|
|
МУЗЕЈОТ „ЈАД ВА’ШЕМ“ – ЗНАЧАЈНА ЕВРЕИСКА ИНСТИТУЦИЈА (16) |
ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА „ИЗРАЕЛ И МАКЕДОНИЈА“ НА СЛАВЕ КАТИН Денес бројот на фондациите кај Евреите од дијаспората кои го помагаат опстојувањето на Израел е многу голем и е од непроценливо значење за развојот на економско, политичко, културно, образовно, техничко, технолошко и друго поле. Како резултат на еврејските фондации и дарувања, посебно место за одбележување има Музејот „Јад ва’Шем“ што значи „Споменик и име“, во кој се вградени материјални, морални и други средства на многу познати и признати личности во светот од еврејско потекло. Музејот „Јад ва’Шем“ се наоѓа во непосредна близина на влезот во Ерусалим, на патот од Тел Авив, каде на еден стрмен рид се сместени гробиштата. Тука до овие неми сведоци на историјата е изграден Музејот кој постојано се проширува и надградува. Тој е местото каде посетителот се среќава со тажните страници од историјата на еврејскиот народ. Тоа е просторот што е посетен од илјадници ученици, млади и стари, војници и дојденци. Тој е местото каде идните генерации се калат, учат и се воспитуваат во духот на еврејството, со цел да не го заборават ужасот од холокаустот. Идејата за формирање на Музејот „Јад ва’Шем“ датира од времето на Втората светска војна, кога се ширеле извештаите за масовното уништување на Евреите со германска окупација. Така, во септември 1942 година, бил формиран Одбор на еврејскиот национален фонд, чиј основоположник бил Мордецар Шенхави член на кибуцот Мишмар Емек. Во меѓувреме биле направени многубројни консултации, договори, упатства и други преговори со бројни еврејски организации и поединци во Израел и во дијаспората. Така, во февруари 1946 година е отворена канцеларија на „Јад Ва’шем“ во Ерусалим и нејзино одделение во Тел Авив, со цел да се прошират нивните дејности и активности. Со конституирањето на еврејската држава, Израел, во мај 1948 година, а особено по завршувањето на воените активности, било предложено „Јад ва’Шем“ да постане институција на државата, чија цел била да ги регистрира жртвите од холокаустот. Подоцна во 1953 година, Собранието на Израел (Кнесетот) изгласал Закон за Музејот „Јад ва’Шем“ кој во август истата година е публикуван и стапил во сила за негово отпочнување со работа. Инаку, главната мисија на Музејот „Јад ва’Шем“ била да изврши комеморација и документација на настаните, како и целосна селекција, истражување и публикување на доказите за холокаустот, потоа да направи избор и регистрација на имињата од жртвите, како и понатаму да истражува и да ги едуцира генерациите што доаѓаат. Оваа современа институција на Израел е една од најопремените во светот која може да послужи за пример. Музејот „Јад ва’Шем“ е поделен на десетина одделенија, од кои посебно заслужуваат да се споменат: Пеколот на имињата, Меѓународното училиште за проучување на холокаустот, Библиотеката, Музејските специјални одделенија и други. Музејот „Јад ва’Шем“ во целина е неодминливо место за секој Евреин од Израел или од дијаспората, како и за посетителите како што бевме ние од Македонија кои доаѓаат во Ветената земја, која е судбината и иднината на Евреите. Ерусалим, обично христијаните го нарекуваат град на смртта и победата, а Израел земјата на големите настани каде што се извршила пресвртницата на историјата на сите народи и за сите времиња. Тоа го потврдуваат многубројните свети места кои се врзани за минатото, особено за христијанството. Во близината на некогашната Овча порта во Ерусалим се наоѓа Витезда (Bethesda), што значи „дом на милосрдието“ Тоа е бања, односно купатило, чии води преку подземни канали оттаму се одведувале до храмот. Се верува дека водата е лековита, затоа постојано ја посетувале многу болни, сакати и слепи луѓе. Таму, во близината на Лавовската порта е црквата „Света Ана“, што е во непосредна близина на родното место на света Богородица. Исто така, тука е црквата „Гробот на света Богородица“. Во близината на Ерусалим се ноаѓа селото Еин Карем, во Библијата познато како Еин Хакарем, што значи „извор во лозјето“. Тоа е сместено на еден прекрасен рид кој од 1961 година е дел на Ерусалим. Во него се наоѓа црквата „Свети Јован Крстител“. Ова библиско место е познато по настаните во Евангелието и е поврзано со посетата на Марија, мајката на Исус Христос, на својата роднина Елисавета, мајката на Јован Крстител. Тука се наоѓа и криптата „Пештерата на благословот“, во која се смета дека е роден Јован Крстител, претходникот на Исус Христос. Исто така, и Ветаниа (Bethandz), што значи „куќа на сиромашните“ или „дом на бедата“, е село на исток од Маслиновата Гора на патот кон Ерихон. Таму живеел Христовиот пријател Лазар со неговите сестри Марија и Марта, кои тој често ги посетувал. Во Ветаниа Исус Христос го воскреснал Лазар неколку дена по неговата смрт. Ова место е познато и по тоа што по свеченото влегување во Ерусалим, Исус таму се повлекол и ја поминал ноќта. Денес таму се наоѓа црквата „Свети Лазар“. Северниот дел на Израел, пак, е контраст на сѐ она што го содржат пустинските предели на југот. Кога сѐ повеќе се навлегува во Галилејската област, се добива впечаток дека природата овде го истурила сето свое богатство. Затоа, оној што првпат стапнува на овие простори тешко може да се убеди дека Израел е мала пустинска земја. Нема ниту педа голо земјиште, сѐ е со зеленило, со пространи паркови, со цвеќиња, палми, урми, еукалиптуси, авокадо, овоштарници и лозја. Во тие северни предели, како бистро човечко око пред хоризонтот трепери Галилејското Езеро. Тоа е најголемиот отворен базен од каде што се црпи вода за наводнување на производствените површини, не само на овие туку и на пустинските површини. Меѓутоа, тоа е еден од главните резервоари и за водоснабдување на населението. Продолжува Пишува: СЛАВЕ КАТИН |