|
|
ДЕЛ ОД ПОЧЕТОЦИТЕ НА ЖИВОТОТ ВО НОВАТА СРЕДИНА ВО КЕНТОН, ОХАЈО (5) |
ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА „ЛУ ВЛАШО - АМЕРИКАНСКИ СИН НА МАКЕДОНИЈА“ Таа ракија се изнесуваше само во специјални прилики. Мажите пиеја ракија и пиво – ние децата добивавме сок и безалкохолно слатко пиво направен од концентрат – за прославување на имендени. За нас, тие беа поважни од родендените. Куќата беше отворена за сите – не мораше да ги каните луѓето, нашите пријатели едноставно си знаеја дека треба да дојдат. Но во тоа време, како и можеше да ги повикате? Немавме телефони. Мајка ми ќе подготвеше секаква храна и ќе ја поставеше масата – со пита, кашкавал, сирење, маслинки, понекогаш кисело млеко – но на децата не им беше дозволено да чепкаат по храната. Луѓето не доаѓаа подготвени за голем оброк, сепак, ова беше шанса да се собереме сите заедно, да седнеме и да помуабетиме. Мојот именден – Илинден – беше во лето, на 2 август, а тоа беше и денот на свети Илија, голем македонски празник на кој се празнуваше битката во која Македонците ги победиле Турците во 1903 година. Така што тоа беше најголема прослава на именден во нашето семејството. Навистина не знам каде научив англиски јазик, но претпоставувам дека тоа се случи во соседството со децата. Во школскиот округ Белден во Кентон, имавме секакви националности – Македонци, но исто така и Грци, Италијани, Шпанци, Сиријци, Унгарци и Романци, па дури и две африканско-американски црни семејства. Сиромашни во долари, но богати во се друго Немавме пари. Секогаш се шегувам и велам дека немаме средни имиња бидејќи не можевме да си ги дозволиме финансиски. Кога јас се родив, тое не беше во болница. Се родив на масата во кујна во малата куќа каде моите родители беа под кирија во Пен Плејс во Кентон. Само мојата помала сестра го доживеа тој луксуз да се роди во болница. Имаше периоди кога и Кока кола која чинеше 5 центи се чинеше скапа, бидејќи немавме ни 5 центи. За нашето семејство, беше честење кога ќе поделевме кутија со сладолед и една кока кола на пет дела, за да можат сите во семејството да уживаат по малку во сето тоа. Како и повеќемина во нашето соседство, немавме автомобил. Немавме дури ни фрижидер, имавме кутија со мраз, која се наоѓаше во подрумот. Кога брат ми ја доби својата прва работа, неговата плата влезе во домашниот буџет за да помогне во трошоците на семејството. А кога јас завршив средно училиште, си дојдов дома од церемонијата и веднаш почнав да работам во Репаблик Стил (Republic Steel) во ноќна смена уште истата вечер. За мене немаше забави. Годишен одмор беше нешто незамисливо во тоа време. Два пати сме патувале во посета на фамилијата, со воз, и едно од тие патувања беше во Детроит, за нашето крштевање во македонско-бугарска источна православна црква Свети Климент Охридски. Можеби немавме многу, сепак, имавме еден бесценет, грижлив татко и мајка. Типично за тоа време, татко ми работеше додека мајка ми ги гледаше децата. Можам да се сетам на можеби два пати во мојот живот кога татко ми ќе се налутеше на мене и ќе ми се заканеше со каишот. Но, се остана на закана. Тој беше мирен и умерен човек и ги оставаше „тешките“ работи на мајка ми. Но, тој го имаше последниот збор во нашето семејство. Мајка ми имаше милослива и нежна природа, сите ја сакаа. Таа знаеше кога да побара мислење од татко ми, во сите други случаи, таа правеше се што е потребно за фамилијата. Сепак, иако не бевме богати, мајка ми секогаш сакаше да го сподели тоа што го имаме со нашите роднини кои имаа многу малку или немаа ништо. Се сеќавам кога испраќаше, јас што ги викам, „пакети за грижа“ полни со наша стара облека за членовите од семејството кои живееја во Грција, Романија и во некогашната Чехословачка. Тие беа родители кои секогаш ги ставаа потребите на семејството – а понекогаш и нашите хирови – над се друго. Се сеќавам на еден конкретен пример. Во 1945 година, токму пред крајот на Втората светска војна, мајка ми не однесе мене и сестра ми во центарот на градот да купиме нешто, што ретко се случуваше, пред празниците. Отидовме во Сиарс (Sears), а веднаш до влезната врата од десната страна беа скалите кои водеа во подрум. (Веројатно тоа бил нашиот спрат.) На долниот крај од скалите имаше новогодишна елка со сијалички и излог со кутии со сијалички. Но, тие беа на излог, за време на војната не се продаваа новогодишни сијалички за елка. Тогаш, јас почнав да додевам дека треба да си купиме сијалички. Мама ми рече дека ќе има уште сијалички пред да дојде Божиќ.
Семејството Влашо Можете да претпоставите – секако дека немаше повеќе. Никаде не можеше да се најдат, моите родители бараа насекаде. Постојано додевав и плачев, но не успеавме да најдеме. Моравме да ставиме елка без сијалички. За да ми го направат ќеифот, моите родители земаа една ламба, го извадија абажурот, ставија на неа црвена сијалица и ја ставија покрај елката за да имаме светло во боја покрај нашата елка. Се сеќавам на тој момент како да беше минатата недела. Не се сеќавам многу на Втората светска војна, бидејќи бев многу мал. Но, се сеќавам на сирените за предупредување од воздушен напад, на Европскиот ден на победа (ВЕ ден), кога датумот го врежавме во мокар цемент, и на победата над Јапонија (ВЈ ден), кога на брат ми му дозволија да оди ноќе во центарот на Кентон за прославата. Се уште ја имам книшката за порции храна, која им ја издаваа на сите, и која се уште ги имаше повеќето од купоните, бидејќи немавме пари кои можевме да ги употребиме за да ги купиме тие продукти. Исто така се сеќавам дека мајка ми беше таа што овозможи да го добиеме нашиот прв телевизор. „Децата немаат многу. Земи им еден телевизор,“ таа го молеше татко ми. Така станавме едно од првите семејства во соседството кои поставија телевизиска антена. Нашиот телевизор беше голем, во црно бела техника марка Бендикс, голем колку машина за миење садови, Но, не смеевме многу да го пуштаме бидејќи „можеше да се потроши“! Нашиот дом на улица Фифт стрит бр. 2208 (2208 Fifth St.), во Кентон, каде живеевме поголемиот дел од моето детство, беше на крајот од градот. Во близина имаше училиште, а помеѓу нас и железарата, имаше неколку полиња. Секаде одевме пеш. Сите ние кои работевме во железарата, одевме низ полињата, без оглед на тоа која смена работевме. Ако работевме ноќна смена, одевме пешки. Не се плашевме од ништо. На аголот од улицата се наоѓаше италијанска пилјара, а неколку улици подолу, се наоѓаше продавница која ја држеа Македонци. Одевме пешки и до двете продавници. Кога најпосле се отвори А&П супермаркет доволно блиску до нас, неколку улици подолу, мајка ми и таму одеше пеш. Продолжува Пишува: СЛАВЕ КАТИН |