|
|
ПОЛИТИЧКА ТЕНЗИЈА И ДЕЛ ОД МАКЕДОНСКИТЕ ТРАГЕДИИ (31) |
ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА „ЛУ ВЛАШО - АМЕРИКАНСКИ СИН НА МАКЕДОНИЈА“ Еден од ретките моменти кога Борис спомна политика во нашите разговори е кога ги опиша тешкотиите што ги имал со тогашниот премиер Бранко Црвенковски. Црвенковски со задоволство го малтретирал. Борис се обиде да работи со Бранко, но секогаш бил одбиен. Друг пат, тој ме најде додека бев во Вашингтон за да ме замоли да отидам кај конгресмените и сенаторите за поддршка на една контроверзна македонска кауза. Тој беше под голем притисок да потпише - или да не потпише - документ со кој се одобрува нов универзитет во Тетово. Администрацијата на САД го поддржуваше универзитетот, а Борис сакаше и поддршка од Конгресот. Универзитетот нудеше наставна програма на албански јазик, на што многу етнички Македонци, вклучително и оние во владата, силно се спротивставуваа. Земјата сè уште беше под одредена тензија, откако сепаратистичките албански бунтовници земаа оружје в раце, но Трајковски планираше да го поддржи новото училиште. „Морам да го потпишам, бидејќи работев за мир помеѓу сите луѓе во Македонија“, ми рече тој. „Ако не го потпишам и попуштам под притисокот, морам да се запрашам кој е Борис Трајковски?“ Тој имаше одлични односи со американскиот претседател Џорџ В. Буш. И двајцата беа методисти и се поврзаа за време на нивните средби во неколку наврати. Борис ми кажа дека за време на насилните вооружени судири со албанските бунтовници, по војната во Косово, Буш ќе му се јавеше за да му каже дека мисли на него и се моли за него и за земјата. Во тоа време се запознав и со Зоран Јолевски, тогашен секретар во кабинетот на претседателот на Македонија. Секогаш кога ќе одев да го посетам Борис во зградата на Собранието, иако тој ќе речеше дека ќе биде слободен, секогаш требаше да го чекам. Така, седнував со Зоран и ние двајца воспоставивме одлични односи поради тоа што многу пати чекав претседателот да се ослободи. Го имам посетено Борис околу 20 пати, така јас и Зоран имавме доволно време да се запознаеме. Подоцна Зоран Јолевски стана македонски амбасадор во САД, а потоа и министер за одбрана. Борис Трајковски загина во авионска несреќа во која загинаа сите патници и членови на екипажот, кога одел на економска конференција во магливо време. 26 февруари 2004 година беше тажен ден за неговата земја и лично за мене. Напишав писмо во кое им кажувам на Македонците кои беа моите размислувања за него. Но, направив грешка што не присуствував на неговиот погреб. Размислувањата пред мојата одлука беа дека на погребот ќе присуствуваат илјадници луѓе. Заклучокот е: Пред да почине, тој не можеше да натера десетина луѓе да одат со него по улица поради нивните етнички и верски разлики. Но, кога тој почина, илјадници одеа по неговиот ковчег. Долго време размислував за тоа. Тоа е животна лекција која треба да ја научиме и да ја пренесеме. Зошто постапуваме правилно кога некој ќе почине, а не кога е тука со нас на земјата? СТРАНИЧНА ДОПОЛНИТЕЛНА ПРИКАЗНА НА ПОСЕБНА СТРАНИЦА Запознавање со татковината Македонците во лидерство: Меѓу многуте настани на кои присуствував поради мојата работа со Македонија беше и 18 септември 2007 година, полагањето заклетва на Срѓан Керим од Република Македонија за претседател на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк. Каков горд момент да се биде таму додека еден Македонец беше назначен на највисоката функција во Обединетите нации! Пренесување на историјата: Во 2009 година во Австралија беше објавена книга со наслов „Портрети на паднатите борци за слобода“ од Виктор Бивел. Оваа книга беше споменица за 370 Македонци кои ги загубија животите борејќи се за слобода во денешна Егејска Македонија (Северна Грција). Бев толку импресиониран од оваа книга бидејќи го опфати регионот на селото на моите родители, Брезница. Еден од борците што ги споменува беше таткото на мојот добар пријател, Крис Манговски, кој исто така живее во Нејплс. Неговиот татко бил убиен во Брезница и бил погребан во селото. Го сметам Крис за братучед и можев да му помогнам да добие маркер за гробот на неговиот татко во селото. Крис има сопствена неверојатна приказна. Тој е еден од „Децата белгалци“, деца земени од своите домови во Македонија со изговор дека ќе бидат заштитени од војната што се одвива таму. Наместо тоа, тие беа испратени во домови во други земји, без намера да ги вратат кај нивните родители. На интернет има документарни филмови како „Следната година, во Лерин“, кои ја раскажуваат приказната од нивна гледна точка. „Портрети на паднатите борци за слобода“ беше само на интернет. Го контактирав авторот Виктор Бивел и тој се согласи да ми ги даде авторските права да ја печатам во САД. Испечатив 100 примероци и му дадов примерок на секој Македонец и на сите други кои беа заинтересирани сè додека примероците речиси ги снема. Сакав што повеќе луѓе да ја дознаат нивната приказна. Продолжува Пишува: СЛАВЕ КАТИН |