|
|
Античката историја на Македонија и Балканот во делата на западните автори (10 дел) |
(од фалсификати до коректно презентирање) Пишува: Јанко ТОМОВ Пишувања во врска со историјата Се знае и тоa дека Грците честопати пружале отпор против македонската окупација на нивната земја. Грчкиот историчар Диодор Сицилијанецот ова го опишал мошне сликовито: "Во оваа година (околу 330 пред Христа з.м.) во Грција стигнаа вестите за битката близу Арбела и многу грчки градови беа растревожени од растежот на македонската моќ, така што решија да се борат за својата слобода се додека случајот со Персијанците беше актуелен. Тие очекуваа дека Дарие ќе им помогне, поради што му испратија голема сума пари. Тие се надеваа дека ќе ги спојат обете војски, така што Александар ќе требаше да ја раздели својата војска за да им се спротивстави. Од друга страна, доколку Грците останеа само како неми набљудувачи на поразот на Персијанците, тие тогаш ќе останеа осамени без никаква шанса да размислуваат за својата слобода. Лакадемонците (Спартанците, з.м.) тогаш се побунија и упатија повик до Грците да се обединат во борбата за слобода". (Диодор, 17.62.1, 17.62.3 и 17.62.6). Значи, еве уште едно диреткно античко сведоштво, од кое се гледа не само фактот дека тогашните Грци се чувствувале окупирани од Македонците, туку и огромната омраза што тие ја чувствувале кон нив. Грците биле подготвени дури и да се спојат со своите вековни непријатели Персијанците, само за да се ослободат од македонската окупација. Инаку, отпорот на Грците бил скршен од македонската војска, при што загинале над 5.300 Грци. За јасните разлики помеѓу Македонците и Грците пишува и античкиот грчки историчар Диодор Сицилијанецот. Тој опишува една случка поврзана со ранувањето на Александар Македонски во една битка, кога не се знаело дали тој ќе преживее. Кога слушнале за ова Грците, кои биле оставени да живеат во средно-азиските области Бактрија и Согдијана, помислувајќи дека Александар е мртов, се побуниле против Македонците, сакајќи да се вратат назад во својата татковина. За ова Диодор (17.99.5 - 17.99.6) пишува: "Со денови царот лежеше беспомошен и под надзор. Грците, кои беа оставени во Бактрија и Согдијана и кои беа несреќни и се досадуваа живеејќи помеѓу луѓе од друга раса, разбраа дека кралот умрел од здобиените повреди и се побунија против Македонците. Тие се собраа околу три илјади мажи.На патот кон дома претрпеа многу тегоби, а по смртта на Александар сите беа масакрирани од Македонците". Диодор пишува и за бунтот во самите грчки градови против Александар, кој бил предводен од Леостенес. Подоцна, по смртта на Александар Македонски, Грците биле едни од првите народи што се кренале на востание против македонската окупација на нивната земја. Инаку факт е и дека бројни Грци учествувале на страната на Македонската војска, но како засебни единици, при што, во наративните извори од тоа време биле јасно издвојувани од Македонците. Македонците и Грците на неколку места одделно ги споменува и латинскиот историчар Квинтиј Куртиј Руф. Во врска со покорувањето на азиското племе Арахоси и во престојот во нивната земја, К. К. Руф пишува: Таму (Александар, з.м.) ја соединил војската што била под заповедништво на Парменион. Тоа биле шест илјади Македонци, двеста благородници и пет илјади Грци со шестстотини коња-ници. (К.К.Руф, цит. дело, стр. 292). И овде гледаме дека дека Македонците одделно се спомнати од Грците (под чие име, К.К.Руф ги третирал сите народи кои живееле во тогашните грчки градови-држави). И Плутарх ги споменува одделно Грците и Македонците во својата биографија за Александар Македонски (глава 47). П р о д о л ж у в а
|