|
|
ДЕЛ ОД СУДБИНАТА НА ЕРУСАЛИМ (14) |
ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА „ИЗРАЕЛ И МАКЕДОНИЈА“ НА СЛАВЕ КАТИН Во времето на Хошуа, Евреите се бореле против кралот на Ерусалим, но тој, сепак, останал во власта на Хебусит. Така било, речиси, до 1.000 година пред новата ера кога кралот Давид го освоил Ерусалим и тој станал главен град на Израелското Кралство. Од тоа време се нарекува и Давидов град. Кралот Давид поставил гувернер на Ерусалим и го опколил со нови ѕидишта. Западниот ѕид, наречен од британската мандаторска управа „Ѕид на плачот“, поради секојдневните, честопати со солзи накапени молитви на Евреите свртени со лицата кон ѕидот, се смета за последен остаток за најголемото светилиште во јудеизмот. Тоа е Храмот кој на едно возвишение во Ерусалим го изградил Соломон, синот на кралот Давид, пред 3.000 години. Околу 950 година пред новата ера со Ерусалим владеел Соломон. Подоцна, односно „480 години откако децата на Израел го напуштиле Египет“, веќе е изграден и првиот храм во градот. Потоа, Соломон го разубавува со изградба на палати и други згради и уште повеќе ги зајакнал ѕидиштата на градската крепост, со што Ерусалим прераснува во религиозен и политички центар на Израелците. Меѓутоа, во 922 година пред новата ера, синот на Соломон го поделил кралството на два дела: Израелско Кралство на север и Јудејско Кралство на југ. Ерусалим продолжува да се развива во Јудејското Кралство. Во 702 година пред новата ера, кралот Хезекија, подготвувајќи се за борба со Персијците, го утврдил градот со нови високи ѕидови и спровел вода преку тунели. Тоа придонело успешно да се одбиваат нападите на Асирците и на Вавилонците. Но, во 538 година пред новата ера, сепак, Ерусалим потпаѓа под власта на Вавилонците, кои со него владееле околу 50 години. Во нивно време почнува обновата на престолнината и се гради уште еден храм чии остатоци и денес ги има во дел од темелите на новата базилика. Подоцна Езра или Ездра, еврејски писател кој се вратил во Израел од вавилонското ропство на Персиското Кралство, составил и градски правила за развој на Ерусалим. Меѓу другото тој ги забранил мешаните бракови. Ерусалим бил освојуван од бројни воини, меѓу нив и од Александар Македонски. Меѓутоа, особено интересно е тоа што градот доживува значаен процут за времето на Александар Македонски, кој овде дошол во 332 година, пред новата ера, протерувајќи ги оттука Персијците. Во неговото време, како и во времето на неговиот наследник Птоломеј, Ерусалим јакнел како религиозен центар и станал израз на духовната хегемонија на Израелците. Според монографското дело „Израел и Македонија“ на Славе Катин, а во издание на Книгоиздателството „Македонска искра“, од Скопје и Фондација „Ѓорѓија –Џорџ Атанасоски“ од Прилеп, 2017, 1-376, (на англиски, македонски и хебрејски), авторовото патувањето во Израел беше дел од неговите посети на педесетина различни земји ширум светот Во, ова дело, меѓу другото се вели дека доаѓањето на Римјаните во 63-тата година пр.н.е., кои овде останале сè до 324 година од н.е., се подигнале бројни замоци, паркови и јавни згради. Храмот, делумно бил обновен по победата на персискиот крал Кир над Вавилонците. Меѓутоа, конечно го обновил еврејскиот крал Ирод, за што Јосиф Флавиј ќе рече дека Храмот бил највеличенствената градба на тогашниот свет. Светиот Храм конечно исчезнал во огнот на римските легии на Тит Флавиј, во 70-тата година од н.е. Се наведува дека на советувањето пред решавачката битка за Ерусалим, Тит Флавиј и неговите најблиски соработници, решиле да го поштедат Храмот, како сведоштво за возвишеноста на човековиот градителски гениј. Меѓутоа, воениот жар има свој резон: местото посветено на Бога го проголтале огнените јазици на омразата. Останал само еден потпорен ѕид – денешниот Ѕид на плачот. Легендата вели дека ноќта кога Ерусалим бил осветлен од огновите кои отворале нова страница во историјата на Евреите, свештениците ги фрлиле клучевите од Храмот кон небото, со зборовите: „Боже, чувај ги сега ти овие клучеви“. Ветерот на историјата го развеал пепелиштето на Храмот низ Јудеја, а Евреите низ целиот свет. За време на долгите векови прокоба низ туѓиот свет, сеќавањето на Ерусалим и Храмот бил поттик за Евреите да ги издржат сите неволји, но и верба дека еден ден повторно ќе се вратат на својата земја. При градбата на секоја синагога, секаде каде што живееле Евреите, се оставал еден необоен камен во ѕидот – сеќавање на Ерусалим. Секоја синагога е завртена во правец на Светиот град. Со мислата за Ерусалим почнувал и завршувал денот на секое еврејско семејство. Правило кое и ние Македонците од секаде во светот треба да го применуваме со вртење кон македонскиот Ерусалим, вечниот Охрид. Во историјата тешко може да се најде друг пример за толкава поврзаност на една заедница со прадедовската земја и со своето духовно извориште. Долгите векови на перманентен егзодус, понижувања, страдања и истребувања во силните налети на антисемитизмот, само уште повеќе ја зацврстиле таа врска меѓу секој Евреин и Ерусалим, давајќи и аура на најсвета интимна тајна. Мислата за Ерусалим го крепела духот на прогонетите од Шпанија и мачениците од Аушвиц. Со Ерусалим се живеело; со Ерусалим и смртта била полесна. Ѕидот на поделбата го дели Ерусалим на Источен и Западен дел. Овој ѕид покрај тоа што е физичка поделба помеѓу двата дела на Ерусалим, прави огромни поделби и во обичниот живот на мештаните. При нашата посета ја слушнавме сторијата за младото момче кое било од палестинскиот дел на Ерусалим и кое било во љубов со Арапка која живее на израелскиот дел од Ерусалим. Природно, нивната љубов требало да се круниса со брак, но поради тоа што живееле од двете страни на ѕидот, можеле да се гледаат само три дена во неделата. Доколку момчето сакало да добие израелско државјанство, морале да наполни прво 35 години, (а имал 23). Доколку добие израелско државјанство, веќе никогаш немало да може да влезе на палестинска територија и да ги види своите роднини. И покрај сите тие пречки, сепак, тие решиле да бидат заедно. Продолжува Пишува: СЛАВЕ КАТИН |