|
|
ДЕЛ ОД ЕВРЕЈСКО - МАКЕДОНСКА СУДБИНА (38) |
ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА „ИЗРАЕЛ И МАКЕДОНИЈА“ НА СЛАВЕ КАТИН И покрај бројните историски контроверзии за вистинските аргументи, факти, документи, фалсификати и што ли уште не за Израел и Македонија, за еврејскиот и македонскиот народ од бројни автори, во ова дело се пренесени историските факти кои се познати и ја даваат вистинската слика на минатото и сегашноста на овие две судбински поврзани земји и народи. Така, според пишаните документи секој жител на Израел знае дека е директен потомок на еврејскиот народ кој постои откако ја примил Тората (основен текст на јудаизмот) на планината Синај. Според овој мит, Евреите побегнале од Египет и се населиле во Ветената земја, каде што Давид и Соломон го изградиле славното кралство кое подоцна се поделило во кралствата Јудеја и Израел. Двапати биле во прогонство: по уривањето на Првиот храм, во VI век пр.н.е., и по уривањето на Вториот храм, во 70 година од н.е. Исто така, се знае дека во двете илјади години скитање ги довело Евреите во Јемен, Мароко, Шпанија, Германија, Полска, во Русија, САД, Канада и други земји во светот. Но, ако им се верува на приказните, тие секогаш успевале да ги зачуваат крвните врски со раштрканите заедници. Нивната уникатност секогаш останувала зачувана. Кон крајот на XIX век почнале да се стекнуваат поволни услови за нивно враќање во древната татковина. Да не се случел нацистичкиот геноцид, милиони Евреи би го исполниле сонот стар дваесет века и повторно би го населиле „Ерец Израел“, библиската земја Израел. Девствената Палестина ги чекала своите првобитни жители да се вратат и да ја разбудат од сонот. Меѓутоа, овој пат ќе се задржиме на непосредниот повод за публикацијата „Израел и Македонија“. Тоа е повторното отворање на „македонското прашање“ како завереничка концепција на историјата, која не се симнува од дневно-политичката светска сцена веќе 2.500 години, нарушувајќи ги меѓународните односи на овој многу чувствителен простор на Европа - Балканот. Истражувањата на овој план, како и текстовите за „Светата земја“ и репортажите од посетата на авторот на оваа книга на Израел Славе Катин имаат за цел да придонесат за согледување на историската вистина за автохтоноста на македонскиот народ, неговиот национален идентитет и континуитет, како оној на еврејскиот народ, за придонесот на Македонија и Израел во светската цивилизација, но и за Евреите и Македонците и спротивставувањето на историските злоупотреби на македонското и еврејското прашање. Делото „Израел и Македонија“ особено е посветено на Македонија и Македонците, односно на прашањето дали издвоените политички ентитети имаат исклучително право на монопол над историското наследство, односно дали денешните млади генерации, родени и израснати во сите политички конфронтирани дела на Македонија, се одраснати и воспитани со убедување дека Македонците немаат доволно сознанија за историскиот факт дека се делови од еден народ и од една земја која се нарекува Македонија. Како да бидат убедени денешните Грци, чии предци на Балканот дошле во XI век пр.н.е. без ова име, туку дошле како Дорци (Херодот, I, 56), а името не го добиле ни 800 години подоцна во Хомеровата „Илијада“, во VII век пр.н.е.,туку како Ахајци, Аогејци или Данајци, а подоцна како Хелени, Греки или Ромеји (Мпампиниотис, 1998, 596). Како да се сфати тоа што името Македонија не е најтесно поврзано со она што некои современи историчари погрешно го нарекувале „елинизам“. Елините првпат во својата вековна историја, административно го освоиле јужниот дел на Македонија дури по Првата балканска војна во 1912 година, односно во 1913 година (Букурешки договор, 13 август 1913 година). Или како да се задоволат денешните Македонци, кои, исто така, не го „колонизирале“ Балканот со сопственото име, во VI век од н.е., дека во својот автономен процес на развојот, географскиот поим Македонија постепено го прифаќале како знак на национална припадност и создавање македонска национална свест? Што со староседелците во Македонија, со потомците на најголемата светска империја на Александар Македонски итн.? Значи во прашање е процесот на етнонимите. Се работи за еден сложен проблем, кој во македонскиот случај има драматичен карактер и претставува предизвик кој долго ќе биде експлоатиран за да се докаже овој или оној карактер на Македонија, т.е. за да се дефинира македонската нација. Значајно е да се нагласи дека поради подобро согледување на проблемот и наследникот на традиционалната македонска култура и наследството воопшто, бројни истражувања и анализи го опфаќаат прво периодот од прастарите времиња на праисторијата на Јужниот Балкан. Тие ја следат огромната улога на домородците и палеобалканската, односно „егејската култура“ на овој простор, селидбата на Елините - Ахајците со развојот на микенската држава и миграцијата на Дорците. Потоа следи историјата на античка Македонија, македонската окупација на Елада и создавањето Македонска светска Империја и нејзиниот придонес во светската цивилизација, улогата на палеобалканскиот јазик во формирањето на старогрчкиот јазик, македонскиот или Александровиот „коине“, кој денес е основа на официјалниот јазик во Грција и друго. Интересна е судбината на македонскиот свет под владеењето на Рим и Византија во различни периоди со улогата на македонската династија и Александровиот „коине“ јазик, миграцијата на Словените и создавањето на Самуиловото Царство, словенскиот јазик и писменост, како и културниот придонес на македонските Словени во светското наследство. Многу е интересна отоманската окупација на Македонија и нејзиниот период со преродбата на Македонија. Инаку, примарните извори за проучување на древната историја на Македонија, претежно се од грчко, потоа од римско потекло, иако во последно време многу историографи покажуваат сè поголем интерес за оваа материја. Благодарејќи на придобивките кои елинската цивилизација ги наследила од претходните култури (палеобалканската, вавилонската, египетската, хетитската, егејската, критската и пелашката), употребата на писмата и доведувањето на Македонија на чело на европскиот културен свет, многу моменти од праисторијата се осветлени не само со дела и остатоци од материјалната култура, туку и со пишани податоци, кои претежно се наоѓаат во грчката литература. Македонците се родени и живеат од искона на овие простори кои во минатото биле средиште на цивилизираниот свет. Тука никнале култури, се родиле великани со значење не само за историјата на европската култура, туку и за човештвото. Тие ја разбудија свеста кај новите генерации. Често се вели дека тоа што се одиграло во Македонија и во Израел, не може да се спореди со ништо во кој било дел од светот, ниту во кој било период. Затоа, може да се каже дека книгата „Израел и Македонија“ е дел од хрониката на времето и условите на македонскиот народ на историската сцена. Тоа е дело за Евреите и Македонците кои денес имаат независни и суверени држави и успешно ги потврдија нивниот идентитет пред светот. Крај Пишува: СЛАВЕ КАТИН |