|
|
ОТВОРЕНА БИБЛИОТЕКА ВО МПЦ „СВ. ПРОРОК ИЛИЈА“ ВО МИСИСАГА |
Во неделата на 24 октомври 2021 година, во просториите на Македонската православна црква „Свети Пророк Илија“ во градот Мисисага, во Канада беше отворена Библиотека. Организатор на оваа значајна културна манифестација беше Литературното друштво „Браќа Миладиновци“ кое работи во состав на Катедралната македонска православна црква „Свети Климент Охридски“ во Торонто. Мисисага е шестиот град по големина во Канада. Тоа е град кој се наоѓа во јужниот дел на Онтарио, на брегот на езерото Онтарио, западно од Торонто. Името градот го добил од индијански збор што значи „место на река“. Градот по бројот на жителите е голем како Скопје, главниот град на Македонија, меѓутоа, често пати го третираат овој град како предградие на Торонто. Меѓу осумстотините илјади жители на Мисисага, има повеќе од десет илјади Македонци од трите делови на Македонија и од Мала Преспа. Но, за жал, според пописот во 2011 година се пријавиле само 1.255 Македонци. Притоа треба да се нагласи дека покрај старите генерации, во последните дваесетина години во Мисисага се доселија и се доселува голем број млади образовани генерации од Македонија, кои, меѓу другото, отворија неколку македонски училиште во состав на канадскиот образовен систем и други институции и приватни бизниси на територијата на Мисисага кои играат значајна улога во севкупното живеење на овој дел на Канада. Македонската православна црква „Свети Пророк Илија“ во градот Мисисага, која им служи на Македонците од западниот дел на Торонто има богата историја. Почнувајќи од 1982 година, кога беше купено земјиште од 14-тина хектари кое беше именувано како “Македонски парк” беше и е место за собирање и рекреација на голем број македонски иселеници од Канада и Соединетите Американски Држави. Ацо Крстевски, прота Илија Донев, Славе Бунтевски и Славе Катин Во историскиот развој на ова македонска црква е забележано дека на најголемиот христијански празник – Велигден, на 28 април 2000 година, кога после вечерната богослужба на Велики петок, од неодговорни лица, старата црква беше запалена и сосема уништена. Инаку, стара зграда на црквата во последните 10 години беше уметничка галерија, а претходно прва Римокатоличка црква „Свети Јосиф“, која била изградена во 1853 година, а осветена во 1856 година. Во стихијата изгореја поголем број икони во олтарот и во црквата, со што беше направена голема материјална штета. Неопходно беше Црковниот управен одбор да се зафати со изградба на нова црква чии темели беа осветени на 9 септември 2002 година од господин господин Стефан, а во сослужение на митрополитот полошко-кумановски господин Кирил како и бројното свештенство од Торонто и околината. Новоизградената црква беше осветена на 12 мај 2006 година од Неговото блаженство архиепископ охридски и македонски господин господин Стефан, а во сослужение на епископот Методиј. Чинот на отворањето на Библиотеката во Македонската православна црква „Свети Пророк Илија“ се изврши во неделата на 24 октомври. Тогаш, во преполниот храм со верници се одржа неделна Богослужба посветена на македонската светителка Света Злата Мегленска. Потоа во една пригодна просторија на Црквата се одржа чинот на отворањето на културното катче Библиотека. Акцијата за собирање, поклонување и формирање на ова културна манифестација беа членовите на Литературното друштво „Браќа Миладиновци“ од Торонто. На средбата земаа учество потпретседателката на Друштвото Драгица Димовска и членовите: Вера Вржовска-Петревска, Благица Дафовска, Невена Аџиевска, Весна Карапетрова, фоторепортерот Зоран Карапанчев и авторот на овој текст, Славе Катин, како почесен член на Друштвото „Браќа Миладиновци“, а кој подари повеќе негови монографски дела за познати и признати личности во македонското иселеништво. Дел од присутните на отворањето на Библиотеката Библиотеката ја отворија претседателот на Македонската православна црква „Свети Пророк Илија“ господинот Ацо Крстевски и протаставрофот Илија Донев. Тие од името на Управата и од сите членови на Црквата се заблагодарија за организирањето и отворањето Невена Аџиевска, на Библиотеката во духовно-црковниот и националниот дом во Мисисага. Исто така, членовите на Литературното друштво „Браќа Миладиновци“ од Торонто, пред неколку недели отворија Библиотека и во црквата „Света Недела“ во Пикеринг, град на источната страна на Торонто. Се очекува и таа Библиотека да биде културно катче за Македонците од сите делови на Македонија што живеат на тие канадски простори. Инаку, активностите за црквата „Света Недела“ во Пикеринг, чиј претседател е Славе Бунтевски им служи на Македонците во градовите Ајџекс, Вуидби и Ошава, започнаа во март 1993 година. Потоа, на 23 април истата година беше свикано првото генерално собрание на приврзениците и почитувачите на новата црковна општина. Од повеќето имиња што ги одобрил народот, со ждрепка архимандритот Никодим Царкњас го извлече ливчето со името на света Недела. Македонската православна општина „Света Недела“ во Пикеринг во која е насликан олтарот и другите делови беше осветена од поглаварот на МПЦ архиепископот Стефан, во сослужение на голем број македонски свештеници од Канада и Соединетите Американски Држави на 8 септември 2002 година. Овој убав македонски храм за кој со право се вели дека е центар за генерациите е и место на различни активности. Во него, особено во летниот период се одржуваат заеднички пикници и други манифестации во просторот пред храмот, во кој се вршат сите обреди за Македонците од тој дел на Онтарио Отворањето на Библиотеки во македонските православни цркви е значаен културен настан за Македонците, особено за младите генерации кои се трудат и треба да го негуваат и зачуваат македонскиот јазик, литературата, културата, историјата, религијата и сите други македонски вредности донесени од родната Македонија во демократска Канада. Затоа, Македонците во иселеништвото очекуваат отворањето на библиотеки и други асоцијации од културата во македонските цркви и манастири во иселеништвото да биде прифатено и акцијата помогната од различни институции во Република Македонија. Пишува: СЛАВЕ КАТИН |