|
|
Од патувањата по Беломорска Македонија (1) |
(ДЕЛ ОД КНИГАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“) ОД ГРАНИЦА ДО МЕТЕОРА Патувањето низ егејскиот дел на Македонија во исто време претставува и предизвик и возбуда и задоволство и разочарување за посетителот на оваа несреќна земја. Секој што барем малку се запознал со судбината и со трагедијата на коравиот македонски народ од овој дел на Македонија, кој често е нарекуван со терминот „езерска земја“, го доживува тоа чувство. Затоа, еден смртник на Средбата на децата - бегалци рече дека тоа е судбина над судбините, а ќе остане како трагедија на човечкиот род за која ќе се пишува и прикажува уште многу векови. Беше есенско неделно утро. Сонцето штотуку се појавуваше од далечините на планината Беласица од исток, а реката Вардар како да потонала во маглата што се јавува од испарувањето на водата. Ја напуштивме Гевгелија и се упативме кон граничниот премин Света Богородица, за потоа да го продолжиме патот кон Солун. Грција имаше карактер на демократска република и токму во името на таа „демократија“ чекавме три часа на граничниот премин Богородица, кај Гевгелија, грчките царинарници за да удрат печат на некаков неразбирлив „документ“ само за нив, бидејќи грчки печат не се удира на патна исправа што го носи името Македонија. Затоа во тие непријатни моменти помисливме на тиранинот Пизистрат кој, ако се појавеше во третиот милениум, ќе научеше нови методи и тактики во начинот на однесувањето и во борбата за посреќно утро. Ја преминавме границата и влеговме во граничниот простор на Елада (Грција), односно во егејскиот дел на Македонија, каде што за жал, Македонците не ги уживаат ни основните човечки права пропишани со Декларацијата на Обединетите нации, во која е член и НР Грција. Инаку, Егејска Македонија е земјата со чие име уште во античките времиња се означувала малата покраина во непосредна близина на Пела – престолнината на античкото Македонско Царство. Во тоа време Македонија го опфаќала просторот меѓу денешното исушено Пазарско Езеро и долниот тек на реката Вардар. Но, со проширувањето на границите на Македонското Царство, постепено пораснала и областа означена со името Македонија, која античките Македонци ја делеле на Горна и Долна Македонија, пред сѐ, поради нејзините географски карактеристики на просторот. Сепак, таквата поделба на Македонија има политичко, културно, воено и административно значење.
Македонскиот народ во егејскиот или беломорскиот дел на Македонија, според своите карактеристики и обичаи, јазично и етнички и е туѓ на Грците (Елините). Од тие причини грчката буржоазија од првиот момент кога ја проширила својата власт над Егејска Македонија, изградила политика на физичко истребување на македонскиот народ и менување на етничкиот состав во своја корист. Затоа, националниот состав на населението во овој дел на Балканот има претрпено големи етнички промени, особено по Балканските војни и поделбата на Македонија. До Балканските војни македонското население во Егејска Македонија било најбројно. Македонците под грчка власт биле и сѐ уште се изложени на асимилаторска тортура и присилна емиграција, со единствена цел да се измени етничкиот состав на Македонија. Меѓутоа, Македонците не само што постоеле, постојат, туку и ќе постојат, зашто не е лесно да се искорени еден народ, таму каде што живеел со векови и покрај сите мерки на насилие и денационализација. Во егејскиот дел од Македонија продолжија злосторствата, асимилаторската политика врз Македонците и доселувањата на туѓинци (Туркмени) само со православна вера само за да се смени етничкиот состав на населението и Македонците да бидат што помалку. А на оние илјадници прогонети и иселени им е забрането да ги посетат родните огништа, во таа земја на „чудата“ Ја напуштивме границата и се упативме кон Метеора. По повеќечасовното возење стасавме во гратчето Каламбака (со околу 6.000 жители) над кое како орли се вишнеат карпите на Метеора. Градот е сместен во тесната долина меѓу Епир (Егејска Македонија) и рамнината на Западна Тесалија, во сенките на големите карпи на Метеора, кои се геолошки феномен. Според добиените податоци, гратчето постои уште од времето пред Исус Христос. Неговото старо име било Стагој, што според Н. Јанополус потекнува од славјанскиот збор „стаја“ (соба или вдлабнатина во карпа). Модерното име на градот му било дадено во периодот на турското ропство и е кованица од зборот „калебак“ (убава тврдина). За Каламбака, кој денес е еден од најпривлечните копнени градови кај јужниот сосед, во минатото се воделе бројни битки. Така, градот бил под окупација на Филип I Македонски, под окупација на Римјаните, Византијците, Турците, па дури во 1348 година бил под суверенитет на Стефан Душан, а пoтоа и на неговиот брат Симеон Урош, кога Стагој доживеал силен подем. Околу илјада колосални карпести гребени се издигаат вертикално и се надвиснуваат над градот Каламбака и селото Кастраки во западните падини на планината Андиксија, од каде истекува реката Пинеиос која извира од планината Пинд и се влева во Солунскиот Залив. Тоа е единствено место со такви гребени кое се претворило во град на карпите во доцниот византиски период, град на врвот од карпите со стотина монаси кои се заградиле во висините за да ја зачуваат својата приватност. Овие огромни карпи предизвикуваат восхит и чудење кај секој посетител со нивната монументалност и храброста на нивните први посетители - освојувачи на тие непристапни терени, од кои многумина и го загубиле животот. Името Метеора значи „средба во воздухот“. Тоа е современ збор и не е пронајден кај древните писатели. Прв бил Атанасиус од Метеора, пронаоѓачот на манастирот „Спасител“, кој прв се искачил на карпите во 1344 година на „Широката карпа“, име што се употребува за сите карпи. Таму, за тие чудесни карпи, тешко може да се најде објаснување за нивното создавање и опстојување со оглед на тоа дека биле изложени на силни ветришта, дождови, земјотреси и други различни природни непогоди. Денес е многу лесно човек да се искачи до манастирите, пред сѐ, по скалите што се изделкани во периодот од 1922 до 1925 година. Меѓутоа, пред тоа искачувањето било возможно само со јаже и со мрежи. Се поставува прашањето како дошле првите калуѓери. За тоа постојат многу преданија. Некои велат дека луѓето се искачувале со набивање клинови со чекан во карпите, некои, пак, мислат дека високите дрвја што растеле во карпите им помагале во тоа. Имало и мислење според кое првото качување било изведено со помош на змејови кои со јажиња биле префрлувани од другата страна. Никој не знае точно кога првите аскети и монаси свиле гнездо над карпите во Метеора. Но, се претпоставува дека уште во IX век имало монашки живот на тие простори. Првите монаси живееле во природни пештери, а се претпоставува дека тие се собирале на служби во неделите во Стагој (Костраки) уште во XI век кога и започнале да ги градат манастирите на високите карпи, каде подоцна, во XVI век, е отворено и првото училиште, познато како „училиштето на Метеора“, кое и во времето на Отоманската Империја извршувало значајна верска функција.
Продолжува
|