|
|
ПРОМОЦИЈА НА ДЕЛОТО ЗА ТОДЕ КАБРОВСКИ ВО СИДНЕЈ |
Македонскиот просветно-училишен одбор за Нов Јужен Велс организира свечена академија посветена на светите браќа Кирил и Методиј, на која беше промовирана и монографијата за истакнатиот активист, автор и просветител Тоде Кабровски Во Сиднеј, Австралија Македонскиот просветно-училишен одбор за Нов Јужен Велс, организира свечена академија во чест на светите браќа Кирил и Методиј, што се одржа во познатиот духовен храм – во Македонската православна црква МПЦ „Свети Кирил и Методиј“. Собирот беше вистински празник на образованието и просветата, беше празник на македонскиот јазик, на кој присуствуваа учениците од македонските училишта, професори, роднини и активисти од различни генерации. Беа присутни и заинтересирани нашинци за тоа, нивните деца да го учат македонскиот јазик и никогаш да не заборават од каде им е потеклото, од каде им се корените од јужните поли на Европскиот континент. На масовно посетената свеченост беше промовирана и монографијата за долгогодишниот претседател на Македонскиот просветно-училишен одбор, Тоде Кабровски, кој е професор, автор на книги и учебници, познат активист и докажан хуманист. Монографијата ја промовираше претседателот на Одборот, професорката Жаклина Михајлова, која со многу пофални зборови и признателност за Кабровски, се обрати пред многубројните присутни, истакнувајќи дека „станува збор за исклучително заслужен деец за афирмацијата на македонската заедница на петтиот континент, кој во книгата е извонредно добро портретиран, така, и како што навистина заслужува“, потенцираше Михајлова. А во изминатиот повеќе од половина век откако Кабровски преселнички е заминат од родниот крај и е задомен во Сиднеј, тој со многуте иницијативи, дела и резултати, има несомнен придонес што, Македонците се силно респектиран етникум во мултиетничкиот мозаик на Нов Јужен Велс и пошироко во Австралија. Тој беше дел речиси од сите образовно-културни манифестации и настани, во кои, заедно со разновидните акции, работа и посветеност, даде огромен влог и за тоа, многу од младите генерации да ја запознаат, да ја сакаат и да ја чувствуваат Македонија како татковина на незаборавот. Македонскиот просветно-училишен одбор во оваа австралиска држава е формиран во 1978 година, кога за претседател бил избран Тоде Кабровски, кој во децениите потоа, се изборил со истомислениците и борци, да се отворат етничките училишта по македонски јазик, во Сиднеј, во Нов Јужен Велс. Наставата по македонски јазик ја посетувале меѓу 40-45.000 Македончиња во училишниот систем во државното образование, што е речиси единствен ваков убав пример во светот. Исто така, голем е придонесот на Кабровски и на тимот од професори со него и за отворањето на средни саботни училишта, кога над 2.000 момчиња и девојки го полагале македонскиот јазик како матурски испит. Скромниот и трудољубив нашинец е добитник на повеќе награди и признанија и во двете татковини за неговата долгогодишна, неуморна и посветена работа, и како претседател на Одборот 25 години, а сега и како почесен претседател, но, и за сѐ друго што сработил и придонел. Меѓутоа посебно место и сентимент за Тоде Кабровски имаат и роднокрајните посети, средби, разговори, седенки и визити во неговото Горно Ореово под Пелистер, во Битола – на Широк сокак, во чаршијата и Хераклеја, во балканскиот Ерусалим - Охрид, во метрополата Скопје, во раскошната Преспа и на секаде ширум нашата библиска, македонска земја. Фиданка ТАНАСКОВА |