на манастирската црква „Преображение Христово” во ресторантот „Сајгија” во Гостивар, на донаторска конференција беа присутни митрополитот тетовско-гостиварски, господинот Јосиф, министерот за надворешни работи на Владата на на Република Македонија Никола Поповски, голем видни бизнисмени од гостиварското поднебје и македонски граѓани и жители на Гостивар. Во таа историска пригода беше присутен и господинот Гојко Делчев Рафкин, (Гојко Јаковлески), кој како голем благотвор, познат и признат Македонец во дијаспората, донираше пет илјади евра, што беше почеток да се вклучат и други донатори кои даруваа за манастирската црква „Преображение Христово”. Затоа со право можеме да кажеме дека овој чин беше за восхит кога бевме во Гостивар на гости. Продолжува |