|
|
ЛЕТОНСКАТА НАЦИОНАЛНА БИБЛИОТЕКА ГИ ДОБИ ПРВИТЕ МАКЕДОНСКИ КНИГИ |
Летонска национална библиотека Рига, Летонија, 23 октомври 2014 Од цртеж инспириран од летонските бајки до ремек-дело на архитектурата. Летонско-американскиот архитект со светско реноме Гунар Биркетс го оствари својот сон за родната Летонија: замокот на светлината блеска и ден и ноќ со својата импозантност покрај реката Даугава и во прегратка ја има цела Рига. Во замокот на светлината не е сместена само Летонската национална библиотека, туку и летонскиот национален стремеж за слобода и независност. По повод отворањето на новата Летонска национална библиотека и 95 години од нејзиното основање (1919) како и 18 години од воспоставувањето на дипломатски односи меѓу Македонија и Летонија донирани беа првите македонски книги на оваа реномирана институција и една од најголемите библиотеки на Северот од Европа. Донацијата македонски книги од име на Македонија и Македонската национална библиотека ја предаде Гоце В. Дуртаноски, предавач на Летонската христијанска академија заедно со студентите и колегите од бордот на Акедемијата. „Се надевам дека овие книги ќе бидат мост на пријателство меѓу нашите народи, подигнувајќи ги културните билетерални односи и соработка на повисоко ниво“, истакна Дуртаноски при предавањето на донацијата. „Оваа донација го одбележува и проектот Рига 2014 како европска културна престолнина и го поздравува претстојното летонско претседателство со Европската унија од 1 јануари 2015, целосно давајќи признание на Летонија како 'голем поддржувач на македонските аспирации за членство во Унијата' - потврда која ја искажа летонскиот министер за надворешни работи Едгарс Ринкевич при неговата официјална посетата на Македонија во август годинава“, додаде Дуртаноски. Заблагодарувајќи се на донацијата книги и за личниот подарок реплика на македонски ракопис за неговиот кабинет, г. Андрис Вилкс, директор на Летонската национална библиотека ги потврди одличните пријателски односи меѓу Македонија и Летонија: „Имајќи во предвид дека Летонската национална библиотека само што се в доми во новиот објект и бројката на посетители е над очекуваното, сепак за многу скоро ќе одговориме на овој ваш несебичен гест и ќе возвратиме со сличен подарок летонски книги за Македонската национална библиотека. Најверојатно тоа ќе го сториме преку вас, бидејќи вие станавте наш голем пријател и алка на поврзаност меѓу двете земји и нашите национални библиотеки. И повеќе од тоа, вие сте дел од нашиот образовен систем и колега од Летонската христијанска академија со која негуваме исто така одлични професионални релации“ - потенцира Вилкс. Викторија Москина, координатор за меѓународна соработка на Летонската национална библиотека се осврна на неколкумесечната кореспонденција и подготовка за прием и дигитализација на донацијата книги од „амбасадорот на добра волја Дуртаноски„ како и посебниот интерес на Дуртаноски за збогатување на фондот при Институтот за ракописи, ранопечатени книги и картографија кој е дел од Летонската национална библиотека. Професорот Гунтис Дишлерс од бордот на Летонската христијанска академија ја поздрави иницијативата на колегата Дуртаноски како „уникатна, едукативна и како голема придобивка за граѓанската дипломатија преку која Дуртаноски ја поврзува не само Македонија со Летонија,туку и многу други народи и држави. Неговото присуство кај нас на Академијата и воопшто во Летонија е придонес од големи размери и ништо друго не можеме да кажеме освен едно големо благодарам“Â - заврши Дишлерс. Со потсетување на 100 годишнина од почетокот на Првата Светска Војна и сите злодела што ѝ се случија на Европа во 20 век како и свесноста за денешните гео-политички турболенции кои го снаоѓаат светот церемонијата заврши со предавање на еден посебен подарок за музејот на библиотеката: оригинално парче бетон од Берлинскиот ѕид со кој одбележуваме четврт век (25 години) од крајот на Студената војна и почетокот на обединување на Стариот континент. „Летонската национална библиотека сеуште ја има улогата 'симбол на летонската слобода' и ова парче камен од европската историја е вистинското место да биде дом на овој експонат“ - заклучи Дуртаноски. Посетата на библиотеката заврши со посета на ексклузивната изложба „Книга: 1514-2014“ во која е прикажан 500 годишниот развој на печатењето книги во Европа и нивното значење како културно наследство. Оваа изложба ги содржи најзначајните и најскапите книги испечатени на европско тло, некои од нив се за првпат изнесени од библиотеките/земјите каде се чуваат под посебни услови и сигурност. П.С. Покрај главната донација - едицијата 135 (133) македонски книги Гоце Дуртаноски на Летонската национална библиотека и Институтот за ракописи, ранопечатени книги и картографија донираше и еден документ од познатиот историчар и картограф Себастијан Минстер од 1560 година, латинското издание Oratoria in Tabulas од Хиеронимус Фреер од 1754 година и помал број на холандски и германски книги. П.П.С. Георги Гоце В. Дуртаноски е предавач на катедрата за библиски писма на Летонската христијанска академија по предметот/техниката краснопис на старите писма со фокус на глаголица и стара кирилица. Летонската христијанска академија е единствена институција во Европа која ја негува христијанската уметност и вредности. Превод и адаптација на македонски: Г. Г. В. Дуртаноски Фотографии: Аугуст Зилбертс, Гунтис Дишлерс, Алексеј И. Кошкин, Г. Г. В. Дуртаноски |