|
|
Попис во Австралија: Македонскиот јазик најзборуван источноевропски јазик во државата |
На или околу 10 август 2021 година, над 25 милиони луѓе во Австралија го завршија Пописот на населението и домување предводено од страна на Австралиското биро за статистика. Меѓу другото, податоците од Пописот ги демонстрираат мноштвото култури и јазици кои ја сочинуваат Австралија преку обезбедување разновидни податоци како што се: земјата на раѓање, потеклото, јазиците што се користат дома и религиозната припадност. Овие податоци се позначајни од кога и да било, бидејќи COVID-19 пандемијата покажува колку е важно луѓето од различно културно и јазично потекло да имаат соодветни ресурси и пристап до информации за зачувување на својата придпадност. Првичните резултати од тој Попис кои се однесуваат на клучните податоци за населението беа објавени на 28 јуни 2022 година. Подолу е слика од тие податоци што се однесуваат на македонската заедница во Австралија: 1. Земја на раѓање За прв пат, податоците покажаа дека повеќе од половина од сите жители на Австралија (51,5%) се родени во странство или имаат родител родени во странство. Податоците од Пописот покажуваат дека вкупно 41.786 лица се пријавени како родени во Македонија. Околу 93% од тие луѓе се австралиски државјани, а околу 76% се на возраст од 50 и повеќе години. Овие бројки се маргинално зголемени од последниот австралиски попис во 2016 година, каде што вкупно 38.985 лица пријавиле дека се родени во Македонија. 2. Потекло Од последниот Попис во 2016 година (98.441) има зголемување од над 13% на лицата кои се идентификуваат дека имаат македонско потекло. Околу 111.352 луѓе се идентификуваат со македонско потекло, при што 49.429 (44,4%) од тие луѓе живеат во Викторија и 43.775 (39,3%) живеат во Нов Јужен Велс. 3. Јазик што се зборува дома Податоците покажуваат дека Австралија продолжува да биде културно и јазично разновидна земја која има собрано информации за над 250 видови на потекла и 350 јазици што се зборуваат во Австралија. Вкупно 66.173 лица го зборуваат македонскиот јазик дома. Оваа бројка покажува благ пораст на податоците од Пописот во 2016 година, каде што беше објавено дека 66.019 луѓе зборувале македонски дома. Македонскиот е најзборуваниот источноевропски јазик во австралиските домови. Тоа е јазикот што македонските Австралијци слободно го избираат да го зборуваат, негуваат и чуваат во своите домови. Во клучен момент во процесот на пристапување на Македонија во ЕУ, кога Бугарија користи секаква политика за да го понижи македонскиот јазик, податоците од австралискиот попис зборуваат многу за неговото значење за многумина во македонската австралиска дијаспора. 4. Верска припадност Пописот открива зголемена разновидност во религиозните и нерелигиозните верувања идентификувани од Австралијците. Топ 5 религиозни припадности забележани во пописот беа „Без религија“ со 38,9%, „католичка“ со 20%, „англиканска“ со 9,8%, „ислам“ со 3,2% и „хиндуизам“ со 2,7%. Податоците од Пописот во моментов не покажуваат колкав е бројот на луѓе кои се идентификуваат како „македонски православни“. Сепак, известува дека 535.470 луѓе се идентификуваат како „источни православни“ од кои 168.031 се родени во Јужна и Источна Европа (вклучувајќи ја и деноминацијата „македонска православна“). Оваа бројка е само мало зголемување во однос на податоците од Пописот во 2016 година, во кој 502.801 Австралијци се идентификувани како „источни православни“. |