|
|
СЛАВИЦА РИСТЕСКА ДОБИТНИК НА НАГРАДА ЗА ДОБРОВОЛНА РАБОТА |
СЛАВИЦА РИСТЕСКА ДОБИТНИК НА НАГРАДА ЗА ДОБРОВОЛНА РАБОТА На 21 јануари, по повод националниот ден на Австралија, членот во долниот дом и заменик-говорник во парламентот на државата Нов Јужен Велс, а од неодамна и Министер за Мултикултурни прашања, Mark Coure MP, на Славица Ристеска и додели награда за нејзината повеќегодишна добротворна работа во македонската заедница. Инаку Славица Ристеска е познат општественик во Сиднеј. Во Македонија заврши Филозофски факултет на одделот по Историја на Универзитетот „Кирил и Методиј“ во 1988 година, а во Австралија го продолжи своето пос-дипломско студирање, се здоби со Диплома по историја на Сиднејскиот универзитет во 2003 година и магистрира на Универзитетот Дикан во 2015 година во одделот за промоција на здравството и младите. Од нејзиното доселување во Австралија во 1988 година па до денес Славица е активно вклучена во општествена дејност во македонската заедница: наставник и професор по македонски јазик во гимназијата во Когра за последните 30 години; општествен работник за млади каде успешно водеше програми за мотивирање на младите Македонци; здравствен работник вработена во Државната здравствена служба во Бенкстеон за последните 16 години каде одигрува водечка улога на воспоставување на програми за млади и родители. Исто така повеќе години (1999-2008) Славица работеше и како новинар и водител на Радио програмата „Пеј Македонијо“; активно е вклучена во Македонскиот просветно-школски одбор од 1988 година каде повеќе години зазема функција на заменик претседател и е член во Литературното друштво „Григор Прличев“ каде често се јавува како промотор на книги и како член во Жири комисија на наградниот конкурс за Прличева награда. Инаку Славица е плоден поет и публицист, често во македонските весници објавува просветни записи од областа на здравството, младите, јазикот, историјата и општествените активности во заедницата. Со поезија е застапена во повеќе антологии и е автор на збирката поезија „Судбина во круг“ (2020) издадена од Литературното друштво „Григор Прличев“. Душан Ристевски-Македон
|