|
|
Гордана Иваноска - ново ликовно лице во Грингила, Австралија |
Неодамна во Австралија допатува брачната двојка Гордана и Гоце Иваноски. Тие своето судбоносно „ДА“ го кажаа пред матичните служби во Охрид, а истото треба да го кажат и пред свештеник во февруари идната година во црквата „Св. Димитрија Солунски“ во Волонгонг. Сопружниците Гордана и Гоце моментално се вселија во домот на родителите од Гоце, кај Зорка и Никола Иваноски во најмакедонската населба во Австралија, во Грингила, населба која се наоѓа во околината на градот Волонгонг. По честитката упатена до младите и домаќините неизбежни се погледите кон ѕидовите на кои висат повеќе ликовни експонати, дела на младата ликовна уметничка, со кои сака да си ја намали носталгијата кон оставените убавини на својата родна Македонија. Таквата глетка ме премами да и` побарам неколку цртежи и краток биографски запис за поблиско запознавање со нашите читатели во Австралија и пошироко. Гордана Темелкоска - Иваноска е родена на 9-ти мај 1984 година во Охрид, Македонија. Во 2009 година таа дипломира на Факултетот за туризам и општествени науки „Св. Климент Охридски“ во Охрид отсек Мениџмент по осигурување. Уште во основното училиште таа ги започнува нејзините ликовни чекори со сликање портрети, класични теми, мртва природа и пејсажи во акварел. Со свои дела учествувала и на неколку изложби во средното економско училиште „Мите Богоевски“ во Охрид, каде експериметира со неколку сликарски техники, но повеќе се задржува на сликање со масло на платно. Нејзините сеќавања уште од најрана младост се нераскинливо поврзани за исконските убавини на својата земја. А подоцна во нејзините дела оставаат свој печат и поклоничките патувања, од кои посебно ќе ја нагласи посетата на Манастирот Острог во Црна Гора. Инспирирана од богатата духовност, минато и култура на својот крај, таа не престанува да ги пренесува своите впечатоци на платно и по доаѓањето во Австралија, каде ќе го продолжи своето усовршување. Да и` посакаме успех во иднина како на приватен план, така и во културното творечко поле, со кое се надеваме дека и македонската заедница ќе ја израдува. Да спомнеме и тоа дека покрај фолк пејачката Јованка Житарова, ликовнава уметничка Гордана Иваноска, на Волино ќе му биде втора снашка од културно творечки профил. Иван ТРПОСКИ
|