Македонскиот поет, книжевен критичар, есеист, преведувач и универезитетски професор Звонко Танески ќе биде македонски претставник на овогодинешното издание на реномираниот меѓународен книжевен фестивал Барски летопис, кој се одржува во градот Бар, Црна Гора.
Танески ќе учествува во книжевниот сегмент на традиционалната културна манифестација Барски летопис, која се одржува од 15 јули до 23 август 2013 година во организација на Културниот центар на Бар. Авторската вечер на Звонко Танески ќе се одржи во недела, 18. 8. 2013 година, на платото пред Дворецот на кралот Никола, со почеток во 21 часот. Модератор на програмата е познатиот поет и есеист од Бар – Мирослав Јовановиќ Тимотијев, кој е задолжен за организацијата на целата книжевна вечер, посветена исклучиво на творештвото на Танески.
Звонко Танески е роден на 12 март 1980 година. Доктор е по филолошки науки (Филозофски факултет при Универзитетот „Коменски“ во Братислава), универзитетски професор (Факултет за странски јазици при Универзитетот ФОН во Скопје). Автор е на пет поетски збирки, на три научни монографии и на голем број лингвистички, литературни и културолошки студии. Објавуван е на англиски, италијански, словенечки, српски, хрватски, албански, бугарски, украински, есперанто и словачки јазик. Дел од неговото творештво е публикувано или претставено на повеќе јазици во Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија, Бугарија, Црна Гора, Словенија, Италија, Шпанија, Р. Ирска, Чешка, Полска, Русија, Словачка, Филипини, Индија и САД. Добитник е на повеќе книжевни и научни награди во Македонија и во странство. Редовен член е на Клубот на независни писатели на Словачка (од 2006 година) и на Независните писатели на Македонија и на Здружението на преведувачи на Македонија (од 2012 година). Исто така, тој е и почесен член на словачкиот ПЕН центар (од 2013 година). Автор е и на повеќе книжевни преводи. |