|
|
ИСТОРИСКИОТ РАЗВОЈ НА „ИЛИНДЕНСКИТЕ ИСЕЛЕНИЧКИ СРЕДБИ“ ВО ЉУБОЈНО (18) |
Илинден е најголемиот ден на слободарскиот дух од сите денови и празници на Македонија. Тој е величествен ден на сенародниот македонски копнеж за борба и слобода на Македонија. Затоа тој голем ден за сите Македонци од етничка Македонија во земјата. во прекуокеанските и европските земји, го прави Љубојно да е најубаво, највесело и најпривлечно. На Илинден во Љубојно се чувствува топло гостопримство и срдечност кај сите оние што се собираат, притоа се собира голем број иселеници од прекуокеанските земји, од европските земји, Преспанци што живеат низ Македонија, голем број Македонци од егејскиот дел на Македонија што живеат ширум светот, гости и иселеници од другите села, туристи од Претор, Сливница и Крани, како и голем број повратници од Преспа, Битолско, Охридско, Леринско и од Мала Преспа. На Илинден љубанци со гордост го истакнуваат своето бурно минато исполнето со непокор и борба за опстанок. Тоа е резултат на фактот дека на првиот Илинден се случиле бурни и драматични настани, а и во текот на окупацијата Љубојно било едно од жариштата на револуционерното движење и прва ослободена територија. Ако долнопреспанци со пушка во рака биле учесници во двата Илиндена за слобода на Македонија, денес тие со продолжувањето на македонските традиции, духовност, со обичаите и со културните настани ги зацврстуваат корените на Македонија, на македонскиот народ во Преспа и насекаде во светот да бидат вечни. Овој голем ден верската и национална симболика на македонскиот народ ја издигна до ниво на магија која го поврзува, независно дали се наоѓа во Македонија, Австралија, Европа, Канада, САД, Европската унија или на други простори во светот. Овој македонски празник е ден над деновите, симбол над симболите, магнет над магнетите. Манифестацијата „Илинденски иселенички средби“ е значајна културна манифестација не само за Љубојно и Преспа, туку и за Република Македонија. Во изминатите педесеттина години на успешно организирање продефилираа голем број културно-уметнички друштва, музички ѕвезди, литературни дејци и други културолози. Дел од Иселеничките средбите на „Полена“ Според податоците на авторот на овој текст Славе Катин, „Љубанските илинденски иселенички средби“ започнале на Илинден 1974 година. Иницијатори за овие средби биле Мијал и Владо (Аронот) Паспаловски, кои од Соединетите Американски Држави биле дојдени во родниот крај, во Љубојно. Тие ја платиле музичката група да свири пред црквата „Свети Илија“, во која по традиција сите љубанци одат на Илинден во предпладневните часови да присуствуваат на црковната богослужба. Таа прва веселба на Илинден 1974 година била спонтано прифатена од љубанци со аманет секоја година да се веселат на Илинден пред црквата „Свети Илија„ и потоа прославата да продолжи на Полена. Во почетокот средбите во Љубојно имаа карактер во вид на панаѓурска прослава, но како одминуваше времето манифестацијата прерасна во значајна илинденска прослава и печалбарска средба. Така, во последните триесетина години средбите почнуваат на 31 јули вечерта, со играорни и пејачки групи од разни краеви на Македонија, од поранешна Југославија, Бугарија, Мала Преспа, како и уметнички друштва на Македонците од Австралија, Канада, САД и европските земји. Во изминатите педесетина години во организирањето на Љубанските средби се вклучиле бројни иселеници и мештани на Љубојно. Покрај претставниците на Месната заедница од Љубојно и љубанци, големи заслуги имаат и; фестивалот „Илинденски денови“ од Битола, Општината Ресен, Агенцијата за иселеништво на Република Македонија, бројни оркестри, естрадни уметници, фолклорни групи, медиумите во Македонија и во дијаспората, како и голем број вљубеници во Љубојно и нивни пријатели кои со своето учество дале значаен прилог и придонес средбите да бидат богато организирани, масовни, да имаат поширок карактер и да бидат вечни. Посебно треба да им се оддаде признание на долгогодишните организатори Владо Пашариковски и Бошко Рајчовски-Пелистерски, на Славе Катин кој организирал презентација и промоција на свој публикациикако и на музичката ѕвезда Ламбе Алабаковски. Посебно треба да се истакне дека организаторите на „Илинденските иселенички средби“ во Љубојно, во овој долг период од педесертина години имало огромна соработката со раководните структури на манифестацијата „Илинденски денови“ од Битола. Тие, речиси, секоја година, на сметка на нивната значајна манифестација, за 31 јули испраќаат фолклорни групи и оркестри да настапат на Полена, за што љубанци ја изразуваат својата благодарност. Инаку, на средбите во Љубојно се практикува на празникот Илинден, во 9 часот да се посети црквата Свети Илија, каде се одржува богослужба, а потоа да се посети и спомен-плочата подигната на куќата на Калајџиовци, а во чест на паднатите борци во Илинденското востание. Исто така се посетува спомен - плочата на борците од НОБ на Полена, каде почнува веселбата со музички групи и пејачи од македонската музичка естрада. Се свири и се игра до доцна во ноќта на Илинден. Посебен простор на средбите се дава на културната манифестација која се одржува кај „Воденицата“ на Кичовски, која имаше општествен карактер. Имено, во попладневните часови, во просторот пред воденицата пред голем број посетители се одржува куси настапи на музичките, театарските и други групи од културата. Потоа, се одржува промоција на дела на автори по потекло од Љубојно и Преспа, како и иселеници од други делови на Македонија. На овој значаен настан од културата за Македонија, учествувале бројни познати автори, за кои делата им ги претставувале видни личности од општественото и културното живее во Република Македонија. Кога се одржуваат „Љубанските илинденски печалбарски средби“,најголемиот празник на македонскиот народ – Илинден се доживува свечено и празнично во сите куќи во Љубојно и кај сите посетители. На Илинден Љубојно добива свечен празничен лик. Тогаш се чувствува топло гостопримство и срдечност кај сите оние што доаѓаат и се среќаваат со своите роднини, пријатели, познати... На Илинден во Љубојно се игра и се пее, љубанци и нивните гости имаат атмосфера кога се јаде и се пие, се чувствува топло гостопримство и срдечност кај сите оние што се присатни на Илинден. Иселеничките средби се исполнети со интересни содржини, а по традиција, на 2 август се одржува општ собор на многуилјадниот народ. Ечат песни и ора, се радуваат луѓето на многуте визити, видувања, спомени и завет - дека каде и да се, ама на Илинден, во Долна Преспа да се. Затоа со право се вели дека Илинден е за почит и ќе остане запишан со златни букви во аналите на Љубојно, на Преспа и Македонија и на Македонците во дијаспората. Според монографијата „Илинден во Љубојно и Преспа“, од познатите личности од Македонија, како гости на „Љубанските илинденски иселенички средби“ или биле присутни на средбите, го посетиле или престојувале во Љубојно и дале свој придонес, меѓу другите голем број општественици на политичкото живеење во Македонија и претставници на Македонската православна црква – Охридска архиепископија. Посебно место им припаѓа на македонски естрадни уметници, познати музички состави, фолклорни групи и друштва од Македонија и од дијаспората. Тие оставија траен белег и ги направија средбите да бидат вечни. Меѓу нив посебно место имаат оние кои настапувале на средбите уште пред повеќе од дваесет години и оние кои настапуваат повеќе пати во овој период, меѓу кои: Јонче Христовски, Гоце Николовски, Гоце Арнаудов, Наум Петрески, Војо Стојаноски, Блага Петревска, Благица Павловска, Сузана Спасовска, Благица Калева, Владо Јаневски, Левко Блажевски, Елена Велевска, Ирена Спасовска, Ефто Пупиновски, Анета Мукаетова, Татјана Лазаревска, Анета Мицевска, Ламбе Алабаковски, и многу други.
Изведувачите на детската театарска претстава „Ем љубов – ем панаѓур“ Исто така, на „Љубанските илинденски иселенички средби“ со свој репертоар на македонски народни песни настапиле и групите „Синтезис“, „Љубојна“, „Молика“, „Биоритам“, „Маестрал“ и бројни културно- уметнички друштва од Македонија, Балканот и светот. Тие направија оваа традиција во Љубојно да живее педесетина години, а со тоа Илинден да биде и слава и верски празник. Илинден како ден на востанието на македонскиот народ да стане и ден на Љубојно и околните села, Брајчоно. Долно Дупени, Наколец, Штрбово, Крани и Арвати, како и Селата во Долна Преспа во егејскиот дел на Преспа и Мала Преспа во Албанија. Иселенички средби се одржуваат во Љубојно, во Долно Дупени, Брајчино и Штрбово, во Подмочани, Болно и Пустец, во Мала Преспа. И овие средби, главно, имаат иселенички карактер. Средбите ги организираат и финансираат иселениците од дијаспората и месното население. А целта е да се вратат иселениците во своите родни огништа, да има повторни видувања со роднините и пријателите, да има пријатни мигови во родните огништа и сето тоа да остане незаборавно, со желба таквите средби да бидат мотив повеќе за другарување и организирано живеење на Македонците од Преспа, од етничка Македонија и од иселеништвото. Продолжува Пишува СЛАВЕ КАТИН |