|
|
ПРВАТА РОЖБА НА НАДА И ИВАН ТРПОСКИ ВО АВСТРАЛИЈА (20) |
Ова продолжение е исполнето со бројни семејни активности на Иван и Нада Трпоски во Австралија. Притоа ќе пренесеме интересни случувања на полето на семејството и првата нивна рожба. За ова продолжение Иван ќе го напише следното: На 17. 3. 1976 година, во попладневните часови, со сопругата Нада и со Мирче и Донка Симоновски отпатувавме во болницата Кинг Џорч во Њутеон поради породилни болки. Утрото на 18. 3. 1976 година, точно во 8.35 часот, Нада со царски зафат ја роди нашата прва и единствена ќерка Билјана. Овој датум е најрадосниот датум во нашиот заеднички живот. Ова мала искра ни го осветли нашиот деветгодишен заеднички живот, кој го минавме во моно-тона темнина. Нашата среќа е неизмерна. Со нетрпение чекавме за да го видиме ова мало наше створение, оваа наша лоза и наша иднина. Така, по веста за породувањето, со младата брачна двојка Донка и Мирче Симоновски, најпрво купивме букет свежо цвеќе и некои производи за родилката, потоа појдовме за да ги посетиме Нада и малото наше бебе. Нада сè уште спиеше. Да не ѝ го нару-шуваме сонот, ние појдовме да ја видиме малечката убавица. Сестрите ни го покажаа бебето, кое имаше црна коса, собрани очиња и прчесто носе. Телото ѝ беше прошарано со сè уште свежа крв и безгрижно мирно си спиеше. Наеднаш ми се стемни во главата, ме фати некаков јад, мислите ми заталкаа некаде далеку, далеку преку мориња и меридијани. Па, обвинувајќи ја судбината, се запрашав: зошто сме осудени да живееме вечен номадски живот. Зарем ова прва наша рожба, што будно ја исчекувавме полни девет години не заслужува неа да ја видат и нашите најмили во татковината. Но мислите ми ги прекратија Донка и Мирче Симоновски кои стискајќи ми ја раката, ми ја честитаа радоста со зборовите: Нека ти е жива ќерката, таа на тебе наликува! Ја оставивме Нада да спие. Јас се поврткав низ пазариштето во Њутеон и во 12.20 часот на пладне повторно се вратив во болницата. Нада кога ме виде почна да плаче. Ми вели што се случи со бебето. Мене не ми го покажаа? Добро е, здраво е, живо е! Имаме ќерка. Ѝ го подадов букетот. Се прегрнавме. Бебето се роди на 18. 3. 1976 година, само еден ден по изградбата на сиднејскиот мост Хаба, кој свечено е пуштен во употреба на 19. 3. 1932 година, чија изградба траела 8 години, а на кој работеле 1.600 работници од кои 16 погинале и во чија конструк-ција е потрошено 52.000 тони челик. Таа се роди со 50 см. должина и со 3 кгр и 5 грама тежина. Веднаш за радосната вест им кажав на Трајанка и Трајче Спироски, на Марија и Ламбе Петрески, на фамилиите од Крсте, Спиро и Митре Роштанковски, на Дана и Сергија Секулоски и на други пријатели. Секако телеграфски веста им ја јавив и на нашите најблиски во Македонија. Нада во болницата седа десет дена за кое време мене ми дојдоа на пиење неколку десетици луѓе од Сиднеј и Волонгонг, а братучедот Насте Терзиоски со својата колешка дојде дури од Мелбурн. На 26.3.1976 година со Лазор Стојоски, неговата сопруга Стојна и син им Денис, поминавме низ продавниците во Мериквил каде купиме креветче, облека и се што е потребно за женско бебе. Другиот ден, кон квечерина, ни ја пуштија Нада од болница. Медицинска сестра ни го донесе бебето надвор, на која јас ѝ дадов 10 долари. После со автомобилот на Лазор се одвозивме до дома. Но пред да излезе Нада од болница дојде Сергија Секулоски со фамилијата кој со видео камера сними неколку кадрови од овој многу важен наш фамилијарен настан. Кога сјојдовме дома таму нè пречекаа Донка и Лилјана Војданоски кои имаа наредено на масите мезе и пијалаци, а со балони и кук-лички го имаа декорирано креветчето на бебето. Вечерта и другите вечери повторно почнаа да навраќаат и други пријатели. Нас со Нада првата вечер со трето лице во нашиот дом ни беше мошне необична. Бебето кога ќе заплачеше, Нада го нудеше со млеко од своите гради, но понекогаш тоа бараше нешто друго, тоа не знае да ни каже, а ние не знаевме што да му правиме. Но, полека потребите нè научија, па така си почнавме нов живот, среќни, весели, насмеани. Нада повеќе нема да ја проколнува судбината и себе што девет години ги мина во молитви и плачења. Еве, среќата ни се насмевна и нас, па ајде да зачекориме напред, зашто сега сме веќе тројца, а можеме да бидеме и повеќе. Господ нека ни е на помош нас и на сите добронамерни луѓе – амин! Во писмото од брат ми Диме кој го има пишувано на 18.3.1976 година, (на роденденот од Билјана), пишува дека татко ми Науме во Струга се оперисал од диво месо во стомакот, односно тумор, па бил многу загрижен за своето здравје. Во првото писмо што ни го испрати вујко ми Благоја Спироски се вели: Внучко Иване, сите бевме весели кога ја слушнавме радосната вест за вашето првороденче. Јас ја разбрав веста од татко ти Науме кога го посетив во струшката болница. Ми кажуваше и плачеше. Ваква новост од вас тој чекал девет години. Ваквата прекуокеанска вест многу го импресионирала та почесто од радост плачел. Весел е и дедо ви Целе Спироски. Весели се сите роднини и пријатели. Еве во знак на пријатно расположение на бебето му испраќам банкнота од 5.000 динари, завршува вујко ми Благоја. Во второто писмо од брат ми Диме се вели: Три дена и три ноќи во куќата од татко ми Науме се јаде и пие. Тоа ни го јавува и сестра ми Ристана, која вели дека цело село дојде да ни честита, таа наброја само две-три фамилии кои не пошле за да им честитаат. Во писмото од татко ми Науме се вели: Не жалев за да ги на-пијам пријателите, оваа вест за мене е богатство. Чувајте ја малата! А во писмото од маштеата Менка се вели: Му благодарам на Господ што ви подари ќерка за да бидете смешани во луѓе. И пожелувам весело детство и долг и среќен живот. Во писмото од брат ми Трпе разбравме дека веста за раѓањето на нашата ќерка, а негова внука, многу го развеселила, па таму, во пеколните предели на Западна Австралија, на своите соработници по број вели дека биле 12 ги почестил со голема пијачка, а на Билјана и имаше пуштено 10 долари, и за нас со Нада по 2 долари за да се напиеме. Честитки добивме и од баџанакот Ѓорше Лошкоски. Писмо добивме и од братучед ми Кристафил, кој вели: веселата новост за раѓањето на вашата ќерка Билјана ни отвори мотив за да продолжиме со допишување... На 2. 4. 1976 година, по долгото чекање за да ѝ одбере име на малата, кумот Танас Калајџиески од Струга, ние не дочекавме. Така. во детската амбуланта во Белмор Нада им ја пренесла нашата желба бебето да се вика Билјана. Ете. од тој момент на ќерка ни ѝ остана вечно и вековито тоа име охридско и македонско. На нашите најблиски роднини им испративме писма со по една фотографија од Билјана и парично по 5 или 10 долари за напивање. На 25. 4. 1976 година, Велигден, со сопругата Нада и ќерка ни Билјана, Стеван и Мара Војданоски нè одвозија во црквата „Св. Кирил и Методиј“ во Розбери, каде што попот Владимир Попоски ѝ отпеа молитва на Билјана. На враќање појдовме кај Стеван каде поручавме и ги вративме Нада и Билјана дома, а јас зедов шише виски и со Стеван и неговата фамилија се вративме повторно в црква. Запаливме свеќи за здравје и излеговме надвор каде што со напивање и кршкање на црвени јајца си го честитавме најголемиот христијански празник воскреснувањето на Исус Христос и за молитвата на ќерка ми Билјана. Така надвор се изнајдовме со многу Охриѓани, Стружани и други познати Македонци. Спрема бројот на посетители во овој храм, за овој ден, се поминати десетина илјади Македонски верници. На вториот ден од Велигден дојде дома за да ја прегледа Билјана д-р Аткинсон придружуван од една убава, млада девојка. Рече дека бебето убаво напредува. Нада им даде по неколку црвени јајца. На 6. 5. 1976 година, на ден Ѓурѓовден, дојде брат ми Трпе од Западна Австралија за да ја види Билјана. Се изненадивме, зашто тој на ненајавено ни дојде. Документите што ги испратив во Емигрешиун, од брат ми Диме и шура ми Јонче Иваноски, ни ги вратија со негативни одговори; Австралија повеќе не прима неквалификувани работници! На 27. 6. 1976 година се одржа крштевката на ќерка ни Билјана. Крштевката се одржа во црквата „Св. Кирил и Методија“ во Розбери, а неа ја изврши свештеникот Владимир Попоски. За кум при крштевањето го овластивме брат ми Трпе. На веселбата учествуваа 150 гости, а се одржа во просториите на Вик Петерс Меморијал Хол во Елвуд. Имаше музички оркестар кој ги разонодуваше присутните. Беше многу весело, особено кога играа постарите луѓе Крсте Роштанковски и Науме Јакимоски. Сергија со својата видео камера успеа со неколку кадри од настанот да остави вечен белег од овој наш фамилијарен историски настан. На веселбата имавме присутни: Хрвати, Италијанци, Грци, Австралијанци... но најбројни беа Македонците. Поради работни обврски на веселбата не ни дојдоа тетиновците Милан Стоески и Живко Тупанчески и првите братучеди од Нада, Илинка Ѓорѓиоска и Лазор Иваноски со фамилиите. Веднаш по крштевката од Билјана, другиот ден си одеше за Мешеишта кумот на Нада Ристо Војданоски. Отидов на аеродром за да го испратам. По него за татко ми пратив – 50 долари, за брат ми Спаско – кутија цигари, за мајка ѝ на Нада, Мара Иваноска –шамија. Во писмото, татко ми, покрај другото вели: на ден Иванден по неколкумесечно лекување, почина вашиот дедо, стрико и на мајка ви Љуба, Вангел Спироски. Веднаш му јавивме на братучедот Ламбе Петрески, со кој отидовме кај син му на Вангел, Божин Спироски за да му изразиме сочувство. На 4. 7. подоцна вечерта, за Западна Австралија замина и брат ми Трпе, кого го испратив на локалниот аеродром. Проодолжува |