Среда, 13 Август 2014   
ОД ПАТУВАЊАТА НИЗ АЛБАНИЈА (4)

slave-katin
СЛАВЕ НИКОЛОВСКИ-КАТИН

ДЕЛ ОД КНИГАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА”

ВО МАКЕДОНСКАТА ОПШТИНА ПУСТЕЦ

Вториот ден од нашиот престој во Албанија појдовме за Мала Преспа. Тоа беше нашиот предизвик, а беше навистина пријатно да се гледа плодното поле, кое некогаш било познато како Бешичко Езеро, а од источната страна надвиснала Иван Планина, која се вишнее над Преспанското Езеро и која била репер за временските непогоди од другата страна на Езерото под Пелистер.

Патот што води кон Мала Преспа се дели од делницата Корча – Билиште и свртува кон север. Во тој период дел од патот беше во реконструкција и патувањето од дваесетина километри го направи напорно. Меѓутоа, сѐ се заборава кога човек ќе пристигне под Иван Планина, над Мала Преспа, каде се наоѓала „единствената порта“ и врска со светот за деветте македонски села.

Бевме информирани дека во времето на Балканските војни, кога дошло до поделбата на Македонија помеѓу Грција, Бугарија и Србија, југозападниот дел на Преспанското Езеро бил придодаден кон новосоздадената албанска држава. До вакво решение се дошло наводно поради тоа што жителите биле економски зависни од градот Корча, кој бил населен со православни Албанци, Власи и Македонци.
Ни беше кажано дека до Втората светска војна албанската држава водела силна асимилаторска политика кон малцинствата, вклучувајќи го и македонското малцинство. Ваквата политика била напуштена по војната, кога Македонците во овој дел на Албанија се признати како македонско национално малцинство со право на образование на мајчин македонски јазик. Меѓутоа, со демократизацијата на албанското општество во последната деценија на XX век, за среќа се создадоа услови Македонците активно да се вклучат во општествено - политичките процеси во Албанија.

Инаку, Мала Преспа или Долна Преспа, како Преспанци ја нарекуваат е географска област покрај југозападниот брег на Преспанското Езеро. Целата област се состои од десетина села коишто се организирани во Општината Пустец. Селото Пустец е најголемата населба, а истовремено е и седиште на општината, чиј градоначалник и сите членови на советот на општината се етнички Македонци. Интересно е да се спомене дека грбот на општината го содржи древниот македонски симбол, 16-зрачното сонце од Кутлеш (Палатица - Виргина) над кое стои натпис на македонски јазик Општина Пустец, а под него и на албански јазик. Во селото работат основно и средно училиште, а овозможено е образование на македонски јазик само до четврто одделение. Во рамките на училиштето во Пустец постои и библиотека со огромен фонд книги на македонски јазик. Всушност, тоа е прв случај на официјална употреба на македонскиот мајчин јазик во Република Албанија.

Во областа Мала Преспа спаѓаат дел од Преспанското Езеро и селата: Глобочани, Горна Горица, Долна Горица, Зрновско (или Зрноско), Леска, Пустец, Туминец, Шулин (Безмиште), Церје, кои ја сочинуваат Општината Пустец, и селата Прогун, Ракицко, Суец, Заградец, во егејскиот дел на Македонија.

Во Мала Преспа живеат околу 5.700 жители, сите од македонско етничко потекло и со православна христијанска вероисповед. Македонците од Мала Преспа се признати како македонско национално малцинство, и како такво тоа има право на образование на македонски јазик. Македонскиот јазик се користи и во општинската администрација и културата. Општината има позитивна демографска слика, и во многуте македонски семејства и домаќинства е карактеристична големата бројка на деца и младо население (по 5 - 6 и повеќе деца). Помал дел од Македонците од Мала Преспа од 1991 година живеат во одморалиштето „Царина“ во Република Македонија (во близина на албанската граница), а голем дел од населението има и македонски државјанства.

Треба да се одбележи дека Мала Преспа е еден од најсиромашните предели во Република Албанија. Населението се занимава со риболов, земјоделство и сточарство но во многу мал обем и во примитивни услови. По соборувањето на некогашниот сталинистички режим и отворањето на границите, повеќето жители се прео-риентирале кон трговија и печалба во Република Македонија и Грција (Елада), а некои работат во поголемите албански градови. Голем број од жителите на Мала Преспа секојдневно мигрираат на пазарите во Скопје, Битола и другите поголеми македонски градови продавајќи разна стока како маслиново масло, коњак „Скендербег“, цигари и разни земјоделски производи и рачно изработени производи, како плетени, дрвени и други предмети. Меѓутоа, во исто време има голем број Македонци кои се врвни интелектуалци и на различни општествени и други позиции и кои се дел од сегашниот и идниот прогрес на Албанија.

Тргнавме да го посетиме селото Пустец. По патот среќававме деца, мажи, жени, стари лица... Со сите се поздравуваме, си зборувавме преспански и им посакувавме добра работа на оние коишто работеа во полето. А селото Пустец, пак, се распространило вдолж ридот над самото Преспанско Езеро. Куќите се од камен, македонски, скромни, како и во многу преспански и други села. Во селото вриеше како во кошница од народ. На сред село се сретнавме со многумина. Разговаравме за минатото, за сегашноста и за иднината на овој македонски народ, којшто го зачувал својот национален идентитет. Сите зборуваат убав преспански говор, на училиште четири години учат на мајчин македонски јазик, имаат амбуланта, земјоделска задруга, киносала, културен дом, неколку колонијални продавници, рибарска задруга. Но, најважно е што имаат чист македонски дух и верба во иднината на македонската нација, на македонскиот јазик, на сè што е македонско. Селото Пустец е единствена македонска општина и една од поголемите населби во Корчанскиот регион и најголемо македонско село во Албанија. А, таму во Долна Преспа се пее, се смее, се игра, се тагува и боледува на македонски мајчин јазик.

Во текот на нашиот престој во селото Пустец, го посетивме островот Мал Град. Тоа беше своевидна авантура. Таму, на прекрасниот и по многу нешта единствен остров на кој, според легендата, живеел цар Самуил, може да се почувствува сета убавина и питомина на Преспанското Езеро и Долна Преспа, која му припаѓа на македонскиот народ, а е поделена на три држави. Островот Мал Град којшто гордо и осамено се вишнее над езерската шир е место за предизвик. Во својата карпеста утроба ја скрил црквата „Свети Петар и Павле“ како споменик на патилата и на страдањата на македонскиот човек на тој простор. Од висината на островот се гледаат неколку пештерски цркви, коишто зборуваат за културното наследство на Македонците кои, не по своја вина, останаа поделени и распарчени.

Во нашите анали ќе остане дека Преспанското Езеро го видовме од Пелистер од Република Македонија и од Долна Преспа, во егејскиот дел од Македонија, а со посетата на Мала Преспа во Албанија го видовме од неговите три страни. Овој споменик на природата, како водена маса и како дел од македонската убавина и судбина, како езеро е тивко и питомо, а е поделено исто како што е поделен и македонскиот народ. И поделениот народ со граници што живее на бреговите на ова езеро ја има таа карактеристика на питомост, македонски менталитет, јазик, култура и љубов кон татковината, но различна судбина.

pustec
Пустец

 

На прво место

News image

Мане Јаковлески: Мојот пат по стапките на месијата 2011 година (8)

Петта станица-десно кон улицата Францис, од каде патот нагло, остро се издига кон Голгота (Калварија...

Историја

News image

Границите на Македонија се таму, до каде што допира римскиот меч

Македонија станува римска провинција во 146 година п.н.е., откако римскиот војсководец Квинт Цецилие...

Иселеници

Култура и туризам

News image

ВО АНКАРА– ГРАДОТ НА АТАТУРК И ПРЕСТОЛНИНАНА ТУРЦИЈА(10)

ДЕЛ ОД ПОСЕТИТЕ НА ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ НА СЛАВЕ КАТИН 

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.