Среда, 31 Март 2021   
ЉУБОЈНО - ДЕЛ ОД ПРЕСПАНСКАТА И МАКЕДОНСКАТА ИСЕЛЕНИЧКА СУДБИНА (1)

1lubojno

ДЕЛОТО „ИЛИНДЕН ВО ЉУБОЈНО И ПРЕСПА“

Овој текст и наредните продолженија во порталот „Македонска нација“ се дел од монографијата која е насловена „Илинден во Љубојно и Преспа“, издание на „Македонска искра“ од Скопје и на Македонско друштво „Љубојно“ од Детроит, отпечатена во 2013 година, на 320 страници на македонски и на англиски јазик.  чиј автор е Славе Катин, а коавтор е Бошко Рајчовски – Пелистерски од САД. Делото е посветено  на Илинден и на илинденските иселенички средби во Љубојно, како и на други теми и дилеми поврзани со Љубојно и етничка Преспа

1lubojno1

Монографијата „Илинден во Љубојно и Преспа“ е сведок на судбини на Љубојно, на Преспа, на Македонија. Во делото е изразена силната љубов кон родната земја, особено на оние кои го напуштиле родното дедовско огниште, но се поврзани по семејна или друга врска со тој убав, борбен, патриотски и значаен дел на етничка Македонија.

Монографијата претставува значаен прилог и придонес на публицистичкото творештво. Таа е огледало и свидетелство на убавиот збор и откривање на судбината на печалбарскиот крај Преспа. Монографијата е документ за голем број луѓе, настани, појави, интелектуалци или вљубеници во дедовскиот крај, во Преспа. Всушност, тоа е дело особено за настаните во овој крај по повод „40-те Љубански илинденски иселенички средби“ и „Фолк – фест Преспа 2013“ кои се одржаа токму на ден Илинден во Љубојно.

Исто така, во оваа монографија се презентирани преспани кои живеат насекаде по светот, како и голем број факсимили од различни текстови и фотографии кои ја збогатуваат содржината на делото. 

Монографијата „Илинден во Љубојно и Преспа“, на Славе Катин и на Бошко Пелистерски со сета скромност е огледало за начинот на комуницирањето, особено на иселениците во дијаспората, а преку нив и за нивниот живот и дело што ќе останат вечни и поттик за идните генерации да не ги забораваат трагите на вистината за Љубојно, за Преспа, за Македонија.

Во монографијата се вели дека да се пишува за минатото и сегашноста за Љубојно, за Долна Преспа, за Македонците од поделена Македонија е одговорна задача, но истовремено причинува големо задоволство. Во ова време на светска глобализација прекрасно е чувството кога ќе се најде на едно место најголемиот и најзначајниот дел од една историска вистина и судбина за настаните, личностите, за минатото, сегашноста и иднината на еден убав македонски крај од незаборавот.

Илинден, Втори август е запишан со крупни позлатени букви во историјата на македонскиот народ, особено во историјата на Долна Преспа. На тој ден во 1903 година избувна Илинденското востание, а на истиот тој ден, односно на 2 август во 1944 година Македонија се конституира во држава, во лицето на Народна Република Македонија.

Кога се зборува за борбената Преспа, за местото каде што владеел првиот македонски цар, Самуил, важно е да се спомене дека во Љубојно на 8 и 9 септември 1943 година била формирана првата слободна територија во Преспа, за подоцна во текот на 1944 година целосно да биде засекогаш ослободена од бројните непријатели.

Илинден, тој величествен ден на сенародниот македонски копнеж за борба и слобода, на најголемиот празник од сите празници во Македонија го прави Љубојно да е најубаво, највесело и најпривлечно место. На Илинден во Љубојно се игра и се пее, се јаде и се пие, се чувствува топло гостопримство и срдечност кај сите оние што доаѓаат да се сретнат со своите роднини, пријатели, познати...

Иселеничките средби, кои се одржуваат скоро половина век досега, се исполнети со интересни содржини како што се промоции, литературни читања, беседувања, разговори, детски и театарски претстава и друго. По традиција, на 2 август сретсело на Полена се одржува општ собор на многуилјадниот народ кои специјално доаѓа за Илинден.

На Илинден ечат песни и ора, се радуваат луѓето на многуте визити, видувања, спомени и завет – „Каде и да си, ама на Илинден, во Љубојно да си“. На Илинден во Љубојно се собираат голем број иселеници од прекуокеанските и од европските земји, Преспанци што живеат низ Македонија, голем број Македонци од егејскиот дел на Македонија што живеат ширум светот, гости и иселеници од другите села, туристи и бројни повратници од Преспа, Битолско и од други места.

За одржувањето на љубанските средби, меѓу другите заслужни се љубанци, Месната за- едница Љубојно, „Илинденски денови“ од Битола, Општината Ресен, Агенцијата за иселеништво на Република Македонија, бројни оркестри, естрадни уметници, фолклорни групи, медиумите во Македонија и во иселеништвото, како и голем број вљубеници во Љубојно и нивни пријатели, кои дале значаен прилог и придонес средбите да бидат добро организирани, масовни, да имаат поширок карактер и да бидат вечни.

Притоа, посебно признание треба да им се оддаде на долгогодишните организатори од Љубојно: Владо Пашариковски и Бошко Рајчовски-Пелистерски, на музичката ѕвезда Ламбе Алабаковски и Славе Катин, како и голем број жители на Љубојно и иселеници ширум светот. Желбата на сите е средбите во Љубојно да бидат вечни, зошто и Македонија е вечна. Таа постои уште од античко време кога и била формирана големата и славна Македонска Империја на Филип и Александар Македонски.

А, денес, Македонија е само продолжувач и негувач на тие корени и на славното македонско име. Македонија е библиска земја, а македонскиот народ е библиски и христијански, кој своето постоење и опстанокот низ историјата, најверојатно, му го должи, меѓу другото, и на празникот Илинден.

Овој голем ден верската и национална симболика на македонскиот народ ја издигна до ниво на магија која го поврзува, независно дали се наоѓа во Македонија, Австралија, Европа, Канада, САД, Европската унија или на други простори во светот. Овој македонски празник е ден над деновите, симбол над симболите, магнет над магнетите, со кој националното ткиво има своја резонанса по која светот ги распознава Македонците.

Населението од Долна Преспа, а особено од Љубојно, Брајчино, Наколец и Долно Дупени се верници и страсни приврзаници на христијанската - православна вера. Затоа, уште од дамнина започнале да градат цркви и манастири, кои служеле и служат како најмасовни собиралишта на национално и верско обединување.

Таквата љубов кон верата, кон нацијата, кон сопствената црква и кон Македонија, љубанци заедно со другите Македонци од етничка Македонија ја продолжиле не само во Македонија, туку и на новите простори низ светот. Така, со доселувањето во новите средини Македонците станале едни од најактивните христијани кои почнале да градат цркви низ целиот свет, односно онаму каде што се доселиле.

За Љубојно, а и за другите села во Долна Преспа карактеристични се едукативните про- цеси. Тоа е село, кое отсекогаш било расадник на високообразовни кадри кои, најнапред, основното образование го стекнале во Централното осумгодишно училиште „Димитар Влахов“ во Љубојно, едно од првите училишта на македонски јазик во Македонија.

1lubojno2

КУД „Моминок“ од Прилеп во Љубојно

Училиштето било изградено во втората половина на ХIХ век, а во 1907 година е изградено денешното старо училиште, кое му пркоси на времето. Првата настава на свој мајчин народен јазик започнала во 1908 година, за во 2008 година да се прослават стоте години од неговото постоење.

Во ова училиште своето образование го добиле неколку стотици образовани луѓе, меѓу кои: лекари, правници, адвокати, професори, инженери, писатели, поети, новинари, доктори на науки и многу други интелектуалци од Сливница, Крани, Арвати, Штрбово, Наколец, Брајчино, Долно Дупени и Љубојно.

За голем број интелектуалци и вљубеници во пишаниот збор од Долна Преспа во Република Македонија, во егејскиот дел на Македонија и од Мала Преспа е посветен посебен простор во монографијата „ Илинден во Љубојно и Преспа“, всушност е само откинат дел од вистината за овој предел на етничка Македонија.

Монографијата „Илинден во Љубојно и Преспа“,всушност, е збир на факти, искажувања и придонес на авторите и на голем број Македонци со позитивна енергија ширум светот. Затоа и пораката на делото е тоа нека биде поттик на идните генерации, без разлика каде се наоѓаат, да не ги забораваат корените на прадедовската земја, да бидат продолжувачи на македонската државност, јазик, црква, култура, обичај, верувања, и чувари на македонската земја и вистината за тој напатен дел од Македонија во Долна Преспа.

Ова илустрирано дело излезе благодарение на големиот број содружници, пријатели, интелектуалци, обични, едноставни вљубеници во овој дел на Македонија и насекаде во светот, кои со своите сеќавања, податоци, финансиска помош и позитивен однос кон својата татковина Македонија помогнаа монографијата да види виделина од македонското Сонце.

Продолжува

1slav Пишува СЛАВЕ КАТИН

 

На прво место

News image

Мане Јаковлески: Мојот пат по стапките на месијата 2011 година (8)

Петта станица-десно кон улицата Францис, од каде патот нагло, остро се издига кон Голгота (Калварија...

Историја

News image

Границите на Македонија се таму, до каде што допира римскиот меч

Македонија станува римска провинција во 146 година п.н.е., откако римскиот војсководец Квинт Цецилие...

Иселеници

Култура и туризам

News image

ВО АНКАРА– ГРАДОТ НА АТАТУРК И ПРЕСТОЛНИНАНА ТУРЦИЈА(10)

ДЕЛ ОД ПОСЕТИТЕ НА ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ НА СЛАВЕ КАТИН 

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.