|
|
Од патувањата низ Бугарија (5) |
ДЕЛ ОД КНИГАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА” ОД СЛАВЕ НИКОЛОВСКИ-КАТИН ВО МЕЛНИК - ГРАДОТ МУЗЕЈ Брзо стасавме во Мелник, кого често случајните намерници го нарекуваат „град легенда“, „град на виното“, „град на минатото“, а тој, всушност е најмалиот град во Пиринска Македонија и на Балканот, ако не и во Европа. Во него живеат едвај 400-500 жители. Меѓутоа, Мелник пленува со својот необично живописен изглед и архитектонски остварувања. Сместен е меѓу песочните пирамиди на двете страни на Мелничката и Роженската река, претставува град-музеј, бидејќи секоја куќа е музеј за себе, а се зачувани и манастирот „Света Богородица“ и црквата „Свети Никола“, кои зборуваат за богатиот црковен живот на овие простори. Исто така, Мелник пленува особено со старите куќи кои се ремек дела и ретки примероци во архитектурата. Тие се пространи, на два ката со големи чардаци и еркери, а во чии песочни почви се ископани огромни депоа, во кои се чуваат бочвите со прочуеното мелничко вино. Најкарактеристична, најголема и најубава од сите куќи во Мелник е, секако, куќата на еден голем трговец со вино, сместена на највисоката кота на градот во песочниот брег. Бевме информирани дека во таа куќа сe` уште постои бочва која собира до 30.000 оки вино и во која, како што ни рече нашиот познајник, во текот на Илинденското востание, по потреба, можело да се скрие целата чета на Јане Сандански. А сезнае дека овој трговец бил најдобриот пријател на пиринскиот војвода. Мелник има многу интересно минато. Уште во времето на цар Самуил бил важен воен центар, а подоцна станал привлечно место, бидејќи тука континенталната клима се преточува во планинска, а и во алпска погоре кон Пирин Планина. Во минатиот век Мелник бил многу значаен трговски центар и град на престиж меѓу трговците каде што се отворале широки перспективи. Затоа во него, покрај Македонци – Пиринци се доселиле бројни Елини (Грци), Турци, Ерменци, Власи и други, чиj број на крајот од XIX век достигнал до 20.000. Во тој период градот доживува голем растеж и напредок на трговско поле; карвани од коњи и камили натоварени со буриња и мешини мелничко вино секојдневно заминувале на сите страни на светот. Така, карваните на југ оделе до Египет, на запад до Париз и Мадрид, а на север до Будим и Пешта. При враќањето трговците донесувале многу производи од богатите европски пазари, а ја пренесувале и најновата мода во облекувањето. Затоа, често се вели дека Мелник е огледало на едно убаво минато, на големи богатства и раскош. Ваквиот живот бил особено изразен преку богатите куќи, ремек дела на дебарските мајстори, кои големо внимание посветиле на надворешноста и фасадниот изглед, во чии визби со иста температура се чувале големи количества вино. |