|
|
СВЕТЛЕ (СТИВ) СТАМЕВСКИ – МАКЕДОНСКИ БИЗНИСМЕН ВО САД (10) |
САД – НОВАТА ТАТКОВИНА НА СЕМЕЈСТВОТО СТАМЕВСКИ Во ова продолжение ќе претставамдел од приказната за Соединетите Американски Држави, новата татковина на Светле (Стив) Стамевски, каде во новите средини Македонците од сите делови на етничка Македонија се претставени како засебна нација, со своја држава, со длабоки корени, со национална црква и со сите други атрибути на еден народ во светот Често пати се вели дека Америка е земјата на бизнисот и религијата. Тоа се потврдува со фактот што на тие богати простори век векуваат еден крај друг многубројни народи и нации од сите расни групи со различни религии и од сите континенти во светот. Меѓу нив, значајно место имаат и Македонците, кои ги уживаат сите права и слободи за развивање на своите национални чувства, на својата култура, религија и на сè она што ја карактеризира нивната самостојност и самобитност. За жал, во минатото Македонците на северно-американскиот континент биле во поподредена положба во споредба со емиграцијата на соседните земји на Балканот. Затоа биле постојана цел на туѓите пропаганди. Соседните земји, со своите освојувачки и асимилаторски апетити, настојувале со сите сили и перфидни средства, да ги придобијат и да се наметнат на неорганизираните Македонци, со цел да ја деформираат и да ја потиснат нивната национална свест. Така заразени од туѓите пропаганди, и како религиозни луѓе некои се приклучиле кон (про)бугарски, (про) српски, (про)грчки православни цркви и други организации и клубови. Меѓутоа, положбата рапидно се сменила по конституирањето на Република Македонија и особено по обновувањето на Охридската архиепископија во лицето на Македонската православна црква. Како резултат на тие придобивки, Македонците во Соединетите Американски Држави формирале многу македонски православни цркви, македонски друштва, клубови и различни асоцијации, отворија радија и ТВ-програми, започнаа да печатат весници, списанија и други информативни гласила на македонски јазик. Тоа придонело во новите средини тие да се претстават како засебна нација, со своја држава, со длабоки корени, со национална црква и со сите други атрибути на еден народ во светот. Македонските иселеници застанаа на страната на вистината, со цел да го афирмираат македонскиот народ и Република Македонија. Вашингтон Како автор на монографијата на Светле (Стив) Стамевски можам слободно за констатирам дека името и делото на овој познат и признат американски бизнисмен од македонско потекло и на неговото семејство е тесно поврзано со неговата втора татковина Соединетите Американски Држави (САД). Затоа во оваа пригода ќе дадам кус историски преглед за САД, земјата во која живее, се развива, проширува, опстојува и постигнува напредок семејството Стамевски. Имено, САД е ветената земја, како ја нарекуваат Македонците и другите доселеници, сојузна република во Северна Америка, сместена меѓу Атланскиот и Тихиот Океан, меѓу Канада и Мексико, составена од 50 сојузни држави и еден сојузен округ. Заедно со Алјаска и Хаваите, таа е една од најголемите во светот, во која живеат над 250 милиони жители. Најголем број Американци се доселени од Европа, првенствено од Велика Британија и од Ирска, потоа од Германија, Италија, Русија (по Октомвриската револуција), од Полска, Норвешка, Шведска, Данска, Македонија и голем број латиноамерикански земји. Во Соединетите Американски Држави има бројно афроамериканско население, има Индијанци, Јапонци, Кинези, Евреи и други народи Главен град е Вашингтон, кој се наоѓа во Сојузниот округ Колумбија и заедно со предградијата има над три милиони жители. Други важни метрополи се: Њујорк, Чикаго, Лос Анџелес, Филаделфија, Детроит, Бостон, Балтимор, Кливленд, Сан Франциско и други. Релјефот на САД е многу разновиден: континенталниот дел се дели на неколку големи географски области, различ-ни по простор и природни богатства. Таму владее од континентална, суптропска, приморска, континентално-планинска и арктичка до умерено топла океанска клима. Соединетите Американски Држави располагаат со големо богатство на планини, езера и реки. Најпознати езера се: Горното, Хјурон, Мичиген, Ири и Онтарио, а од реките Мисисипи, Мисури, Рио Гранде Колорадо и други. Детроит Најстари познати жители на денешната територија на Соединетите Американски Држави се Ескимите и Индијанците. Се претпоставува дека од Европејците на северно-американскиот континент први дошле Норманите пред илјада години. Кристифор Колумбо ја откри Северна Америка во 1492 година, а во почетокот на 16 век почнаа да доаѓаат и првите европски колонисти од: Англија, Франција, Холандија, Шведска, Шпанија, кои, за да освојат простори, воделе војна со Индијанците. Прва англиска колонија е Вирџинија, формирана во 1584 година, потоа Масачусетс во 1620 година, а во 1614 година е формирана Нова Холандија, со главниот град Нов Амстердам, кој во 1664 година се преименува во Њујорк. Соединетите Американски Држави имаат бурна и богата историја од своето формирање до денес. Така, покрај борбите со Индијанците, во 1775 година почнаа првите судири меѓу американските доброволни одреди и англиската војска, со што, всушност, почна борбата на северно-американскиот континент за независност. Во 1783 година, со мирот во Версај, Англија ја призна независноста на Соединетите Американски Држави, со што настанаа крупни промени не само во САД, туку и во целиот свет. Соединетите Американски Држави ги потресе Граѓанската војна од 1861 до 1865 година, потоа светската економска криза 1929-1935 година, Втората светска војна, особено војната со Јапонија и употребата на атомското оружје над Хирошима и Нагасаки до Виетнам и денешната криза во Пакистан. Според економската структура, Соединетите Американски Држави се индустриско-аграрна држава, која достигнува многу висок степен на развој на производните сили во сите стопански гранки. Со тоа, тие имаат економска доминација во светот, што придонесува за зголемување на капиталот во целиот свет, поради што тие претставуваат една од водечките светски економски сили. Продолжува СЛАВЕ КАТИН |